Виенски зеленчуков оркестар: Секој нивен концерт завршува со супа за публиката

Фото: Фејсбук/The Vegetable Orchestra
152

„Само треба да го отворите умот и сè може да функционира, сè може да стане музика, дури и зеленчукот!“ Вака вели еден од основачите на Виенскиот зеленчуков оркестар кој веќе 25 години ги претвора корените и најразлични други зеленчуци во звуци и ритми

Сѐ почнало со една обична супа.

„Готвевме заедно“, се сеќава Матијас Мајнхартер, еден од основачите на Виенскиот зеленчуков оркестар. Неговата пријателска група имала еден час пауза на студентски фестивал, период кој требало да го пополнат и размислувале за начини за создавање музика на неочекувани начини. „Додека правевме супа од зеленчук, дојдовме до идеја да ја зготвиме на сцената и да одржиме концерт со зеленчукот додека го правиме тоа“.

Зеленчуковиот оркестарот го одржал својот прв концерт во април 1998 година: Дванаесет пријатели, ниту еден музичар, сите желни да создадат нешто ново. Пред настапот тие го претворија својот омилен зеленчук во инструменти, вадејќи мелодии од моркови, праз и корени од лотос. Откако секој инструмент ќе ѝ послужел на целта, готвачот ќе го исечкал и го додавал во тенџерето со супа што се крчкало на сцената.
За 25 години, оркестарот создал околу 100 инструменти, издал 4 албуми и имал повеќе од 300 концерти низ целиот свет. Тие триеле праз во Уметничкиот центар во Шангај, тропале по тапаните од тиква во Ројал фестивал хол во Лондон, дувале низ рогови од пиперки во Центарот Помпиду во Париз и правеле звуци со шишиња од тикви пред во распродадениот аудиториум со 1.800 седишта во Москва. Со текот на времето, искуството и растечкото меѓународно признание, она што требало да биде еднократна изведба на шаренолика група студенти станало најнеобичниот извозен производ од Градот на музиката.


Нивната мисија не е променета: користење свеж зеленчук за создавање музика, или, поточно, создавање на Gemüsik, комбинација на германските зборови за „зеленчук“ и „музика“. За изградба на свежи инструменти пред секоја изведба потребни се 100 до 150 килограми зеленчук, два часа време и импресивна колекција на алатки. „Секогаш носиме сопствена опрема – дваесет ножеви, дупчалки од дрво и метал, подолги дупчалки, шест електрични дупчалки…и комплет за прва помош“, се смее Ингрид Шлогл, класично обучена музичарка и пејачка која му се придружила на оркестарот во 2004 година. Тие стигнуваат до местото на одржување околу пладне, внимателно ги проверуваат гајбите со зеленчук, ги градат своите работни места, а потоа почнуваат да ги претвораат производите во маримба од моркови, гитари од целер, рогови од пиперка и сè друго што е потребно за вечерната сет листа. Остатоците од процесот на градење се одвојуваат за супата. Секој член на оркестарот свири 20 или повеќе инструменти по концерт, со потребни резервни копии за покревките инструменти.
Секој си создава свои инструменти и со текот на времето ги развил своите специјалности. Шлогл се фокусирал на дувачки инструменти: „Прилично голем е предизвикот да се свири и потребно е многу експериментирање за да се добие вистинскиот звук“, вели таа. „Некои претпочитаат да градат мелодични инструменти засновани на класични инструменти, како флејта од морков или тапан од тиква“, вели Мајнхартер. „Другата фракција се пуристите, меѓу кои би се вбројал и јас, кои сакаат да ги истакнат звуците од зеленчук, кога нешто звучи чудно“. Неговиот омилен инструмент е виолината од праз, каде што еден праз служи како виолина, а друг како лак, произведувајќи звук на чкрипење кој е повеќе интересен отколку пријатен. „Тоа е звук што може да дојде само од зеленчуковиот оркестар. Всушност, не е лесно да се свири, мора да го лижете и да го затегнете правилно“, вели Мајнхартер.

За публиката, настапот на овој оркестар е искуство за сите сетила. Прво доаѓа непогрешливиот мирис на свежо исечен зеленчук кој ги чека на сцената нивните музичари. Потоа, тука е бизарната глетка на група мажи и жени, сите облечени во црно, кои сериозно дуваат во трубите од пиперки, тапкаат по тиквите и шушкаат со лушпи од кромид. Наскоро звукот преовладува и го брише секој скептицизам. Настапот на зеленчуковиот оркестар е некоја комбинација на разиграност и виртуозност, а нивните неконвенционални инструменти се предизвик што им овозможува да освојуваат нови звучни пејзажи. Музиката шета неврзана, понекогаш грубо и непогрешливо органски, речиси непристојна, потоа станува чиста и електронска, нежно мелодична во еден момент и бурно какафонична во следниот.

