Штипјани кројат и лозја, не само кошули

2.108

Како средношколец секој распуст работел земјоделски работи и се сончал меѓу лозите. Денес, 10 години подоцна, како професионалец и енолог со искуство, повторно би го одбрал истото. Нашиот соговорник, штипјанецот Филип Камчев, може да се гордее со своето вино кое ја носи етикетата „Киево“

Дваесетиседумгодишниот Филип Камчев е штипјанец, а по професија е енолог. Откако знае за себе, неговото семејство се занимавало со земјоделие. Неговиот дедо Камче Арсов е роден во селото Долно Трогерци, во подножјето на ридот Киево, па оттаму и името на оваа семејна винарија „Киево“. Токму тука се наоѓа и неистражен археолошки локалитет на кој е пронајден камен со исцртан сад, кој винаријата го искористила за своето лого.

„Иако дедо ми се преселил од родното село Долно Трогерци (14 километри од Штип), во градот, во 1962.година, никогаш не престанал да се занимава со земјоделство. На почетокот земјоделското производство било ориентирано кон житарици, лубеници, дињи, пченка, но подоцна се сконцентрирале на лозарството. Впрочем, токму тука е и зачетокот на идејата еден ден да го спакуваме своето грозје во шише“, ја почнува својата приказна 27-годишниот Филип.

Првата парцела со лозје од 3 хектари ја насадиле во 2009-тата година, а тоа е и периодот кога тој поактивно се вклучил во семејниот бизнис. Подоцна насадиле уште 2 парцели со Вранец и нивната винарија Киево се стекнала со вкупно 7 хектари сопствени лозови насади.

Првичниот план за лозов насад бил да се посади парцела од 3 хектари со Вранец, но поради ‘слатка грешка’, половината од калемите биле Ризлинг.

„На почеток ова беше големо разочарување, но подоцна увидовме дека е добро бидејќи имаме и друга сорта, која воопшто не е типична за овој регион, но со добро определување на времето на бербата, може да се долови типичниот ризлинг со високи киселини и цитрусни ноти“, објаснува Филип.

Кога почнал поактивно да се вклучува во работата тој имал само 15 години.

„Во тој период бев прва година средно што значи дека најчесто викендите ми беа резервирани за некоја од земјоделските операции, а за време на летниот распуст се сончав помеѓу редовите во лозјето. Искрено, во тие моменти често сум гледал и со презир на работата, но денес, 10 години подоцна, откако веќе имам дипломирано и работено повеќе професии, меѓу кои, шанкер, винар и енолог во една голема визба, повторно би одбрал да сум меѓу редовите“, категоричен е Филип и во тој контекст ја цитира својата омилена реченица од филмот Bottleshock: „Well, Sam, this is where wine is made, the vineyard. And the vineyard’s best fertilizer is the owner’s footsteps“. (Па, Сем, тука се прави виното, во лозјето. А најдоброто ѓубриво на лозјето се стапките на сопственикот).

А неговите стапки се буквално насекаде на патот на грозјето – од лозјето до шишето.

„Репетативната работа, физичкиот контакт со буквално секоја лоза 3 до 4 пати во една вегетациска сезона, размислувањето за тоа што било лани и што да се преземе за догодина, притоа извлекувајќи максимум од моменталната состојба, ми овозможува да гледам низ призмата на финалниот производ, односно, шише вино. Тоа за мене е најголемата награда што може човек да си ја даде себеси – можноста, користејќи ги сетилата да го изоди патот на грозјето – од лозјето до шишето“, вели Филип.

Во подрумите на неговото семејство секогаш имало по некое шише вино и ракија. „Кога дедо ми се преселил во Штип, по кратко време купил лозје во подножјето на највисоката точка во Штип, Клисибаир од каде и почнува малку посериозен пристап кон производство на вино, од аспект на тоа да се посвети повеќе внимание, да се купи некое добро буре и слично. Но во почетокот на 2000-тата повторно се враќаме на корените и нашето производство целосно е ориентирано во атарот на с. Долно Трогерци.

Повеќегодишната традиција на производство на вино ни овозможила да стекнеме некое искуство дозволувајќи си да пробуваме и да грешиме“, раскажува Филип. Одлучен да придонесе за семејниот бизнис тој во 2014-та се запишал на земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

„Четвртата  година ја завршив во 2018 на дисперизираните студии во Кавадарци на смерот енологија. За среќа, по дипломирањето веднаш најдов работа во една локална винарска визба која всушност е една од поголемите визби во Македонија. Таму работев три ипол години и во овој период фатив 4 гроздобери работејќи речиси на сите позиции во примарното производство вклучувајќи и раководител на секторот за примарно производство и наливно вино. Тука се стекнав со големо искуство кое ми помогна да направам добра паралела помеѓу праксата и теоријата. Сиве овие години татко ми, Сашо Арсов е главниот мајстор кој добро ги следи моите инструкции, но воопшто не се воздржува  да додаде и некоја негова иновација која знае да вроди со плод. Секако, купажирањето на вината, филтрацијата, контролата на основните параметри и одобрувањето шишето да се затвори, е моја одговорност“, вели Филип објаснувајќи дека тој се презива различно од родителите затоа што го зел презимето по неговиот дедо, Камче кој е и кумот на семејната винарија „Киево“.

Бидејќи целата работа во винарската визба ја вршат фамилијарно, тука е вклучена и неговата мајка Валентина.

„Мајка ми е многу организирана и вредна личност што бргу учи и лесно се прилагодува на работните услови кои знаат да бидат и напнати. На крајот од денот, по добро сработената работа, се прави ручек кој добро би се спарил со нашиот Ризлинг или Вранец“, се смее Филип.

Иако неговата фамилија има долгогодишно искуство со производство на вино, винарската визба Киево е регистрирана во 2021.година. Самата винарија е лоцирана во село Долни Балван, на 10 километри од  Штип и моментално располага со капацитет од 12.000 литри. Засега имаат 2 производи, Ризлинг и Вранец.

„Оваа година планираме да додадеме барем уште 2 производи, кои ќе бидат исто од нашите насади, но во друг стил. Во иднина планираме да ги прошириме нашите лозови насади и да додадеме уште некоја сорта на нашите полици. Вината на Киево можат да се најдат речиси во сите кафеани во Штип, Нецко 2, Штипска куќа, Воденицата кај Јове, Еснаф, Кај Дацо, Заки, Изгрев, Верона, САЕ, Асторија, Торнадо, Кај Мацо и би го нагласил штипскиот паб Only Fools and Horses каде што ни даваат одврзани раце за организирање на било какви настани и промоции на нашите вина. Исто така, ако некој сака да ужива во нашите вина во домашни услови, ги има во специјализираната продавница за алкохолни пијалаци „City Point“ во центарот на Штип. Во текот на овој месец планираме и започнување со онлајн продажба за да овозможиме нашите вина да ги пробаат и жителите од другите градови“, завршува Филип кој кога зборува за винаријата и за нивните вина, е полн со планови, со ентузијазам и знаење кои резултираат со одлични вина.

Гарантираме за Вранецот. Испробан е и има впечатлив вкус на свежо шумско овошје кој останува на непцето долго откако ќе го испиете.  

Главата не боли! Дефинитивно.