Паркот на пчелата кој се отвори по повод Светскиот ден на пчелата, има своја едукативна и информативна намена и во него, студентите, учениците и јавноста ќе имаат можност да се запознаат со значењето, биологијата, технологијата на одгледување на медоносната пчела, медоносните растенија и производите од медоносните пчели.
Пред три години пчеларската традиција на Словенија беше додадена на листата на УНЕСКО, со што пчеларството во Словенија доби заслужено признание како пример за важна културна традиција.
Претходно, поточно во 2018 година, Словенија доби поддршка од Обединетите нации да го прогласи 20 мај (роденденот на пионерот на модерното словенечко пчеларство Антон Јанша), за Светски ден на пчелата и оттогаш, во организација на амбасадата на Словенија, тој секоја година се одбележува и кај нас.
Годинава, по повод 20 Мај, Светскиот ден на пчелата, во кругот на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) се отвора првиот Парк на пчелата во земјава. Овој простор е училница за студентите, но и место на кое сите посетители, независно од возраста, ќе можат да се запознаат со значењето и биологијата на пчелите, технологијата на одгледување, медоносните растенија и производите на медоносните пчели.
Паркот на пчелата има аудиовизуелни елементи со информативно-едукативни содржини за сите генерации. Дополнително е облагороден со медоносни растенија, а поставени се и традиционални и современи живеалишта за медоносни пчели, хотел и песочно живеалиште за повеќе видови опрашувачи, како и многу други содржини чија цел, освен едукација и информирање, е и подигање на свеста на граѓаните за важноста на пчелите и воопшто опрашувачите.
Паркот на пчелата е изграден со поддршка на Република Словенија во рамки на проектот „Жени пчелари-двигатели на позитивни промени во Македонија“, а го имплементира хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија.
Паркот на пчелата ќе претставува вид отворена училница за одржување на дел од наставата на отворено, а во него ќе има и аудио и визуелни елементи.
Мотото на годинашниот Светски ден на пчелата е: „Пчелите инспирирани од природата да нè хранат сите“. Неговата цел е да ги истакне клучните улоги на пчелите и другите опрашувачи во земјоделско-прехранбениот сектор и здравјето на екосистемите на нашата планета.
Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија и партнерите се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја почна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“.
Додека словенечките пчелари ја имаат својата крањска пчела, Македонија ја има македонската
медоносна пчела (Apis melifera macedonica) која во 1988 година била за првпат детерминирана и
именувана како посебен подвид на медоносни пчели од страна на германскиот научник Рутнер.