Иако флејтата од морков и виолината од праз што се појавија на инаугуративниот концерт остануваат сигурни делови од инвентарот, начинот на кој оркестарот им пристапува созрева и се трансформира со текот на годините. „Во првите денови се обидувавме зеленчукот да одговара на нашите музички композиции; сега, има тенденција да биде обратно“, објаснува Шлогл. „Ние се развиваме кон истражување на музиката на зеленчукот и навлегуваме подлабоко во овој елемент“.

Не сите зеленчуци се позајмуваат за музика; тие треба да бидат доволно свежи за да издржат дупчење и обликување и со соодветна големина и форма за да се произведе потребниот звук. Кога е во Виена, оркестарот секогаш го посетува истиот зелен пазар на Нашмаркт. „Тие веќе добро не познаваат досега. Ако ни треба тиква што треба да звучи како што треба, тие одат во складиштето и по дваесет пати додека не ја најдеме вистинската“, вели Шлогл. Гази Озијурек, кој има тезга цели 37 години, чува фотографија од оркестарот закачена на ѕидот во неговата канцеларија. „Тие се одлични клиенти, секогаш многу пријателски расположени. Што прават со зеленчукот потоа е нивна работа“, се смее тој.

Кога групата настапува во странство, работите можат да станат незгодни. „На организаторите на настанот им испраќаме детална листа на она што ни треба. Колку од големите моркови, малите, модрите патлиџани, сѐ што ни треба. За земјите каде англискиот може да биде проблем, додаваме и фотографии“, објаснува Шлогл. „Ако настапуваме во земји каде што не можете да набавите класичен европски зеленчук, самите одиме на пазарот за да видиме што е соодветно и што друго можеме да користиме. Понекогаш смислуваме и нови инструменти“.

На пример, тревата од лук што се наоѓа на азиските пазари прави одлична бас-жица. Сепак, клучните производи понекогаш недостасуваат и сет-листата мора да се смени во последен момент за да се приспособи. Кога има време, можат да се подготват претходно. „Некое време не можевте да добиете пивска ротквица во Русија или голем праз во Италија, па само ќе спакувавме дваесетина од нив во куфер“, се сеќава Шлогл. Сега предизвиците се од поинаков вид. За нивниот концерт по повод 25-годишнината, нивната сметка за намирници била за неверојатни 30 проценти повисока отколку во претходните години.

Контактните и кондензаторните микрофони помагаат да се засилат интимните звуци на зеленчуците. Проверката на звукот трае уште два часа, за време на кои оркестарот внимателно ги дотерува своите инструменти. „Никогаш не свириме парче во ист тон, бидејќи секој пат добиваме различни звуци. Инструментите исто така го менуваат својот тоналитет со текот на времето додека се сушат“, вели Шлогл. Создавањето музика со такви каприциозни инструменти бара членовите на бендот да останат флексибилни во секој момент.
Стилот на изведба на оркестарот драстично се променил со текот на децениите. Оригиналната група пријател имала заеднички интерес за музика, но никој не бил музички образован. „Супата беше пред и во центарот… Тоа беше повеќе хепенинг отколку концерт“, се сеќава Мајнхартер, кој работи како изведувач. Со доаѓањето на нови членови со силна музичка позадина, како Шлогл, музиката почна да го зазема централното место, но интердисциплинарниот карактер на оркестарот останува клучен. Денес, оркестарот брои 10 членови од различни уметнички области, почнувајќи од музика и перформанс до визуелни уметности и литература. Тие ги создаваат своите музички композиции преку интензивно колаборативен процес и имаат развиено свој систем на музичка нотација. Тие немаат лидер и настапуваат без диригент, потпирајќи се на говорот на телото за да комуницираат за време на настапот. „Ние сме толку индивидуални личности, но кога сме на сцената, ние сме како едно тело“, вели Шлогл.
Секој концерт сè уште завршува со чинија супа. Тоа е начин да ги искористите деловите од зеленчук што не биле потребни и да се поврзете со публиката. „Ние самите ја послужуваме супата по концертот“, вели Шлогл. „Го правам тоа доста често и добивам многу реакции од публиката, луѓето често споделуваат лични работи. Навистина е одлично.” Не се случува често да искусите музика што можете да ја јадете, но Мајнхартер верува дека секој може да ја претвори вечерта помината во готвење со пријателите во музичка изведба: „Само треба да го отворите умот и сè може да функционира, сè може да стане музика, дури и зеленчукот!“