Сите лажат, не само политичарите! Каде и да се свртите, некој ќе ве излаже, дури и за едни обични краставици на пазар

Фотографијата е само илустрација за текстот
1.949

Пред една недела купуваме од една тезга свежи краставици од човек кој вели дека се тоа негови краставици. Ги продава по 50 денари за килограм. Завчера, одиме на истата тезга да купиме пак, а тој вели: 100 денари за килограм! Тоа се истите краставици и истиот човек, ама денот е 30 април, ден пред Први мај. Го прашуваме како тоа наеднаш се двојно поскапи, а тој мртов-ладен вели: Не е до мене, толку ги земам и јас, ја качија цената пред празници!
Кој ја качил цената, нели беа ваши краставиците?! И така…

Лагите постојат откако има луѓе. Познато е дека речиси сите лажат, дури и оние кои брзо и лесно се колнат во својата вистинољубивост. Сепак, не лажат ситеподеднакво често или од исти причини. Исто така, сите лаги не се подеднакво опасни бидејќи не предизвикуваат подеднакво тешки последици за оние кои паднале во замката на лагите, како на туѓите, така и на своите.

Инаку, кога станува збор за политичарите кои се дефинитивно најголемите лажговци на светот, мораме како олеснителна околност да споменеме и дека лагата како политичка алатка не е ништо ново. Уште во 16 век, Николо Макијавели го советувал владетелот да се труди да биде искрен, но да лаже во моменти кога поради зборувањето на вистината „ќе ја изгуби предноста“. Луѓето не сакаат да ги лажете, сметал тој, „но оној што лаже секогаш ќе најде такви што ќе бидат излажани“.

Е каква врска има тоа со Арт кујна? Па има, затоа што лажговци и излажани нема само по митинзите на политичките партии и на претседателските кандидати, туку и по пазарите.

Ете каква врска има!

Ние од Арт кујна многу ги сакаме пазарите, а најубав, најбогат и најевтин, за разлика од оној тафталиџанскиот и тој на Буњаковец, ни е Зелениот пазар. И ете, изгледа дека си се лажевме дека таму барем има и тезги на кои наместо препродавачи, своите производи ги продаваат самите тие, производителите.

И сигурно има, ама веќе не сме сигурни кои се навистина производители со свои производи, а кои само препродавачи.

На пример, пред една недела купуваме од една тезга свежи краставици од еден човек кој ни вели дека се тоа негови краставици и ги продава по 50 денари за килограм. Завчера, одиме на истата тезга да купиме пак еден килограм и повеќе ја нема цената на која пишуваше 50 денари. Нема никаква цена, па го прашуваме колку се краставиците, а тој ни вели: 100 денари. Тоа се истите краставици и истиот човек, ама денот е 30 април, ден пред Први мај. Го прашуваме како тоа наеднаш се двојно поскапи, а тој мртов-ладен вели: Не е до мене, толку ги земам и јас, ја качија цената пред празници!

Кој ја качил цената, нели беа ваши краставиците, го прашувам јас.

Ме гледа бледо и решава да ме игнорира, па вели: Сакате да ви измерам?

И така. Одам до следната тезга и веќе знам што ме очекува, но веќе не знам од кого да купувам. Не верувам никому кога ќе ми каже дека производите што ги продава ги насадил и одгледал тој, во својата мала бавчичка со своите две раце. Почнувам да забележувам дека повеќето од нив воопшто и немаат земјоделски раце, испукани и црни, раце како оние кои имаат допир со земја.

И си велам, тоа е, ќе си купуваме „домашни“ тиквички и домати, па дури и пиперки и краставици од Турција, Албанија или Грција, а грав „тетовец“ – од Киргистан.

Земјоделците велат дека ако сме имале правилна стратегија во последниве 30 години, немало да дојдеме до ова дереџе – од држава што ја снабдувала цела поранешна Југославија со храна сега да бидеме зависни од увозот на храна. И додека селаните ја напуштаат земјата, нивните ниви зјаат празни, а тие купуваат станови во некој од скопските „кокошарници“, граѓаните, особено скопјани, сѐ почесто купуваат имоти на село и ги засукуваат ракавите па си садат и домати и краставици и пиперки и грашок, па дури и култури кои кај нас воопшто немаат традиција на садење, но одлично успеваат и се уште еден додаток плус во здравата исхрана.

Значи, ако сакате да се храните здраво и со домашни производи, а притоа и да бидете физички активни, што е уште еден од предусловите за здрав живот, повелете, сигурно ќе се најде некоја празна нива на продажба.