Според неодамнешното истражување, јогуртот, храна богата со живи бактерии и за која се смета дека придонесува за здрав цревен микробиом, може да помогне и во заштитата од особено агресивен тип на рак на дебелото црево.
Новото истражување објавено оваа недела покажа дека редовното консумирање најмалку две порции јогурт неделно е поврзано со пониски стапки на проксимален колоректален карцином (се развива во десната страна на дебелото црево) кој бил позитивен на бактеријата Bifidobacterium. Бифидобактеријата е вид на бактерија која најчесто се наоѓа во јогуртот и може да има својства за борба против ракот, според авторите на студијата.
Сепак, точниот механизам зад овие својства сè уште не е целосно јасен.
„Главната порака е дека јогуртот е добар за вашето здравје“, вели коавторот на студијата Шуџи Огино, шеф на молекуларната патолошка епидемиологија во одделот за патологија во Brigham and Women’s Hospital во Бостон.
„Доказите што го поддржуваат ова тврдење се силни, бидејќи резултатите од студијата се засноваат на детални записи за исхрана на повеќе од 130.000 луѓе во текот на 40 години“, рекол др. Огино за Everyday Health.
Одредени карциноми на дебелото црево се особено опасни
Ракот на дебелото црево станува сè поголем јавно здравствен проблем бидејќи стапките кај возрасните под 50 години се речиси двојно зголемени од 1990-тите. Според Светската здравствена организација, ракот на дебелото црево е трет најчест рак во светот и втора водечка причина за смртни случаи поврзани со рак во светот.
Проксималниот (десно-страничен) колоректален карцином особено води до значително полоши исходи во споредба со дисталниот (левостран) колоректален карцином.
Голема студија која ги разгледа податоците за ракот од 13 американски држави покажа дека пациентите со проксимален карцином имаат 13 отсто помали шанси да преживеат најмалку пет години во споредба со оние со дистален карцином.
Поздрави црева може да помогнат во борбата против колоректалниот карцином
Во нивната анализа, Огино и неговиот тим проучувале повеќе од 132.000 здравствени работници во текот на четири децении. На секои четири години, тие собирале информации за исхраната преку анкета, вклучувајќи детали за внесот на јогурт. Во текот на студијата, научниците идентификувале 3.079 случаи на рак на дебелото црево.
Авторите на студијата не забележале значајна врска помеѓу редовното консумирање јогурт и појавата на рак на дебелото црево. Меѓутоа, кога ги разгледале специфичните бактерии, откриле поврзаност помеѓу консумацијата на јогурт и туморите позитивни на Bifidobacterium.
Податоците за присуството на Bifidobacterium биле собрани за 1.121 случај на колоректален карцином – речиси една третина биле позитивни на присуство на бактерија, додека останатите биле негативни.
Ова истражување не сугерира дека јогуртот ја намалува оваа бактерија во цревата; токму спротивното. Всушност, се нагласува дека Bifidobacterium е важен вид на бактерии во јогуртот кој произведува масни киселини со краток синџир (SCFA) во цревата и има антиканцерогени својства преку антиоксидантни, антиинфламаторни и имунолошки ефекти.
Оние кои јаделе две или повеќе порции јогурт неделно имале околу 20 проценти помали шанси да развијат тумори во цревата каде што е присутна Bifidobacterium. Јогуртот може да помогне во зајакнувањето на цревната бариера и да ја поддржи корисната улога на Bifidobacterium во потиснувањето на растот на Bifidobacterium-позитивните тумори, наместо да ја намали самата Bifidobacterium.
Потребни се повеќе истражувања за да се разбере зошто постои оваа поврзаност, но резултатите сугерираат дека јогуртот може да биде поврзан со заштитен ефект преку позитивно влијание врз микробиомот на цревата (екосистемот на микроби кои живеат во вашите црева).
„Јогуртот може да ја зајакне разновидноста на микробиомот, што може да помогне да се подобри функцијата на имунолошкиот систем“, вели Огино, додавајќи дека посилниот имунолошки систем може да помогне во борбата против ракот.
Иако студијата не ги одвоила резултатите по вид на консумиран јогурт, Огино истакнал дека обичниот јогурт има поголема веројатност да има позитивно влијание во споредба со производите со додаден шеќер.
Врската помеѓу исхраната и ризикот од рак
Резултатите од ова истражување ги надополнуваат наодите од претходните студии кои сугерираа поврзаност помеѓу исхраната, цревниот микробиом и веројатноста за развој на рак на дебелото црево. Анализата на 16 претходни студии кои го проучувале јогуртот и зачестеноста на ракот заклучиле дека зголемената потрошувачка на јогурт е поврзана со помал ризик од рак на дебелото црево.
Друга научна студија заснована на истата група учесници како и во студијата на Огин покажа дека јадењето една или повеќе порции јогурт неделно во споредба со неконзумирањето јогурт е поврзано со помала инциденца на проксимален колоректален карцином.