Време е за скопски ѓеврек! Влегувајте во кујна и приклучете се на најинтересниот гастро-предизвик за скопјани

576

Да, да, сите ги сакаме охридските варени ѓевречиња, кавадаречките пишии, штипските и велешките пастрмајлии, ама сега е време за едно вкусно скопско печиво, редизајниран ѓеврек направен само со наши, локални состојки… А можете да лапнете и награда

Пред неколку дена беше објавена иницијативата на АРНО и средното угостителско училиште „Лазар Танев“ – натпревар за рецепти за ѓеврек, омиленото печиво, во ново руво. Тие ги
поканија сите скопјани на возраст од 18 + години да учествуваат и да ги покажат своите кулинарски
вештини.

Критериуми и фази

Овој натпревар си има свои критериуми и ќе се одвива во неколку фази. Во првата фаза на натпреварот жирито ќе ги оценува пријавите според следните принципи:

Креативност: Степенот на иновативност и креативност во иновирањето на традиционалниот ѓеврек
со нови елементи и вкусови.

Употреба на локални состојки: нагласена употреба на локални состојки, како што се локално брашно, локални семиња, локални намази и други иновативни локални намирници и нивни споеви.

Јасност и оригиналност: Јасност и оригиналност на рецептот, вклучувајќи добро структурирани
упатства и уникатни карактеристики што прават да се разликува.

Време за подготовка и процедура: Ефикасност и јасност на процедурата за подготовка на рецептот, вклучувајќи го проценетото време потребно за подготовка и потребните услови или техники.

Важни датуми

Граѓаните можат да ги праќаат своите пријави почнувајќи од денот кога беше објавен повикот (13.ноември) до 05.декември.

До 13-ти декември жири комисија ги разгледува пријавите, а на 14. декември се информираат финалистите за готвењето во живо. Имено, на 26. декември, финалистите ќе бидат повикани на подготовка на рецептите во живо, жири-комисијата ќе изврши бодување и на крајот ќе следи прогласување на победник.

Но тоа не е сѐ!

Во јануари/февруари победникот има обврска да одржи 2 обуки за учениците од „Лазар Танев“ на кои ќе им го пренесе знаењето и вештините за подготовка на победничкиот рецепт.

Намирниците за финалето и обуките за учениците ќе бидат обезбедени од страна на организаторите.

За ѓеврекот…

Ѓеврекот е популарно и вкусно печиво со кружен облик. Ова локално, кулинарско богатство претставува уникатен спој на вкусови и текстури. Ѓеврекот најчесто се јаде како закуска, за појадок или во доцните ноќни часови (популарно меѓу младите). Ѓеврекот е наш бејгл. Кружна форма со која можеме да поиграме. Можеме да го исечеме на половина, да играме со разни вкусови, свежи намирници, намази, разни семки, безглутенско тесто, а можеме да го оставиме во истиот облик и да поиграме со намирници во самото тесто, може да го направиме покрцкав, помек…. Важно е да остане во круг и да биде направен исклучиво од локални состојки.

Новиот проект на АРНО се фокусира кон подобрување на вештините и знаењата на учениците од СУГС „Лазар Танев“ преку презентирање на концептот на социјално претприемништво, подигање на свеста за социјално претприемништво, неформално образование, мотивирање на учениците за кариерен развој, промовирање успешни приказни од кулинарски социјални бизниси и сето ова со ГОЛЕМ акцент на еко-практики во овие области.

Кој може да учествува?
Овој натпревар е повеќе од обично кулинарско натпреварување; ова е можност да бидете дел од
проект кој има за цел да промовира социјално претприемништво преку локална гастрономија, да ја
зајакне заедницата и да го промовира стручното образование за готвачи и пекари. Победникот од
финалето ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) од СУГС „Лазар Танев“ како се подготвува рецептот. Освен благородната задача, предвидена е награда во вредност од 200 евра за пишаниот победнички рецепт, и надомест во вредност од 200 евра за одржаните обуки (2) за учениците. Наградите се во бруто износ и ќе се склучуваат по основ договор на дело.
Размислете кои локални намирници и состојки би сакале да ги вкусите со следниот залак на ѓеврек.
Бидете креативни и инспирирајте се од локалните вкусови. Погледнете ги правилата, и смислете го
кругот.

Пријавата можете да ја пополните (Ворд документ) и заедно со фотографии од ѓеврекот да ја испратите на [email protected], најдоцна до 5-ти декември.

Натпреварот е отворен само за граѓани од Скопје и скопскиот плански регион/

Зошто токму ѓеврек?
Во 2012. година економистката Кејт Раворт го развива економскиот модел на крофна или т.н „Крофна економија“. Името доаѓа од обликот на дијаграмот, односно диск со дупка во средината. Централната дупка на моделот го покажува процентот на луѓе кои немаат пристап до основните животни потреби (здравствена заштита, образование, еднаквост и сл.), додека кората (горната кружница) го претставува еколошкиот плафон/планетарните граници од кои зависи животот и кој не смее да се надмине. „Крофна економијата“ е економски начин на размислување кој промовира регенеративна и дистрибутивна економија, економија на 21-от век. Овој модел повикува на промена во начинот на кој размислуваме за економијата, нагласувајќи ја важноста на одржливоста, социјалната еднаквост и локалната благосостојба.
Повикувајќи се на вредностите и начелата на оваа нова економија, користејќи локални намирници,
еко-практики, локална култура и локални заедници, АРНО ја именуваше оваа нова економија како „Ѓеврек економија“. Такашто, ако сега зборувавме за социјално претприемништво, циркуларна економија, зелени бизниси, ова е гриз подлабоко во новите економски модели. Планот е да се донесе ново знаење, инспирација и пракси во нашата земја, залак по залак и со вклучување на сите кои се гладни за промени.