За секоја болка има некоја тревка: Френки од Буњаковец е жива енциклопедија, а неговата тезга – најголема аптека

Фото: Арт кујна
864

Хрватот кој повеќе од 30 години со своето семејство живее во Скопје, во текот на сите овие години живот и работа, стана вистинска легенда на пазарчето Буњаковец. Некои го знаат како Владо, а сите други, како Френки-Буњаковец. Неговата тезга е вистинска аптека за природни лекови под отворено небо

Нашиот соговорник Владо, попознат како Френки од Буњаковец, е роден во гратчето Метковиќ, во јужна Далмација, пораснат е во Мостар, жена му е од Задар, средна Далмација, а во Скопје живеат од 1993-та.
Тој е еден од најдобрите познавачи на билки, од кои повеќето ги берат со својот син од најчистите предели низ Македонија, во екот на нивната сезона. На пример, деновиве цело Скопје доаѓа на неговата тезга на пазарот Буњаковец по мечкин лук (сремуш) кој тие го берат на Китка, но многу внимателно, вели тој, поради змијата-поскок која во овој период знае да се појави по ливадите.
Периодов собирале и глуварче од Матка за кое советува, да се суши сосе корен за да не ги изгуби скапоцените здравствени придобивки. Обично тој и син му берат во неделите и понеделниците кога нивната тезга на Буњаковец, е под клуч. Тоа се два дена неделно кои веќе со години, иако ги користи за собирање на тревки и за ловење риби, ги смета за денови за себе и за сопствениот мир.
Владо уште како дете ја засакал природата и почнал да лови риба, ама на диви реки, на времето, во неговиот роден крај, на Неретва, а сега најчесто, на Радика. И вели, додека оди по риба, наместо да ја гази мајчината душичка, се наведнува, ја собира во ранец, ја суши и ја пакува за употреба и за продажба на својата тезга.

Ете толку е едноставно кога некој сака.

Аптека на отворено
Од пред неколку години колку што не сум поминала оттаму, тој својата „аптека“ на отворено ја проширил и на неколку соседни тезги, па ако само почнете да разгледувате што сè има таму, сигурно ќе си заминете со полни торби и празен паричник. Сепак, бидете сигурни дека Владо нема да ви продаде ништо погрешно и детално ќе ви објасни од каде е и за што се користи, а ќе добиете и целосен рецепт за тоа како да се приготви и како се употребува.
Без оглед дали сте дошле само за да си купите грав, просо, боб, леќа, коноп, ориз, јачмен, овес, хељда или нешто друго, дали сте дошле по зачини и чаеви, ореви, фстаци, лешници, бадеми, кикиритки, какао, чај од капини, малини или листови од смоква, ќе ги добиете најдобрите.

Ако само еднаш сте имале можност да поминете од неговата тезга за да видите колку детално му објаснува на секој еден кој ќе побара нешто од него, ќе сфатите колку многу енергија вложува во својата работа. Можеби е малку нескромно, вели тој срамежливо, но, меѓудругото, благодарение на него и на тоа што низ годините несебично го споделува своето енциклопедиско знаење за сите лекови од природата кои, вели, ги има за секоја болка, луѓето почнале освен црвен пипер и шарена сол, да користат и многу други зачини и чаеви од нашево поднебје, но и од целиот свет.

Не купувајте рефус лук, купувајте само од низа!
Владо не само што бере билки и ги суши по свои правила, според кои нането мора да има токму таква зелена боја каква што има неговото, од нив прави и многу природни лекови од типот на кантарион во масло, смиље во масло, но и производи како песто од мечкин лук. И не, нема ниедна тајна, напротив, тој со задоволство ќе ве подучи како можете и сами да си го направите сето тоа.

За пестото, само мечкин лук, сол и маслиново масло или, што би рекол тој, „колку поедноставно, толку подобро“.
Исто така, често прави и намаз од магдонос, маслиново масло и стар лук, за кој патем, советува да го купувате само од низа, а не рефус, бидејќи во тој случај, вели, „ќе бидете сигурни дека е македонски, а не од Египет или од Кина и дека нема да ви го растури стомакот“.
Многумина кои по малку арогантно, на неговото прашање, за што им треба одреден производ, му велат дека не е важно, само нека им спакува една кутија, на крајот сепак остануваат подолго од што планирале и си одат со ветување дека ќе се вратат за да доземат сè што им треба – за запчињата на детето, за нивниот желудник, за женските проблеми на сопругата, за простатата на кумот и слично.
А Владо нема што нема. Деновиве таму, вели, многу се купува и сушениот хибискус за вапцање јајца, но и преубавите миризливи рози кои освен за чај, многумина ги користат и за декорација или како додаток во омилениот џин-тоник.


