Иако при првото спомнување на холестерол мислиме на „лошиот“ ЛДЛ холестерол, всушност, станува збор за маснотија која е неопходна за функционирањето на нашиот организам, сè додека е во нормални граници.
Холестеролот ни е важен за синтеза на хормоните, витаминот Д и жолчните киселини. Меѓутоа, кога холестеролот се искачува над нормалното ниво, се зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, срцеви заболувања и мозочен удар.
Токму ЛДЛ холестеролот ќе се акумулира во артериите, додека т.н. „добар“ ХДЛ холестерол помага да се отстрани вишокот холестерол од крвта. Иако исхраната има индивидуално влијание врз зголемувањето на холестеролот во организмот, постојат одредени намирници кои можат да помогнат во намалувањето на зголемениот холестерол.
Урми и холестерол
Урмите се богати со влакна, витамини како оние од Б групата и минерали како калиум и магнезиум. Тие се богати со антиоксиданти, но и со природни шеќери. Доволно внесување влакна, околу 25 г дневно, е важно за намалување на холестеролот.
Имено, кога јадеме храна која содржи холестерол, но и растителни влакна, таа ќе формира вискозна маса во дигестивниот систем која ќе ја намали апсорпцијата на холестеролот од храната. Сепак, ова не е единствениот механизам со кој влакната делуваат на намалување на холестеролот.
Црниот дроб произведува жолчни киселини од холестеролот, кои се неопходни за варење на мастите. Гелот формиран од проголтаните растворливи влакна се врзува за жолчните киселини, кои се излачуваат од телото преку столицата.
Бидејќи дел од жолчните киселини се излачуваат од телото благодарение на влакната, црниот дроб мора да користи повеќе холестерол од крвта за да произведе нови жолчни киселини, што последователно доведува до намалување на ЛДЛ холестеролот.
Исто така, урмите содржат антиоксиданти како што се флавоноиди, каротеноиди и фенолни киселини, кои ги штитат ѕидовите на крвните садови, го намалуваат воспалението и ја спречуваат оксидацијата на ЛДЛ холестеролот. Ова го намалува ризикот од атеросклероза.
На крајот на краиштата, консумацијата на урми е поврзана со зголемување на „добриот“ ХДЛ холестерол.
Сепак, важно е да се нагласи дека при покачен холестерол треба да се усвојат постојани здрави навики во исхраната со акцент на внесот на влакна и физичката активност.
Колку урми на ден?
Не мора да е така, но луѓето кои страдаат од висок холестерол може да имаат зголемена или прекумерна телесна тежина. Во овој случај, важно е да се отстрани вишокот маснотии од телото. Урмите, иако се корисни за намалување на холестеролот, содржат околу 280 калории на 100 гр.
Исто така, 100 г урми содржат дури 63 г природни шеќери. Ако урмите можат да се вклопат во калорискиот дефицит на луѓето кои треба да го намалат холестеролот и да ослабат, дефинитивно ќе има место за 2-3 урми.
Премногу урми ќе значи и прекумерно внесување шеќер бидејќи сувото овошје содржи повеќе шеќер од свежото овошје. Иако се преполни со влакна и други хранливи материи, не треба да претерувате, а влакната најмногу треба да потекнуваат од свеж зеленчук и овошје, мешунки и цели зрна.
Како заклучок, можете да јадете 3-5 урми на ден. Можете да ги користите како додаток на утринската овесна каша со боровинки и семки од лен. Оваа комбинација на намирници е навистина ефикасна против холестерол поради нивните влакна, антиоксиданти и омега-3 масните киселини.
Општо земено, вашиот дневен внес на урми ќе зависи од друга храна, имено од количината на шеќер и калории од друга храна, па ќе видите како урмите се вклопуваат во вашето дневно мени.