Зошто е џинот еден од најздравите алкохолни пијалаци?

Фото: Pexels
828

Драги љубители на џинот, гордо наздравете со чашите – се чини дека џинот, пијалак кој е обожаван уште од осумнаесеттиот век, доаѓа со голем број придобивки за нашето здравје.

Џинот е алкохолен пијалак кој се добива од бобинки од смрека кои, доколку сѐ уште не сте знаеле, се многу здрава „супер намирница“ позната по своите лековити својства, поради што во средниот век често се користел во медицината.

Имено, во средниот век, џинот имал репутација дека помага при кашлица, ревматизам и артритис како и кај проблеми со бубрезите, веројатно затоа што е диуретик, а помага и во циркулацијата и ги отстранува токсините од црниот дроб. Постојат теории дека џинот првпат бил подготвен во 12 век од холандски монаси како лек за бубонската чума, за што е малку веројатно да биде вистина. Но, познато е дека за време на епидемијата на чума, многумина правеле заштитни маски во кои биле зашиени бобинки од смрека.

Од самиот почеток на џинот во хербалната медицина и бројните придобивки што ги носи неговата употреба, во 18 век тој го добива и погрдниот прекар – Мајчина пропаст, бидејќи бил многу популарен меѓу женската популација и се верувало дека поради неговата консумација , многу мајки ги запоставиле и ги напуштиле сопствените деца.

Подоцна, се појавил и првиот џин – тоник. Се верувало дека тоникот базиран на кинин, измешан со џин, може да се користи како превентивен лек за маларија и така започнала историјата на џин – тоникот.

Кој всушност го измислил џинот и од каде потекнува?
Иако многумина сметаат дека џинот потекнува од Англија, производот под ова име првпат бил произведен во Холандија на почетокот на 17 век. Според непотврдени податоци, некои дури и го припишуваат првиот состав на овој пијалак на холандскиот лекар и научник Френсис Сивиус, кој барал лек за бубрезите, а познато е дека смреката и алкохолот се добри диуретици. Историјата на џинот сè уште е голема мистерија и постојат многу приказни и легенди за потеклото на овој пијалак кој го освоил светот.

Каква и да е вистинската историја, познато е дека холандските војници носеле шишиња џин околу половината и го нарекувале „холандска храброст“ затоа што го пиеле пред големите битки. Бидејќи биле големи сојузници на Британците, не им требало долго време за да го прифатат овој обичај и да станат големи обожаватели на овој пијалак. Меѓутоа, во 1689 година, холандскиот крал Вилијам III го заземал англискиот престол и го забранил увозот на алкохолни пијалаци, што поттикнало голем број локални производители да почнат да произведуваат сопствен џин.

Ова довело до таков обем на производство на џин што тој станал поевтин од пивото, земјата се нашла во големи проблеми со алкохолот, а џинот го добил прекарот „Опиум на народот“. Со цел да се реши овој проблем, владата во 1736 година вовела „Закон за џин“ – лиценцирање на производството и зголемување на даноците за џин. Тогаш биле создадени некои од најголемите производители на џин – Booth’s, Tanqueray и Gordon’s. После тоа, на ред дојде Америка, каде во 20 век џинот стана омилен пијалак во многу барови и џез клубови.

Здравствени придобивки

Она што особено би можело да ве изненади е фактот дека џинот, покрај тоа што е нискокалоричен, има и низа придобивки за нашето здравје и убавина, па следниот пат кога некој ќе ви каже дека џинот не е најдобриот пијалак на светот, аргументирајте го вашиот став со една од следните пет ставки:

Пригоден е и ако сте на диета
Не грижете се за вашата линија. Џинот е еден од најнискокалоричните алкохолни пијалаци со 97 калории по чаша. Бобинките од смрека влегуваат во акција со зголемување на бројот на ензими кои ја разградуваат вашата храна и помагаат во варењето. Од друга страна, тоа не важи за популарниот џин-тоник, па внимавајте со што го мешате.

Се бори против болести на црниот дроб и бубрезите
Благодарение на бобинките од смреките, џинот помага да се спречи задржување на водата во телото со што овозможува да помине повеќе вода од кој било друг алкохол. Со други зборови, сите оние токсини и бактерии кои ги консумирате кога пиете алкохол полесно се измиваат од вашиот систем на овој начин.

Добар е и за вашите коски
Ако страдате од болки во зглобовите или коските, ќе ви биде мило да слушнете дека бобинките од борот може да се користат како ефикасен третман против хронична болка и воспаление како артритис. Тука доаѓа популарниот (бабиниот) рецепт за суво грозје натопено во џин, кое можете да го чувате во тегла, а само неколку такви зрна суво грозје дневно ќе ви решат голем број непријатни проблеми.

Повеќе антиоксиданти – помалку брчки
Иако не ве советуваме (барем официјално) да ја замените омилената крема против брчки со шише џин, бобинките се полни со антиоксиданти, што значи дека поттикнуваат регенерација на клетките во вашето тело, постигнувајќи помазна и поздрава кожа.

Го продолжува вашиот живот
Бобинките од смрека содржат флавоноиди кои се одлични за спречување на срцеви заболувања и за подобрување на циркулацијата на крвта за време на стареењето. Сепак, тоа не значи дека секоја чаша плус ќе ви го продолжи животот, бидејќи претерувањето ќе има сосема спротивен ефект.