Како да препознаете лубеница што крие слатко задоволство? Секоја година бараме совети за ова и секогаш има по некој нов и корисен совет. Што мислите, дали треба да бираме лубеница со или без дршка?
Слаткиот мирис на лубениците што се шири низ пазарите е еден од најубавите мириси на летото.
Но ако не сте сигурни како да одберете убава, зрела и слатка лубеница, лесно може да ви се случи разочарување. Затоа, обрнете внимание на следниве совети.
Прво и основно, обрнете внимание на кората која мора да биде мазна, рамномерно темнозелена, без оштетувања или вдлабнатини и без сјај.
Во однос на тежината, треба да се каже дека мора да се чувствува потешка отколку што изгледа кога ја држиме во рака. Ова е индикатор за сочност, бидејќи сува и крцкава лубеница ќе биде полесна од онаа полна со сок.
Кога ќе ја потчукнете кората од лубеницата, звукот треба да биде ѕвонлив, а не тап.
Не бирајте лубеница со дршка
Понатаму, а ова досега ние не го знаевме, не бирајте лубеница со дршка бидејќи е тоа знак дека била прерано набрана. Зрелата лубеница има посветла трага на местото од кадешто природно отпаднала дршката.
И на крај, но не и најмалку важно. Вистинската лубеница има неодолив мирис на јужното сонце. И без тој мирис, слатките задоволства остануваат празни. Затоа, немојте да се срамите и помирисајте ја лубеницата пред да ја купите.
Нутритивна вредност
Енергетската вредност на 100 г лубеница е мала и изнесува 30 kcal / 127 kJ. Од ова, таа содржи 7,55% јаглехидрати, 0,61% протеини и 0,15% масти. Минералите во лубеницата се калциум, калиум, железо, магнезиум, фосфор, цинк, бакар, манган, флуор и селен. Од витамините, лубеницата содржи витамини Ц и Б6, тиамин, рибофлавин, ниацин, пантотенска киселина. Во 100 г содржи и 0,4 г диететски влакна, 4,5 мг ликопен и 303 мг бета-каротен.
Високото ниво на ликопен, антиоксидант што се наоѓа во црвената боја, го одржува вашето срце младо. Заедно со ликопенот, лубениците содржат и високо ниво на калиум, што го намалува ризикот од срцев удар, помага во намалувањето на холестеролот, подобрувањето на протокот на крв и регулирањето на срцевиот ритам.
Ликопенот, моќен антиоксидант, ја намалува активноста на коскените клетки вклучени во развојот на остеопороза. Неговото високо ниво на калиум помага во задржувањето на калциумот, што ги одржува вашите коски и зглобови здрави и силни.
Лубеницата содржи високо ниво на витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем и го штити вашето тело од оксидативен стрес. Лубеницата е исто така богата со витамин Б6, чиј недостаток може да предизвика проблеми со меморијата и промени во расположението.