Што ќе јадете во ексклузивен ресторан кога сте го уништиле земјоделието во околината? За традицијата, агроекологијата, иднината – конгрес на Слоу фуд Македонија

288

Денес често не знаеме што јадеме, храната патува од едниот до другиот крај на светот, создавајќи огромно загадување, а свежината и квалитетот се под знак прашалник.
Улогата на Слоу фуд е да го покаже патот кон поздрав однос со природата преку храната затоа што храната што ја јадеме не поврзува со земјата и е составен дел од нашиот идентитет. Ова беше и една од пораките од Вториот конгрес на Слоу фуд Македонија

Она што го започна активистот Карло Петрини уште во 1989 година во италијанскиот град Бра, прерасна во организација која денес има членови во 160 земји во светот.

Една од земјите кои веќе 16 години се дел од семејството на Интернационалната мрежа на Слоу фуд, е и Слоу Фуд Македонија која деновиве во Битола го одржа и својот Втор конгрес во присуство на 70 делегати од конвивиумите од цела Македонија.

„Нашите млади започнаа да размислуваат и да сонуваат за свое парче земја, за своја нива, своја храна и свој рај. Сите го слушнавме повикот на природата, затоа и мотото на вториот конгрес е „Доди на трпезата“ заеднички да седнеме и да споделиме храна, идеи и размисли за нашата храна, а преку неа да креираме промени“, истакна битолчанецот Николче Николовски, претседател на Националниот одбор и член на Меѓународниот совет на Слоу Фуд Интернационал.

Она што е во основата на ова движење е заштита на традиционалното и одржливо земјоделство, зачувување на традиционалните методи на одгледување и преработка на храната и одбрана на биолошката разновидност.

„Слоу Фуд“ верува дека единствената форма на земјоделство што може да понуди развојна перспектива, особено во најсиромашните делови на планетата, е онаа заснована на мудроста на локалните заедници кои живеат во хармонија со екосистемите што ги опкружуваат.

Всушност, во Слоу фуд повеќе се работи за состојбата на свеста, за освестувањето за она што стои зад „полиците“ во супермаркетите.

„Важно е луѓето да бидат свесни за цената што ја плаќаме за поддршка на сегашниот систем, цена која не може да се изрази во пари.

Погледнете малку околу себе и ќе видите како пејзажите стануваат се поаветински“, велат оттаму.

Денес често не знаеме што јадеме, храната патува од едниот до другиот крај на светот, создавајќи огромно загадување, свежината и квалитетот се под знак прашалник, речиси ги истребивме сите риби во морињата и океаните.

Улогата на Слоу фуд е да им каже на луѓето што стои зад денешниот систем, да ги разоткрие неговите огромни неправди.

Останува на луѓето, откако ќе се соочат со овие факти, слободно да одлучат дали ќе се полнат себеси со ѓубре, ќе ја поддржат експлоатацијата на луѓето и природата и ќе го стават идиотизмот на врвот на приоритетната листа или таму ќе го стават она од што им зависи животот.

Во спротивно, како и многу цивилизации пред нас, ќе доживееме колапс, освен што овој пат ризикуваме да не постоиме повеќе како вид кога чудото на постоењето ќе започне нов циклус.

Ова е она што го порачува Слоу фуд од сите страни на светот, а ние го поддржуваме, исто како што ја поддржуваме и основната идеја на Слоу Фуд за производство и потрошувачка на храна на локално ниво и директен контакт помеѓу купувачот и производителот.

Секако, тоа е производство кое наследува традиционално знаење, заедништво, стари сорти и биодиверзитет, но не значи враќање во земјоделството од пред два века.

Предизвикот е да се усогласи она што новите технологии ни го обезбедуваат со традиционалното знаење.

Оттука и заклучокот од конгресот на Слоу Фуд Македонија гласи: „Слоу фуд е и знаење од кое се учи, што може да се дели и разгранува, а најважно од се е да се соочиме со сериозноста на овој историски момент и со дејствување, со визија и позитивна перспектива, да делуваме инспиративно на  заедниците, да градиме, спојуваме, обединуваме“.

Конгресот се реализираше со финансиска подршка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка SIDA и We Effect, како дел од проектот „Зајакнати капацитети на Слоу Фуд Македонија за агроеколошка транформација“.