Светски ден на животната средина – потсетник за одговорност кон планетата

Фото: Арт кујна
15

Иако поединецот не може сам да го промени светот, секој од нас може да биде пример во нашата заедница. Секоја стаклена тегла што се рециклира, секое возење велосипед наместо автомобил, секое засадено дрво – сето ова има смисла. По повод 5.јуни, светскиот ден на животната средина, на пример, ние можеме денес да не фрламе ѓубре од балкон и да не го пикаме во машините за лименки и пластика

Светскиот ден на животната средина се слави секоја година на 5 јуни, со цел да се подигне свеста за важноста на заштитата на природата, зачувувањето на биодиверзитетот и борбата против загадувањето.

Овој датум не е само симболичен – тој претставува глобален апел до сите нас да ги преиспитаме нашите навики, влијанието што го имаме врз природата и нашите обврски кон идните генерации.

Тема и пораки
Секоја година, овој ден има специфична тема што ги одразува актуелните еколошки предизвици. Климатските промени, уништувањето на шумите, загадувањето на водата и почвата и масовните изумирања на растителни и животински видови – сето ова се последици од човечките активности што сериозно го загрозуваат нашиот опстанок.

Пораката е јасна: ако сакаме здрава животна средина, мора да дејствуваме сега. Ова значи промени на лично, социјално, економско и политичко ниво.

Светот не е на продажба
Иако бројките честопати се обесхрабрувачки – повеќе од 8 милиони тони пластика завршуваат во океаните секоја година, тропските шуми исчезнуваат со алармантна брзина, а воздухот во големите градови станува сè позагаден – сè уште има простор за оптимизам. Технологијата, иновациите и подигањето на еколошката свест кај младите луѓе носат надеж дека работите можат да се променат.

Зачувувањето на животната средина не треба да биде избор, туку обврска. Иако поединецот не може сам да го промени светот, секој од нас може да биде пример во нашата заедница. Секоја стаклена тегла што се рециклира, секое возење велосипед наместо автомобил, секое засадено дрво – сето ова има смисла.

На пример, ние можеме денес да не фрламе ѓубре од балкон и да не го пикаме во машините за рециклирање на пластика. Исто така, можеме да се потрудиме да не го редиме околу контејнерите. Можеме денес и да не ги газиме велосипедистите зашто после, ако останат живи, ќе бидат инвалиди и ќе мора да се возат и тие со автомобил и да ја загадуваат средината. Да ги оставиме да си живеат и пешаците, па дури и тротинетџиите кои на сите ни одат на нерви.

И дајте ве молам да ги отстраниме контејнерите од патеката за велосипеди на Партизанска.

Е да, можеме денес и да ги собираме гомцата на нашите миленици за да не ги нагази некој одејќи да заврши некоја работа кадешто сите ќе бегаат од него зашто одејќи, зад себе ќе остава траги од измет по подот.
Важно е и да ги воспитуваме децата и младите во духот на одржливиот развој и љубовта кон природата, бидејќи токму тие ја држат иднината во свои раце. Па така, барем денес, најдете некоја вендинг машина за пластика и лименки која не е полна со ѓубре и покажете им на вашите деца како функционира и како можат да собираат зелени поени. Да, барем денес не им велете да го фрлат празното шише во контејнер, а лименката во трева.

Светскиот ден на животната средина не е само датум во календарот. Тоа е можност за секој од нас да застане и да се праша – каков свет оставаме зад себе?

Земјата не бара совршенство, туку грижа. Природата знае како да се обнови, но само ако ѝ дадеме шанса.