„Тиквеш“ е најдобриот производител на вино од Македонија: Престижниот Мундус Вини ѝ донесе значајно признание на винаријата

27

Признанието „Најдобар производител – Република Северна Македонија“ се доделува врз основа на долгогодишните резултати и медали што вината на визбата ги освоиле на Mundus Vini, една од највлијателните вински манифестации во светски рамки.

Високите стандарди во создавањето вина, децениската посветеност на квалитетот и континуираните успеси на меѓународната сцена ѝ донесоа значајно признание на винарската визба „Тиквеш“, која ја освои титулата „Best Producer – Republic of North Macedonia“, на престижниот вински натпревар Mundus Vini.

– Да се биде прогласен за најдобар производител од Македонија на натпревар со реномето на Mundus Vini е потврда за нашата посветеност, визија и континуирани инвестиции во квалитетот на нашите вина. За нас ова признание има особено значење, но претставува и дополнителен мотив во иднина сѐ поамбициозно да го унапредуваме квалитетот. Ќе продолжиме да создаваме вина кои со својата автентичност и комплексност ќе бидат препознаени и ценети од винските експерти и од потрошувачите од целиот свет и ќе бидат уште поголема гордост на Македонија – изјави Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“.

Оваа почесна титула им се доделува на производители на вино кои во текот на 25-годишната историја на Mundus Vini покажале исклучителна конзистентност, врвен квалитет и извонредни резултати, позиционирајќи се меѓу најуспешните и најнаградуваните учесници во историјата на овој реномиран натпревар. Наградата е уште една силна потврда за меѓународната препознатливост на вината на „Тиквеш“, кои со години наназад освојуваат бројни признанија на најпрестижните светски натпреварувања и дегустации. Признанието „Најдобар производител – Република Северна Македонија“ се доделува врз основа на долгогодишните резултати и медали што вината на визбата ги освоиле на Mundus Vini, една од највлијателните вински манифестации во светски рамки.

Свечената церемонија за доделување на наградата ќе се одржи на 16 март оваа година, во рамките на престижниот светски вински саем ProWein Düsseldorf, кој се смета за еден од најзначајните настани за глобалната винска индустрија.

Со над 100 меѓународни награди годишно на најзначајните меѓународни вински натпревари, „Тиквеш“ продолжува да го зацврстува своето реноме како еден од најнаградуваните вински производители во регионот и силен амбасадор на македонското вино на глобалната винска сцена.

За меѓународна релевантност на „Тиквеш“ говори и фактот што вината на „Тиквеш“ се присутни на 26 странски пазари. „Тиквеш“ е лидер на македонскиот и на српскиот пазар и лидер во винската индустрија во регионот. Во 2025 година, над 60% од продажниот волумен на винарницата беше реализиран на странски пазари, при што извозот на регионалните пазари порасна за 11%, а на меѓународните пазари за 34% во однос на претходната година.