Генетичар открива што се крие во омиленото фаст фуд јадење – и зошто тоа воопшто не е здрава опција. За утеха, имаме и рецепт за домашни пилешки крцкави залчиња
Повеќето од нас, во помала или поголема мера, се слаби на брзата храна. За некого тоа се сендвичи, за други бургери, за трети разни варијанти со тортиљи, а за некои – омилен избор од фаст фуд понудата се пилешките залчиња (нагетси).
Тие се вкусни, крцкави и на прв поглед делуваат како „поприфатлива“ опција во рестораните за брза храна. Многумина сметаат дека може да се занемари панираната коричка полна со лоши јаглехидрати и масло, ако внатре сепак има нешто вредно – протеини.
Но, проблемот почнува токму тука.
Што има навистина во пилешките нагетси?
Како што предупредува генетичарот Тим Спектор, кој со години го истражува влијанието на храната врз здравјето и за тоа често зборува на социјалните мрежи и во емисијата What Not To Eat на британски Channel 4, пилешките нагетси спаѓаат во групата високо преработени производи.
Во најголем дел од индустриските варијанти, не станува збор за парчиња пилешки гради, туку за механички одвоено месо, кое се меша со вода, скроб и дополнителни протеини, а потоа се обликува во препознатливата форма.
При ваквата обработка, природниот вкус на месото речиси целосно се губи, па подоцна се „поправа“ со засилувачи на вкус, стабилизатори и емулгатори. Фокусот не е на нутритивната вредност, туку на текстурата, трајноста, лесниот транспорт и визуелната привлечност на производот.
Добрата вест за оние што не сакаат да се откажат од овие вкусни залчиња е дека многу лесно може да се подготват и дома – без штетни адитиви и без голем напор. Освен квалитетно пилешко месо, потребен ви е и вистинскиот рецепт.
Тајната е во додавањето добро зачинета мешавина од лебни трошки (презли) и млеко во меленото месо – трик што не само што го подобрува вкусот, туку гарантира и сочност.
Домашни пилешки нагетси од рерна
Состојки:
450 г мелено пилешко бело месо или стек
60 г панко трошки (може и обични презли)
(Ако не знаете, станува збор за јапонски лебни трошки направени од бел леб без кора, кои апсорбираат помалку маснотии од обичните лебни трошки и остануваат крцкави подолго. Зборот панко е јапонски – „пан“ значи леб, а „ко“ значи брашно.)
45 г растопен путер
25 г ситно рендан пармезан
30 мл млеко
3 г сол
2 лажички сув магдонос
1 кришка леб или 25 г лебни трошки
1 јајце
прстофат лук во прав
прстофат бибер
Приготвување:
Загрејте ја рерната на 190 °C. Ставете го лебот во сад и прелијте го со млеко, па оставете неколку минути да омекне. Додајте сол, бибер и лук во прав и измешајте со раце додека не добиете мека смеса.
Меленото пилешко ставете го во поголем сад, додајте ја мешавината од леб и кратко измешајте – само колку состојките да се соединат. Не мешајте предолго. Со лажица земајте од смесата и обликувајте нагетси.
Во посебен сад измешајте панко трошки, пармезан и сув магдонос. Секој нагетс најпрво премачкајте го со разматено јајце, потоа валкајте го во мешавината од трошки додека целосно не се обложи. Наредете ги на плех обложен со хартија за печење.
Со половина од растопениот путер премачкајте ја горната страна на нагетсите и печете 7 минути. Потоа извадете ги, превртете ги, премачкајте со остатокот од путерот и печете уште 8 минути, додека не добијат убава златна боја.
Оставете ги неколку минути да се оладат пред сервирање.