Знаете ли што е „авокадо рака“? Авокадото е поврзано со илјадници повреди секоја година

Фото: Pexels
125

Повредите при сечење авокадо често се случуваат за време на обидите за отстранување на семката и може да варираат од мали исеченици до длабоки посекотини кои ги зафаќаат тетивите, нервите или крвните садови

Авокадото е денес главен производ во кујната за многу луѓе, но неговото сечење може да биде ризично, бидејќи повредите „авокадо рака“ (англ. avocado hand) се доста чести, како што забележале лекарите од итната помош.

Всушност, авокадото е поврзано со илјадници итни медицински случаи секоја година.

Студија открила повеќе од 27.000 повреди со нож за време на сечењето авокадо во САД помеѓу 2013-2017 година, а повеќето се случиле помеѓу април и јули.

Како што расте побарувачката за авокадо, се поставува прашањето, како да се избегне повредата „авокадо рака“ во кујната?

За порталот Health, експертите ги споделиле сознанијата зошто се случуваат овие повреди и како безбедно да се исече авокадото.

Што е „авокадо рака“?

„Авокадо рака“ не е официјален медицински израз, но опишува повреди со нож од сечење авокадо.

Видот на повредата зависи од тоа како се држи авокадото за време на сечењето, но обично вклучува убод на недоминантната рака.

Овие повреди често се случуваат за време на обидите за отстранување на семката и може да варираат од мали исеченици до длабоки посекотини кои ги зафаќаат тетивите, нервите или крвните садови, рекол Али Џамехдор, лекар за итна медицина и медицински директор на Одделот за итни случаи на фондацијата Веингарт (Weingart) во здравствениот центар Провиденс Сент Џонс (Providence Saint John).

Исто така, постои ризик од инфекција или лузни доколку повредите не се третираат правилно, додава д-р Марк Конрој, вонреден професор на итна медицина на Медицинскиот центар Wexner State University Ohio.

Точната преваленца на повреди на рацете од авокадо е нејасна, но тие се случуваат доволно често за да се забележат.

Студијата од 2020 година покажала дека авокадото било поврзано со 2% од сите повреди со нож третирани во одделенијата за итни случаи од 2000 до 2017 година.

Сепак, овие бројки веројатно го потценуваат вистинскиот број на повреди, бидејќи се однесуваат само на оние кои побарале итна помош.
Повреди со нож може секому да му се случат, но повредите на „авокадо рака“ се најчести кај жените на возраст од 23-39 години.

Безбедно сечење авокадо

За да избегнете повреди „авокадо рака“, клучно е правилно да го сечете.

Прво измијте го авокадото под млаз вода за да ги отстраните сите нечистотии или загадувачи, советува д-р Дебора Милер, декан за кулинарски уметности на Универзитетот Кејзер во Талахаси.

Потоа со остар нож исечете го авокадото по должина околу семката, исечете ја кората и плодот.

Одделете ги половините, засечете околу семката за да ја извадите и извадете ја со лажица.

Излупете ја кората и потоа исечкајте го или згмечете го авокадото.

Секогаш користете даска за сечење наместо да го држите авокадото во рака додека сечете, нагласил д-р Конрој.

Оваа практика важи и за секое друго овошје и зеленчук.

Користењето на вистинскиот нож и избегнувањето на преоптоварувањето, исто така, може да помогне во спречување несреќи, рекла Милер.