Заедно со природата и со малите производители! Слоу Фуд Салон 2025

1

На 13 декември (сабота) во хотел Континентал, од 11 до 20 часот, ќе се одржи 4-тото издание на Слоу Фуд Салон. Таман навреме за да се снабдите со домашни производи, без токсични состојки, за претстојните празници или барем да научите нешто за нив

На 13 декември 2025 (сабота) во хотел Континентал, од 11 до 20 часот, ќе се одржи 4-тото издание на Слоу Фуд Салон.

Таман навреме за да се снабдите со домашни производи, без токсични состојки, за претстојните празници или барем да научите нешто за нив

Оваа година, под мотото ЗАЕДНО СО ПРИРОДАТА, ќе го истражуваме длабокиот однос помеѓу човекот и природата, инспирирани од мудроста на Алберт Ајнштајн: „Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“.

Во време кога се оддалечуваме од нашите корени, Слоу Фуд ја покажува патеката кон обновување на врската со природата и еко-системот.

Токму затоа овој салон не е само настан, туку повик за промена: премин од трошење на природни ресурси во регенеративна фаза која ја обновува и почитува земјата, водата и сите живи организми. На Слоу Фуд Салон 2025 ќе може да се ужива, истражува и вкусува на Саемот на производи на храна – запознавајќи ги локалните и регионалните производители од цела Македонија кои ја негуваат традицијата и произведуваат добра, чиста и правична храна.

Тука е и Салонот на пијалаци, што е идеална можност да се откријат и вкусат пијалаци произведени со почит кон природата.

На Слоу Фуд Арената ќе се одржат три форуми каде ќе се судруваат идеи и ќе се водат отворени разговори кои ја обликуваат нашата врска со природата: Едукација за одржлива иднина, Агроекологија и Слоу Фуд фарми и Слоу Фуд Травел.

Најавени се атрактивни мастер класови и дегустации, богатата палета на Миксологијата – локалните пијалаци во нови комбинации, потоа- школо за готвење – новитет каде ќе се изучува природната храна и природните процеси, рецепти за ферментирање и подготовка на храна, а вистинска авантура ќе биде да се истражи Павиљонот Маслинкарник…

Детското катче е специјално подготвено за најмладите, а во него, децата ќе учествуваат во четири креативни работилници кои ќе ги поврзат со природата и храната: „Шепот на природата“, „Природна сложувалка“, „Разговор со природата“, и „Малите чувари на живиот свет“.

Слоу Фуд Салонот е подржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.