Терапијата за Хашимото не ми помогна, ама си го најдов лекот: Жена го сменила начинот на исхрана и на живот по препорака од ајурведски лекар

Фото: Freepik
2.205

За неколку секунди ми ги кажа сите мои заболувања од минатото и сегашноста, како некој да му имаше раскажано сѐ  за мојата здравствена историја пред да влезам кај него, раскажува нашата соговорничка Драгица Манојловска за прегледот кај ајурведскиот лекар кој ѝ помогнал да ги реши своите проблеми поврзани со дијагнозата на Хашимото

Нашата соговорничка Драгица Манојловска од Куманово која боледува од автоимуната болест Хашимото – болест на тироидната жлезда проследена со хипотироидизам, а како последица на тоа долги години ја измачувала и хипертензија со тахикардии, иако со првична недоверба, на крајот си го нашла лекот кај ајурведски лекар. Тој ѝ препорачал промена на начинот на исхрана и воопшто, на стилот на живот.

Дијагнозата на Драгица ѝ била поставена пред повеќе од 15 години и ѝ била препишана терапија со еутирокс и лекови за регулирање на притисокот и тахикардијата. Терапијата ја земала редовно, но сепак не се чувствувала подобро, односно заморот, ненаспаноста, губењето на волјата за активности и благата анксиозност биле нејзини секојдневни симптоми.

Драгица Манојловска

„Прво почнав да практикувам јога, а потоа, по препорака на мојот јога инструктор го посетив ајурведскиот доктор за кој претходно не знаев ништо. Од чиста љубопитност, но и потајно барајќи го спасот за себе, иако имав многу малку познавање за Ајурведата, проучив што вели интернетот и се одлучив да закажам преглед.

Оваа средба за мене претставуваше ново искуство и навистина бев вчудоневидена како може со допир на три прста, без ниту еден единствен инструмент, со древна техника која се практикува повеќе од 10 000 години, да изврши целосна дијагностика на моето тело и тоа само за неколку минути. За неколку секунди ми ги кажа сите мои заболувања од минатото и сегашноста, како некој да му имаше раскажано сѐ  за мојата здравствена историја пред да влезам кај него.

Потоа ме насочи кое е моето најдобро време за исхрана, практикување на здрави навики, активности кои ми одговараат, спортови, кои техники за дишење треба да ги совладам заради мојата анксиозност и кои ајурведски суплементи би можеле да ми помогнат.

По препораки од докторот почнав да консумирам безглутенска храна, помалку црвено месо, а за замена да користам риба и бело месо, потоа, обарен зеленчук, а од млечни производи – козјо млеко и сирење. Исто така, ги отфрлив белото брашно, шеќерот и солта. Кога користам јаткасти производи тие треба да бидат потопени од вечер во малку вода. Компир користам многу малку, а кафето, кое претходно многу сакав да го консумирам, ми го сведе само на едно.

Сега, по негова препорака појадувам во 9 часот, а завршувам со вечера во 18 часот.

Иако со голема недоверба морам да признаам дека сите совети дадени од докторот, веднаш ги прифатив и веќе половина од моите симптоми за многу кратко време се намалија. Ги земав и ајурведските суплементи, почнав да ги намалувам килограмите, а веднаш потоа почуствував големо олеснување, ми се вратија енергијата и желбата за живот.

Почнав да се сакам себеси и сосема го сменив мојот начин на живеење и размислување. Со еден збор, се пронајдов себеси. До ден денес правам редовни контроли кај мојот матичен доктор и антителата кои беа екстремно високи ми се нормализираа.

Иако ми беше кажано дека не можам да си најдам лек за моите заболувања, јас научив како вистински да живеам без болки и без болести“, раскажува нашата соговорничка.

Со своето искуство таа го потврдува правилото дека без правилна исхрана, лековите не можат да помогнат, а со правилна исхрана, лекот е непотребен.

Како и сите ајурведски терапии и ајурведската исхрана е персонализирана, прилагодена на физиологијата на поединецот, а ги следи и цикличните промени во природата.