Ќе најдете таму и многу билки за кои можеби не сте ни чуле досега. Како рујевина, растение кое му го носат од Босна или од Хрватска, а кое е одлично за детокс на организмот.
„Четири-пет коренчиња се варат во литар вода, се оставаат да стојат во водата цела ноќ и сабајле се пие. Наместо тоа, за истата намена, односно, за детокс на организмот, советува Владо, може да се користи и комбинација од цимет, лимон исечен на коцки и свежо нане или пак сезонскиот мечкин лук, свеж за во салата, спакуван во песто или пак во форма на капки“.

Неколку рецепти за лек и за убавина

На оваа богата аптекарска тезга ќе најдете и Ивајнско цвеќе кое има диуретично дејство па се употребува за лекување на уринарните органи, го подобрува апетитот и го зајакнува организмот, а се користи и кај тешки болести и истоштеност. Исто така, се употребува и кај болести на црниот дроб, панкреасот, а надворешно може да се употребува кај рак на лимфните жлезди, грлото и јазикот, против разни кожни болести, рани и чиреви.
Покрај ова Ивајнско цвеќе, тука е и Ива тревата за која Владо објаснува дека е различна од Ивајнското цвеќе. Па така, Ива тревата во народната медицина се употребува за лекување на разни заболувања на органите за варење и за дишните органи, за лекување на бубрезите, и за многу тешки болести, па дури и за рак.
Ако баш сакате поопсежно објаснување, а нему му навалила гужва, Владо понекогаш ќе ви ја понуди и од под тезга ќе ја извади и својата „распарталена“ книга која самиот ја знае напамет како „Оче наш“.
Инаку, овој натурализиран скопјанец е веќе 15 години веган, нема да го најдете на социјалните мрежи, не гледа телевизија, не пуши, не јаде шеќер, а во автомобил сè уште слуша музика од касети.
„За разлика од Далмација, кадешто имаме само 4-5 чаја што растат на камено тло, во Македонија има едно чудо билки, природата во изобилство ви дава сè, само памет не. Извинете поради ова, но навистина не ми е јасно како може луѓето да не се заинтересирани за сето ова богатство што природата го дава во вакво изобилие“, вели Владо кому последнава година веќе му е по малку преку глава од напорната работа.
„Сите овие години колку што сум тука, доаѓам на пазар во 4 ипол наутро и останувам до 6, а иако имам жена задарка (Задар, централна Далмација, Хрватска), не сум бил на море 30 години. Мислам дека е време да се вратам дома, во Хрватска, вели тој и ни открива дека сериозно размислува за големи промени во својот живот, иако, ако тоа навистина и се случи, на скопјани навистина ќе им недостасува овој човек и неговите бесплатни совети за здравјето.

За крај, иако кога би имал повеќе време, како што вели, за билки и природни лекови би зборувал цел Божји ден, ни даде и еден совет за тоа како да проверите дали маслиновото што сте го купиле е навистина маслиново масло.
„Ставете го во фрижидер и ако целосно се здрви, слично на медот, значи дека е чист, но ако тоа се случи само делумно, а делумно се одвојува масло, значи дека е мешано со палмино масло“, вели тој додека ни го подава маслиновото од Албанија кое на неговата тезга во стаклена мабалажа се продава по цена од 200 денари за половина литар.
А да, и ако сакате да имате убава кожа на лицето и да ги исчистите сончевите дамки, ставете смилје во тегла и прелијте го со маслинов зејтин. Нека стои еден месец, а потоа – мачкајте се. Подобро е и од најскапите креми. Смиљето можете да го пиете и како чај, затоа што е добро за камења во жолчка и за дишните патишта.
„Се става цело здробено гранче смиље (и дршката и цветот) во 2 дцл вода, се остава да зоврие 1-2 минути, се лади и потоа се пие. Оваа тезга има да раскаже уште многу нешта, јас само пренесувам. Ова тука е цела библија и не може да се раскаже за само 2 часа“, вели Владо додека со едната рака ни мафта од зад тезгата, а со другата веќе го услужува следниот муштерија.