Сте јаделе ли вистински сладолед од млеко и од јајца?

Фото: Pexels
53

Ако сте љубители на сладолед, но никогаш не сте го пробале оној стар добар домашен сладолед од ванила каков што правеа нашите мајки во време кога во продавниците имаше само Снежец, тогаш, прашањето ни е на место

Јас сум тешка за носење одлуки дури и кога треба да се купи обичен сладолед. Ги има навистина многу, речиси сите се вкусни, ама кога ќе ми текне дека сѐ во нив е хемија, ми се одјадува.

И кога купувам за децата, дури и имам грижа на совест што им давам таков сладолед. Тогаш се сеќавам на мое време…Ех, во мое време….“, во мое време немав дилеми, се јадеше само „Снежец“, а дома најчесто и најомилен ни беше оној од ванила.

За мене тоа беше најубавиот сладолед, а мајка ни го правеше во огромни количини.

Купувавме корнети и добивавме врвен сладолед.

Неодамна ги развртев тетратките со рецепти на мајка ми и го најдов рецептот.

Состојки:

1 литар млеко
8 жолчки
200 г шеќер
екстракт од ванила

Приготвување:

Сварете еден литар млеко додека не зоврие. За тоа време изматете 8 жолчки со 200 грама шеќер и екстракт од ванила (или стапче ванила).

Тргнете го зовриеното млеко од оган, а потоа постепено истурајте ги изматените жолчки.

Мешајте ја масата постојано, а потоа вратете ја на оган кратко, неколку минути, додека масата не се згусне. Извадете го готовиот крем од шпоретот, а потоа мешајте додека не се излади. Можете да го забрзате ладењето ако садот со кремот го ставите во поголем сад со ладна вода.
Истурете го изладениот крем во некој сад и ставете го во замрнувач. По еден час, кога масата е половина затегната, добро измешајте. Вратете го во замрзнувач и повторете ја оваа постапка уште неколку пати двапати.

Ако сакате чоколаден сладолед, додадете 100 гр чоколадо на оваа маса, додека е се уште топла, и замрзнете ја на ист начин.