Здраво летно овошје: Вишни – ризница на антиоксиданти

Фото: Freepik
15

Некои истражувања покажале дека антоцијанините од вишните имаат силен антиоксидативен и антиинфламаторен ефект и придонесуваат за превенција од рак на дебелото црево. Всушност, фенолните компоненти од вишните имаат посилен антиинфламаторен ефект од аспиринот.

Поради нивните бројни здравствени придобивки, вишните сè повеќе се сметаат за функционална храна. Тие имаат кисел, освежителен вкус, а можете да уживате во нив не само во текот на летната сезона, туку и по неа, кога имате замрзнати вишни.
Обично го консумираме ова овошје преработено во форма на сок, џемови, компоти, ликери и додатоци и филови за колачи.

Вишните се одгледуваат најмногу во Европа, по што следат САД и Централна Азија. Меѓу трите најпознати сорти е мараската, која е популарна и кај нас.

Сладоста на вишните доаѓа од едноставни шеќери, гликоза и фруктоза, а киселоста се должи на органската малична киселина.

Од витамини, вишните содржат витамини Ц, Е и К и некои витамини од групата Б.

Од провитамините со антиоксидантни својства, се издвојуваат каротеноидите, кои се позастапени во вишните отколку во црешите. Исто така, содржат и минерали; калциум, магнезиум и калиум.

Фенолите од вишните го штитат здравјето на луѓето

Додека црешите содржат повеќе шеќер (околу 13 проценти) од вишните (околу 8 проценти), вишните се далеку побогати со фенолни компоненти. Ги има приближно како и во јагодите, а повеќе отколку во јаболката и кивите.

Примарната улога на фенолните компоненти е, во суштина, да ги заштитат растенијата од ултравиолетово зрачење и растителни патогени.

Фенолните супстанции од растенијата имаат повеќекратни позитивни ефекти врз луѓето. Тие ги нарушуваат оксидативните процеси предизвикани од активноста на слободните радикали, што инаку резултира со негативни промени во структурата и функцијата на клетките. И конечно, ова може да доведе до малигни промени.

Научните истражувања покажуваат дека фенолните супстанции од вишните се моќни антиоксиданти кои го спречуваат појавувањето на рак и предвременото стареење.

Некои истражувања покажале дека антоцијанините од вишните имаат силен антиоксидативен и антиинфламаторен ефект и придонесуваат за превенција од рак на дебелото црево. Всушност, фенолните компоненти од вишните имаат посилен антиинфламаторен ефект од аспиринот.

Со сето ова кажано, јасно е зошто вишните се сметаат за таканаречена функционална храна, пишува здравствениот портал „Адива“.

Тие се одлични и за спиење

Никогаш не би ги поврзале вишните со спиење, но тие всушност придонесуваат за релаксација и добар сон, бидејќи содржат и мелатонин.

Вишните го регулираат циклусот спиење-будење, што придонесува за здравјето на нервите или спречување на невродегенеративни заболувања. Исто така, го зајакнуваат и имунитетот.

Не е ли сè што е наведено повеќе од добра причина да си купите од овие прекрасни темноцрвени плодови на природата?