Звучи чудно? Секако, но откако ќе пробате желе од лук и рузмарин, ќе ви стане сосема природно да го користите во сендвичи, со пржено месо, на тост. Еве како да го направите
Ова посебно желе ќе го збогати секој појадок, оброци со печурки, со тофу, риба, јагнешко,… Користете го на печено месо, одличен додаток е на скара, но и со топли печива. Лесно се прави и нема да зажалите ако го додадете во вашите оброци. Така барем велат од Лајфпрес магазин (Lifepressmagazin).
И веруваме дека знаете колку се здрави лукот и рузмаринот.
Ќе ви требаат:
1 ¼ шолја суво бело вино, 1/4 шолја сечкан лук, 1/4 шолја обичен бел оцет (или оризов оцет), 2 лажици свеж сок од лимон, 2 лажици свежо сечкан рузмарин, 3 ½ шолји шеќер, 1/2 лажичка путер, 50 грама овошен пектин или желатин.
Измијте ги и подгответе ги теглите. Измешајте ги виното, лукот, оцетот, лимонот и рузмаринот во тенџере и оставете да зоврие на средна температура. Додадете шеќер. Кога смесата ќе зоврие, додадете го путерот за да ја намалите пената. Намалете ја температурата и оставете сè да крчка 7 минути. После тоа, повторно зголемете ја температурата и кога смесата ќе проврие повеќе, тргнете ја од оган и додадете го желатинот. Веднаш вратете го на шпоретот да зоврие и мешајте постојано минута или две. Тргнете од шпоретот и веднаш истурете во теглите, но оставете малку простор до врвот. Цврсто затворете ги теглите и наредете ги во голем сад со топла вода (водата нека ги покрие теглите и нека биде најмалку 5 см над теглите). На дното од тенџерето треба да поставите решетка кујнска крпа. Ставете сè да се готви полека 5 минути. Одржувајте рамномерна температура.
Кога ќе ги извадите теглите, оставете ги да се изладат, проверете ги капаците за да видите дали конзервирањето било успешно. Ако се херметички затворени, не треба да ги чувате во фрижидер.
Можете да го послужите ова желе и како сос за крекери, со крем сирење или со печено месо. Премачкајте го пилешкото или свинското месо со ова желе 15 минути пред печење и ќе имате вкусен оброк.