За пангата, рибата со лоша репутација: Од АХВ велат дека рибите на нашиот пазар се безбедни!

Фото: Pexels
61

Рибата пангасиус (панга), низ годините ја следи многу лоша репутација во однос на нехигиенските услови во кои се одгледува и лошиот и сомнителен квалитет. Деновиве многу македонски медиуми пишуваа за опасноста од нејзино консумирање, а со оглед на тоа што таа слободно се продава и се купува во нашите маркети, се обративме до Агенцијата за храна и ветеринарство.

Уште пред неколку години, светските медиуми пишуваа за рибата со исклучително лош квалитет, произведена во Виетнам, во исклучително нехигиенски услови. Тогаш ја нарекоа оваа риба „риба-измама“, па целата афера околу неа го доби истото име.

Станува збор за пангасиус (панга), рибата за која деновиве многу пишуваат македонските медиуми. Со оглед на тоа што оваа риба слободно се продава и се купува во нашите маркети, се обративме до Агенцијата за храна и ветеринарство со неколку прашања, меѓу кои и тоа дали во изминатиот период е евидентиран случај на небезбедна пангасиус риба на македонскиот пазар?

Од Агенцијата не информираа дека се спроведува редовна контрола на сите пратки со риба кои се увезуваат во државата.

„Во изминатиот период не се евидентирани случаи на небезбедна пангасиус риба на пазарот во Македонија, ниту се утврдени отстапувања од здравствените барања согласно домашната и европската легислатива.

Во 2024 година е уништена една пратка со конзервирана риба по потекло од Тајланд, во количина од 16.333,2 кг заради зголемено присуство на хистамин.
АХВ ќе продолжи со доследно спроведување на сите пропишани мерки и активности со цел заштита на здравјето на потрошувачите и обезбедување безбедност на храната на национално ниво“, велат од АХВ.

Оттаму информираат и дека контролите кои се вршат на граничните места на влез опфаќаат:

  1. Преглед на документи и идентитет на пратката– со која се потврдува усогласеноста на пратката со здравствените и увозни барања;
  2. Физички преглед – проверка на самата пратка, вклучувајќи и визуелен преглед на производот;
    Физичкиот преглед опфаќа и земање мостри за лабораториска анализа, при што се анализира присуство на oстатоци од антибиотици и други ветеринарно-медицински препарати, тешки метали (жива, олово, кадмиум, арсен), пестициди и други контаминенти, микробиолошка контаминација.

За да се избегнат ризиците, експертите обично препорачуваат избор на риби од проверени извори. Меѓу нив, се препорачува скушата како една од хранливите и евтини опции, богата со омега-3 и погодна за печење. Потоа, сардините кои покрај тоа што се евтини и лесно достапни, се хранливи и не акумулираат тешки метали, а тука е и слатководната пастрмка, која се препорачува ако е од контролирани рибници, бидејќи е нискокалорична и богата со хранливи материи. Се препорачува и осличот, како лесна, немасна риба, погодна и за оние кои не сакаат интензивен „рибен“ вкус.

При купување риба, важно е да се внимава на ознаката за потекло и сертификатите за квалитет. Треба да се избегнува увозна риба без јасна декларација, а секогаш е неопходна и темелна термичка обработка.

Информираноста и вниманието при изборот на риба се клучни за заштита на здравјето.