Стар леб алиас македонска пица

287

Еве уште една убава идеја за појадок или за ручек, особено ако сте се прецениле купувајќи леб, па ви е жал да го фрлите

Се разбира, овој рецепт не е воопшто нов. Всушност, нема рецепт, само начин на кој ќе го спасите вишокот леб што сте го купиле и повеќе никој не сака да го јаде.

Од дете ве научиле дека леб не се фрла, па си правите „македонска пица“.

Знаете, ред сечени кришки леб, а одозгора малку маслиново масло и потоа сѐ што ви се наоѓа во фрижидерот.

Оваа варијанта е за љубителите на месо, а фотографиите ни ги испратија нашите читатели кои се токму такви, од оние кои велат: мора малку мевце, колку да замириса.

Па така и во случајот, имале да дотрошат толку малку мелено месо што од него не можело да се направат ниту две ќофтиња, па решиле да го искористат вака.

Другото се останатите остатоци од фрижидерот пред да се направи нова набавка.

Омекнати домати, јајца и изрендан кашкавал.

Баш како пица, ама не италијанска, туку наша, македонска – со леб!