За и против симит-погача: За скопјани е како причесна, за другиве – жива глупост

1.021

За симит погачата, инаку, најскопскиот специјалитет, секогаш имало расправии. Додека едните велат дека е жива глупост и се чудат како некој може да јаде „сендвич со бурек“, скопјани го јадат како да е причесна

После секое споменување на симит-погачата, еден од ретките деликатеси што се прави и продава речиси исклучиво во Скопје, а особено после една ваква објава на Фејсбук во која велат дека за овој скопски деликатес се чека и по половина час, дури и во 11 навечер, секогаш се наоѓа некој што ќе рече дека не може да разбере како може некој да јаде ваква глупост.

Обично тие кои мислат дека е глупост, секогаш го велат истото: за леб во леб да се чека ред?! Па се чудат што е тука толку добро. И навистина, симит погачата е сендвич составен од лепче (кифла) и од мрсна пита без фил која е слична на бурек.

Затоа и е до некаде точно дека, во некоја рака, симит погачата е токму тоа: леб во леб, ама и не е баш така. Имено, вистинска симит-погача е само онаа за која симитот (лепчето, кифлата) се прави од  маја од леблебија (наут), а мајсторијата на погачата (бурекот, питата) е во овчата или кравјата маст. Тоа не е она што обично го подразбираме под зборот „маст“ (најчесто кога велиме маст, се мисли на свинската маст), туку на маст која се добива од млекото на овца или на крава. Иако, и зејтинот врши работа, се додека лепчето е она вистинското, од наут.

За оние пак на кои не им е јасно како може да се чека ред за една ваква „глупост“ која била само „леб во леб“, да потсетиме: не рековме дека е здраво и дека треба да се јаде секој ден, ама оние кои ја сакаат и онака не можат да го прават тоа секојдневно од едноставна причина што наутро ја има само до 10 часот, а навечер дури после 22. Ова е така затоа што симит-погачата не е ниту ужина, ниту ручек, ниту вечера. Таа е исклучиво појадок, па затоа можете да ја најдете само рано сабајле пред 10 часот или доцна ноќе, за оние кои сакаат да „појадуваат“ после полноќ.

А дека симит-погачата е навистина деликатес, зборува и тоа што оние кои веќе не живеат во Скопје, првата работа што ја прават кога ќе дојдат во родниот град е токму тоа, да си купат симит-погача. Некои бараат од блиските да им ја испратат по некого кои патува таму кадешто живеат, па макар тоа било и преку Океанот, но ова, со оглед на тоа што симит-погачата е најубава кога е топла, веќе има друго име и се вика носталгија.

А тоа што повеќето нескопјани се толку вчудоневидени кога ќе видат дека скопјани кон овој деликатес се однесуваат како да е причесна и нивното згрозување од тоа што таа го претставува, демек, леб во леб, баш и не држи многу вода.

Впрочем, и охридското ѓомлезе е „саде тесто“, па сепак го сакаме сите.