Што ќе јадат ѕвездите по Оскарите: 30 килограми кавијар, 22 килограми тартуфи и 25.000 мали порции

Фото: EPA/CHRIS TORRES
5

Легендарниот готвач Волфганг Пак со тим од 445 луѓе ќе подготви повеќе од 70 јадења за 1.500 гости на традиционалниот бал по доделувањето на Оскарите

Кога станува збор за гламурот на церемонијата на доделувањето на Оскарите, спектаклот не се случува само на сцената. По доделувањето на наградите следи и подеднакво раскошна гастрономска прослава – традиционалниот Governors Ball, каде што ѕвездите наздравуваат и слават со врвна храна.

Оваа година, за 98. издание на Оскарите, што ќе се одржи во Долби Театар во Лос Анџелес, за менито повторно е задолжен легендарниот готвач Волфганг Пак. Тој по 32-ри пат ја организира официјалната вечера по церемонијата.

Пак и неговиот тим од дури 445 луѓе подготвуваат повеќе од 70 различни јадења за околу 1.500 гости. Во кујната ќе работат 75 готвачи за солени јадења, 45 слаткари, како и голем тим за послужување и организација.

За вечерта се планирани дури 25.000 мали порции, за гостите да можат да пробаат различни вкусови од светските кујни.

– Може да имате јапонска храна, австриска храна, или секогаш најдобриот стек – изјавил Пак.

На менито луксуз и комфорт храна

Интересно е што покрај луксузните состојки, на менито се наоѓа и храна која многумина ја сметаат за „comfort food“.

Меѓу јадењата ќе има:

  • пилешки пот-пај со тартуфи
  • пица со чаден лосос
  • макарони со сирење
  • мини бургери од вагју говедско месо
  • стекови и разни интернационални специјалитети

Но вистинскиот луксуз се гледа во количините на премиум состојки кои ќе се користат.

Импресивни количини на деликатеси

За оваа вечер се предвидени:

Околу 22 кг црни тартуфи, кои ќе се користат во 1.200 пилешки пот-паи

Околу 14 кг кавијар Калуга

136 кг чаден лосос

Околу 90 килограми томахавк стек

Во салата ќе има и посебна суши-станица со пет готвачи, кои ќе подготвуваат суши пред гостите.

Коктели инспирирани од филмовите

Покрај храната, гостите ќе уживаат и во тематски коктели со текила од брендот Don Julio, како „Maestro Martini“ и „The Sequel“.

Ќе се служат и саке од Dassai, како и шампањ од Piper-Heidsieck.

Десерт со златен допир

За оние што ќе имаат место и за десерт, ќе има машина за свеж италијански сладолед – џелато, кој ќе се подготвува на лице место.

Но вистинскиот спектакл доаѓа на крајот: чоколадни статуетки во форма на Оскар, кои ќе се прскаат со 24-каратно течно злато – за што се подготвени околу 7,5 литри златна течност.

Со вакво мени, дури и оние кои нема да ја однесат дома златната статуетка сигурно ќе си заминат од забавата со вкус на вистински холивудски гламур.