За најдобрата симит погача во градот

866

Најпознатиот скопски производ, симит-погачата, е мошне стар и исклучиво скопски специјалитет, а вкусот многу зависи од тоа дали е лепчето, односно, симитот, направено навистина со наут. Оваа симит-погача од Фурна Бит Пазар е токму таква, најавтентична и највкусна, па веројатно затоа и ја има најдоцна до пладне

Оние што периодов ги постат Велигденските пости, ама онака, хардкор, како скопјанецот Стефан Русевски, за време на викендот уште рано насабајле се пред фурната Бит-пазар која е најпозната токму по симит-погачите кои се прават по оригиналниот рецепт стар повеќе од 1 век.

Вели дека дозата му се две симитки во комбинација со црн чај со мед. Секако, купува барем 10, за цело семејство и за секој случај, ако наиде некој случаен гостин, да не мора никој да се откаже од својата порција.

Скопјани велат дека, за жал, автентичниот вкус на ова препознатливо традиционално скопско јадење полека исчезнува, а она што денеска се нуди низ фурните и пекарниците, иако оние кои не пробале досега нема да го забележат ова, всушност го нема оној препознатлив вкус како во минатото. 

Ако направите анкета помеѓу скопјани, сите ја посочуваат токму оваа фурна на Бит-пазар, кадешто може да се најдат традиционалните симитки, со вкус и квалитет кој не е променет со децении или, како што велат таму, се прават по рецепт стар повеќе од 1 век.

Во нашите краишта наутот се користел многу одамна, најчесто за правење лепче-наутлија, а во последно време, сè повеќе се користи и како хумус, како и во други варијанти заради неговите здравствени придобивки.

Лепчето со наут е токму најважниот дел од овој деликатес што се прави и продава речиси исклучиво во Скопје или ако веќе го има и во некои други места во државата, тогаш, велат, сигурно мајсторот е дојден од Скопје или занаетот е пренесен од Скопје.

Оние кои не знаат што е симит-погача, најчесто се чудат затоа што јадеме „леб со леб“, ама ако еднаш ја пробаат, ќе стане нешто на што со задоволство ќе се навраќаат на секоја посета на нашиот град.

Ние најдовме еден рецепт кој може да ви послужи ако сакате самите да направите лепче со наут, односно, симит.

Состојки:

200 грама наут

1,5 кг брашно

Вода

Сол

Приготвување:

Прво се приготвува квасот. Наутот се меле, се става во сад и се попарува со зовриена вода и сол. Смесата се меша со дрвена лажица, се покрива  садот и се остава цела вечер да отстои на топло.

Наредниот ден квасот за лебот е готов.

Се зема половина килограм од брашното и му се додава квасот со малку вода. Се меша со лажица се додека целата смеса не се соедини, потоа се покрива и се остава 1-2 часа на топло за да стаса.

На тестото му се додава уште 1 кг брашно, сол, вода по потреба и повторно се меси. Тестото се става во плех и се остава да стаса уште половина час во загреана рерна на 50 степени. Се пече 45 минути на 200 степени.