Генерална проба за првомајскиот излет

388

Младиот пар Симона и Мартин викендов направија генерална проба за претстојните празници и ги поканија своите пријатели и колеги на вистинска гозба подготвена на скара која се држи на бродски синџири. Да, да, на бродски синџири кои завршиле во скопско Волково

Велигденските и првомајските празници се период кога најчесто се собираат семејството и пријателите дома, во дворовите или на излет во природа, а тоа е секогаш во овој период и прилично неизвесно ако се земат предвид непредвидливите климатски услови кои често токму на први и втори мај знаат да ни го донесат дождот.

Затоа младата брачна двојка од Волково, Симона и Мартин решија да го искористат убавото сончево пролетно време и првиот ден од изминатиов викенд да ги соберат пријателите на претпразнична гозба. Да, да, знаеме дека се велигденски пости, ама понудата беше навистина обилна и разновидна и посна и мрсна и најмрсна, за сите вкусови и апетити.

А најинтересно, дел од храната, онаа вегетаријанската, како и биеното сирење, се спремаа на скара закачена на бродски синџири кои некако завршиле во скопско Волково.

Инаку, домаќините, иако млади, вистински домаќини, па на масата наредено сѐ, од свежи краставици и домати до кисели краставички, цвекло и домашен ајвар (од баба и дедо) во две варијанти – благ и пикантен.

Потоа, шампињони, тиквички и модри патлиџани на скара, па отпечено биено сирење, сѐ до едно цело крцкаво печено прасе чија фотографија не ја објавуваме од почит кон верниците и кон вегетаријанците. Оние што јадеа изгледаа прилично блажено, но верувајте, вегетаријанската понуда го предизвика истиот ефект на блаженство.

Секако, тука беше и домашната чабата на Биба, како и оние вкусни воздушести лиснати погачици и вртени мали питички и неизбежниот десерт, колач со вишни и торта со шумско овошје.

Во секој случај, ова беше одлична генерална проба, па им посакуваме барем иста ваква премиера.