Поранешните вработени го обвинија главниот готвач во еден од највисоко оценетите ресторани во светот – Нома, за создавање токсична работна средина, вклучително и вербална и физичка злоупотреба.
Славниот готвач од ресторанот Нома, еден од највисоко оценетите ресторани во светот, поднесе оставка поради обвинувања на поранешните вработени за злоупотреба.
Рене Реџепи го објави своето заминување на социјалните мрежи, велејќи: „По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им дозволам на нашите извонредни лидери сега да го водат ресторанот во неговото следно поглавје.“
Поранешните вработени го обвинија готвачот за создавање токсична работна средина, вклучително и вербална и физичка злоупотреба, според извештаите на медиумите.
Угостителскиот објект со седиште во Данска, се подготвуваше за резиденција во Лос Анџелес, но корпоративните спонзори се повлекоа по тврдењата за злоупотреба и протестите пред неговата поп-ап локација.
Во изјава објавена на Инстаграм, Реџепи рече: Извинувањето не е доволно; јас ја преземам одговорноста за моите постапки.
– За секој што се прашува што значи ова за ресторанот, дозволете ми јасно да кажам: тимот на Нома денес е најсилниот и најинспиративниот од кога било.
Отворени сме 23 години и јас сум неверојатно горд на нашите луѓе, нашата креативност и насоката во која се движи Нома – вели Реџепи.
Тој најави дека тимот ќе продолжи со својата работа на локацијата во Лос Анџелес без него.
Реџепи, исто така, поднесе оставка од одборот на MAD, непрофитна организација што ја основал во 2011 година, која на својата веб-страница наведува дека се фокусира на помагање на оние кои се нови во угостителската индустрија.
Неодамнешен извештај во Њујорк Тајмс наведува дека десетици поранешни вработени го обвиниле готвачот за создавање на насилна култура во кујната и токсична работна средина, што вклучувало вербални закани и физичко малтретирање во ресторанот што го основал во 2003 година.
– Да бидам искрен со вас, мислам дека последиците од молчењето се полоши од тоа што јас проговорив и решив да застанам покрај моите колеги против насилството – вели Џејсон Игнасио Вајт, поранешен вработен во Нома.
Тој бил сведок на широко распространета злоупотреба во текот на годините кога работел за познатиот готвач.
Денови подоцна, Реџепи одговори на обвинувањата на социјалните медиуми, велејќи: „До оние кои страдале под моето водство, мојата лоша проценка или мојот гнев, длабоко жалам и работев на промена“.
Тој рече дека викал и ги туркал луѓето, дејствувајќи на начини што се неприфатливи и сподели дека одел на терапија и нашол подобри начини да го контролира својот гнев.
Но, протестите се одржаа пред поп-ап локацијата на Нома во населбата Силвер Лејк, при што некои групи за права на плати повикаа на оставка од Реџепи.
– Кој сака да јаде во средина на злоупотреба – изјавила Сару Џајараман, член на „One Fair Wage“, за CBS News, американскиот медиумски партнер на Би-Би-Си.
– Кој сака да јаде храна што доаѓа од солзите и потта на луѓето што страдаат?
Неколку корпоративни спонзори, вклучувајќи го и „Американ експрес“, се повлекоа од 16-неделната серија вечери.
Резервации за поп-апот во Лос Анџелес чинеа 1.500 долари (1.120 фунти) по лице и беа распродадени за само неколку минути.
Повеќе за Рене Реџепи и за неговата биографија како син на сиромашен албански имигрант од Македонија, прочитајте ТУКА.