Често во рестораните гледаме гости кои ја нарачуваат храната, јадат едвај четвртина, а другото го оставаат без око да им трепне. Дали станува збор за аздисаност, за некултура или едноставно, незаинтересираност за реалноста на сите гладни наоколу и во светот, кои би биле среќни кога би можеле да добијат макар и само толку колку што се остатоците од нивните чинии?
Ви се случува ли често да зготвите нешто, да ви дојдат гости, да ги наполнат чиниите и да ги остават полуиспразнети? Ви се случува ли да одите во ресторан и да видите луѓе кои нарачуваат храна, јадат едвај четвртина, а другото го оставаат без око да им трепне.
Дали и вас срцето ве боли додека ги празните недојадените чинии? Дали кога гледате како чиниите со недојадени оброци се трупаат едни врз дури за потоа да се истресат во кантите за отпадоци, си замислувате како би им изгледало ова на оние чии деца умираат од глад?
Се прашувате ли некогаш – ЗОШТО?
Некој можеби ќе каже дека, едноставно се најале, дека порцијата била поголема отколку што мислеле или пак дека не им се допаднал вкусот?
И тоа е сосема легитимно, но сепак не е оправдување за фрлање храна.
Тажен трофеј на ароганцијата
Во такви случаи, најкултурно и најодговорно би било да побараат храната да им биде спакувана и да ја понесат дома. Ако во моментот се сити, добро ќе им дојде подоцна или следниот ден, а ако не им се допаднала, можеби ќе им се допадне на домашните миленици или на бездомните животни. Не се секирајте, нема да изгледате бедно и никој нема да ве гледа чудно – напротив.
Ако јадењето што некој го остава во чинијата било навистина нејадливо, тогаш љубезно се упатува критика до персоналот и се остава можност за корекција – наместо демонстративно да се замине од масата со оставената храна како тажен трофеј на ароганцијата.
Почитта кон храната значи и почит кон себе, кон луѓето кои ја приготвиле и кон светот во кој недостигот сè уште е реалност за многумина.
Знаете ли дека секоја оставена трошка – која некаде би можела да биде животна потреба – зборува за тоа колку сме се оддалечиле од вистинската вредност на храната.
Чинијата не е симбол за статус – туку за свест
Навистина, дали кога ќе ја оставите чинијата само наполу испразнета, пијалакот недопиен или колачето каснато еднаш-двапати, имате грижа на совест или е тоа за вас нешто за што воопшто не размислувате и само уште еден знак дека „можете да си дозволите“? Дека не мора да внимавате – ниту на трудот вложен во таа храна, ниту на цената, ниту на фактот дека некаде, за некој кој е гладен, вашите остатоци би биле навистина превкусен оброк.
Во глобален контекст, оставањето наполу изедено јадење во чинијата сè повеќе се смета за неодговорно и неетичко однесување – особено во време кога се водат сериозни кампањи против фрлањето храна и климатските последици од прехранбената индустрија.
Како е во дел од азиските земји?
Во многу култури, особено во азиските, оставањето храна може да се доживее како непочитување – и на домаќинот, и на храната.
Во Индија, треба да изедете сè што е на чинијата бидејќи се смета дека тоа покажува почит кон послужената храна, а храната во Индија е света.
Истото важи и за Јапонија. Јапонците сметаат дека е некултурно да оставате храна на чинијата по оброкот, без разлика дали сте дома или во ресторан.
Во западниот свет, каде културата на изобилие долго доминираше, сепак почнува да се менува перспективата. Се појавуваат концепти како „zero waste“, одржливост, етичко конзумирање, а на фрлањето храна, без објаснување или без обид таа да се искористи, почнува да се гледа не само како на израз на некултура и невоспитаност, туку и како социјална неодговорност и еколошки штетно однесување.
Општествата во кои има толку многу аздисани и прејадени, каде изборот е толку голем, што ништо веќе не се цени, не можат да се пофалат ниту со емпатија, ниту со свест.
Во време кога светот зборува за одржливост, климатски кризи и глад, фрлањето храна е повеќе од некултурно – тоа е слика на духовна сиромаштија облечена во бренд.