Во зима сонуваат за родното село, во лето му се враќаат со ластовичките: Тие се активни пензионери кои во Вишни пречекуваат странски туристи

1.435

Во зима сонуваме за Вишни и чекаме пролет, да си дојдат ластовиците и ние со нив. Во лето сме тука, собираме печурки и чаеви, а од пред извесно време пречекуваме и туристи кои во својата агенда ја имаат и посетата на нашето село, велат нашите соговорници Роза и Борис Ѓоргоски кои не пречекаа во своето дворче во Вишни, токму навреме за да видиме што е тоа со што ги привлекле странските туристи.

Роза и Борис Ѓоргоски се родени вишненци и се знаат целиот живот. Кога растеле, во нивното Вишни имало училиште во кое децата учеле од прво до четврто одделение, а потоа продолжувале во најблискиот град – Струга.
Но, Роза која е родена во 1954 година, е и претпоследна генерација која одела во селското училиште, затоа што потоа, поради недостиг на деца и воопшто, на жители во селото, школото се затворило.
Денес во селото преку цела година живеат околу 11-12 семејства, а другите доаѓаат преку викенди и во лето. Сите се, главно, пензионери.
Младите, велат нашите соговорници, доаѓаат само за викенди и за празници.

„Кога ние растевме селото беше живо, имавме дури и наш ски-лифт, а функционираше и Пионерскиот дом „Едвард Кардељ“, па во времето на Југославија тука доаѓаа деца на скијање“, раскажува Роза и потсетува на една понова иницијатива, кога во селото дошол словенечкиот скијач Бојан Крижај, кој направил нацрт за патеката за скијање што требало да се прави заедно со жичарница, но ништо од тоа не се реализирало.

Додека учела средно стручно во Скопје, госпоѓа Роза живеела кај брат ѝ, а потоа, кога се омажила за Борис кој бил воено лице, до распадот на Југославија живееле во Риека, во Хрватска.


Потоа се вратиле и живееле прво во Скопје, па во Охрид, во Струга и пак Скопје, но откако се двајцата во пензија, се вратиле во родното село и тука го поминуваат цело лето, а во зима сонуваат за Вишни и чекаат пролет, да си дојдат ластовиците, па и тие со нив.
„Во зима доаѓаме за Божиќ и за Свети Јован и остануваме две недели, ама потоа, кога ќе се вратиме во Скопје, цела зима паметот ни е тука и едвај го чекаме летото за да си дојдеме“, вели Роза.
А кога ќе си дојдат во родното село, забораваат на Скопје и на неговите кочан зими, загаден воздух и изгор лета. Но забораваат и да се одморат бидејќи селото ги подмладува и наместо да уживаат во пензионерска дремка, тие уживаат во секојдневните активности.
Планинатата им е близу па одат да собираат печурки, најчесто лисичарка, вргањ и јајчарки, како и чаеви со кои Јабланица изобилува.


„Од мај се занимаваме со берење печурки и чаеви, онака како што растат, прво глуварче, мајчина душичка, кантарион, ајдучка трева, липа, руски чај, за Петровден – планински чај. И двајцата постојано пиеме чаеви, а често си подготвуваме и печурки. Од секогаш жените од овој крај собирале печурки, но ги собираме само оние во кои сме сто отсто сигурни дека се безбедни за јадење“, вели Роза.
Но, како сите тие активности да не им биле доволни, па немирниот дух на госпоѓа Роза си смислил и нова.
Неодамна таа била на обука за селски туризам во Албанија и сега соработува со туристичка агенција која им носи на посета туристи од Холандија и од Белгија и тоа, три пати неделно, во вторник, четврток и сабота.
„Почнав со оваа активност со дозвола од претседателот на црковниот одбор за да има некоја добивка и црквата. Затоа што гостите кои прво доаѓаат кај нас кадешто ги пречекуваме со домашна ракија, кафе, чај и друго што ќе ни се најде дома, а потоа го носиме и во главната селска црква која е веднаш спроти нашата куќа, па така има придонес и за црквата, а и гостите се задоволни“, објаснува Роза.


Групите кои им доаѓаат се од околу 20 луѓе, а главната атракција не се чаевите на Роза кои можат и да ги пробаат и да си ги купат, туку е свадбената носија од овој крај во која се облекува оној пар кој е спремен оваа посета да ја искористи и како момент за запросување.
Имено, токму посетата на домот на Роза и Борис за некои од нив била поттик, да клекнат на колено и да си ја побараат партнерката за жена, а потоа да се облечат во свадбената носија и да направат фотографии кои ќе бидат дел од нивниот семеен албум.
„Народната носија во која ги облекуваме е со обележја од овој крај, нешто е дел од семејното наследство, а нешто морав да прилагодам со оглед на величината, односно, тоа што оригиналната невестинска носија беше премногу тесна за повеќето од нив.


И тука паѓаат вистински запросувања, односно, оние кои се веќе заедно ги подбуцнуваат да ја официјализираат врската, да се облечат во носиите и да се сликаат за спомен.
Водичот им објаснува дека се тоа свадбарски носии и дека е пожелно да се запросат, па некои сакаат, некои не сакаат, па има и смешни ситуации, но секогаш се позитивни“, раскажува Роза.
Меѓудругото, тие им ја раскажуваат на туристите и романтичната, но тажна приказна за партизанот кој е закопан на вишненските гробишта, а кој умрел токму на првата брачна ноќ.
„Приказната за партизанот е вистинска, а тие имаат можност потоа да го посетат и неговиот гроб на селските гробишта во кругот на црквата. Имено, било обичај младенците после свадбата да ги заклучуваат во соба, а бидејќи сватовите продолжуваат со веселбата, никој не ја слушнал невестата која барала помош за младоженецот и тој умрел. Подоцна им го покажуваме и неговиот споменик, но и гробовите кадешто ќе бидеме закопани и јас и Борис, затоа што и навистина сакаме да се „скрасиме“ тука“, се смее Роза.

Таа со нас великодушно сподели и два рецепти, а ние ќе ги споделиме со вас.

Лисичарки во тегла
Лисичарките се чистат од земјата, се мијат и се обаруваат во вода со лимон, на кратко, додека да запени водата, а потоа се мијат под млаз вода, па се редат во тегла.
Во теглата се става и една ракиена чашка оцет, 1 лажичка шеќер и исто толку сол, семе од синап, бибер, ловоров лист и се дополнува со вода, се затвара и се става во тенџере со вода да проврие кратко за да се стерилизира и потоа се исклучува и кога ќе се олади се складира. Може да се искористи за чорба, за сос или како салата.
од синап и ловорот им даваат убав шмек.

Похуван вргањ
Вргањот се сече на шницли, а потоа се похува вообичаено. Се матат 2 јајца во еден сад, брашно и малку пециво во друг и презли во трет.
Се ставаат прво во брашно, во јајца, па во презли и се пржат или се печат на скара.