Не било здраво да се јаде шеќер? А што има лошо во лажичка-две домашно слатко?
Има нешто во слаткото што ве враќа назад во времето. Нешто во звукот на лажичката што го допира порцеланскиот послужавник, во кристалната тегла на полицата, во малото чинивче што се служи со домашно кафе.
Не било здраво да се јаде шеќер? А што има лошо во лажичка-две домашно слатко?
Порано, кога баш многу ни се јадеше нешто благо, а немавме колачи, секогаш имаше во плакарот по некое превкусно домашно слатко: од смокви, од кајсии, од тиква и да, од кора од лубеница.
Кога ќе изедете една лажичка среде зима, вкусот и мирисот, неизбежно ќе ве потсети на опуштеното лето и на кујната што мириса на лимон и на шеќер, или ќе ве потсети на кујната на вашата мајка или баба, на деновите кога времето минуваше побавно.
Слатко од лубеница се прави од белиот, тврд дел од кората што обично ја фрламе – и таму лежи вистинското богатство. Затоа, следниот пат кога ќе исечете лубеница, не дозволувајте сè да заврши во корпата. Зачувајте го тоа „ниту месо ниту кора“, бидејќи тоа е она што ви треба за ова превкусно слатко што ве потсетува на детството.
Состојки:
1 кг излупена бела кора од лубеница
1,2 кг шеќер
1 лимон (исечен на тркалца)
1 ванилин шеќер
2 чаши вода
Подготовка:
Одвојте го црвениот дел од лубеницата, а потоа внимателно излупете го зелениот надворешен слој. Користете го само белиот, цврст дел од кората. Исечете ја на коцки од 1,5–2 см.
Ставете ги коцките во тенџере со вода и варете 5–10 минути, додека не омекнат, но не премногу. Процедете и оставете да се излади.
Истурете ги шеќерот и водата во широко тенџере, варете додека не добиете густ сируп. Додадете ги парчињата лимон и ванилиниот шеќер.
Додадете ги исцедените коцки кора од лубеница во сирупот. Гответе на тивок оган, мешајќи повремено и отстранувајќи ја пената, додека коцките не станат стаклести. Ова може да трае околу 45 минути до еден час.
Истурете го топлото стакло во стерилни тегли, затворете ги и свртете ги наопаку 5 минути. Потоа вратете ги во нивната вообичаена положба и оставете ги да се изладат.