Зошто готвиме кога сакаме? Љубовта не се изговара, туку се сервира на чинија

Фото: Pexels
82

Храната е едно од најстарите и најприродните средства за невербална комуникација меѓу луѓето. Готвењето не е само подготовка на оброк – тоа е чин на внимание, грижа и поврзаност. Па кога мајка ви „ви досаѓа“ постојано нудејќи ви храна, сетете се дека тоа е само начин на кој ви ја покажува својата љубов

Во многу култури, особено медитерански и балкански, топлината на домот се мери со мирисот од кујната. Љубовта не се изговара, туку се сервира на чинија.

Можеби сите нас не нервирале мајките кога постојано ни нуделе храна, поминувале часови и часови во кујна подготвувајќи најкомплицирани оброци и десерти, но кога самите ќе стасаме на одредена возраст, работите стануваат појасни.

Истражувањата во областа на психологијата сугерираат дека луѓето често го користат готвењето како форма на емоционално изразување. Кога зборовите не се доволни или не се природни во односот, храната станува мост.

Луѓето кои имаат тешкотии со вербализирање на емоциите честопати ги „вградуваат“ во колачи, супи или печива.

Кај родителите, готвењето е симбол на заштита. Да, сакаме да направиме од нашите деца здрави луѓе со силен имунитет, а тоа го нема во тегличките наредени во маркетите, тоа го има само во јадењето на мама! Во романтичните врски, готвењето може да биде чин на заведување или емоционална блискост.

Готвењето за другите го стимулира центарот за награда во мозокот, бидејќи поттикнува чувство на цел, корисност и припадност. Да му се даде некому храна е архетипски чин – уште од времето кога споделувањето на пленот значело преживување на заедницата.

Храната како културен код
Во многу општества, храната носи симболика што ја надминува хранливата вредност. Нудењето храна на гостите е израз на почит и доверба.

Во традиционалните заедници, жените честопати го изразувале идентитетот, вредноста и емоциите преку подготовката на храната. Рецептите се пренесувале низ генерациите, не само како упатства, туку и како носители на спомени, припадност и афективни врски.

На пример, на Балканот, жената што подготвува празничен ручек, не само што покажува кулинарски вештини, туку и ги обновува семејните врски и ја докажува својата општествена улога.

Интимност преку чинот на готвење
Заедничката подготовка на оброк – или барем гестот на готвење за некој друг – станува моќен чин на интимност. Во романтичните врски, тоа често означува транзиција кон подлабока фаза на поврзување. Во пријателствата, готвењето може да биде гест на помирување, поддршка или утеха. Луѓето често готват и за оние кои повеќе ги нема, чувајќи го така не само споменот, туку и начинот на изразување емоции кои не можат да се изговорат.

Зошто готвиме кога сакаме?

Затоа што тоа е еден од најстарите и најинстинктивните начини да покажеме љубов. Бидејќи кога избираме состојки, готвиме и послужуваме – зборуваме со нашите тела, со нашите чувства, со нашето внимание. Можеби ќе кажеме „Те сакам“ со зборови, но со храната покажуваме како сакаме.

Готвењето е тивка емоција. Таа не се декламира, туку се чувствува.

Кога некој ви подготвува оброк, дури и едноставно јадење, често зад тоа стои пораката: „Мислам на тебе“, „Се грижам за тебе“, „Те сакам“.