Дваесетиседумгодишен прилепчанец со цело богатство квалитети, од земјоделие и чување кокошки до поезија и научни трудови

4.764

Сее, сади, бере и одржува зеленчукова и овошна градина, ама и готви, чисти, прави зимница, пишува поезија, научни трудови и новинарски текстови, води радио-емисија и ја одржува својата, но и градината и лозјето на дедо му, од книжевни фестивали слетува во кокошарник, се грижи за баба му која боледува од Алцхајмер и што уште не… Дали е вистински? Да, одамна сме слушнале за него, а неодамна го запознавме. Се вика Филип Димкоски, има 27 години и живее во Прилеп

Прилепчанецот Филип Димкоски пораснал во семејство на наставници, професори, правници и лекари и кај членовите на неговото семејство, освен кај чичко му кој е агроном-сточар, земјоделството било само хоби. Но не е дека немал од кого да ја наследи страста кон градинарството и љубовта кон цвеќињата и правењето зимници. Неговата прабаба Цана за која тој само слушал, но немал среќа да ја запознае, била голема цвеќарка, а и мајка му Наташа, која за жал, прерано го напуштила овој свет, ја љубела природата, одгледувала цвеќиња и била одличен готвач.

„Татко ми Александар, до ден денес раскажува за нивното заедничко уживање во правењето зимници, за збирањето капинки…Тој со неговата баба, а мојата прабаба Цана, неколку години имале и бавча, а потоа дедо ми Илија насадил расадник и лозје, а заедно со мене, кога имав осум години, ја насадивме мојата прва градина во задниот двор од семејната куќа. Од комшијата Пецо Гулиш зедовме семе од штавеј и коренчиња од нане, од тетка Менка од Пановци која продаваше на пазарот, купивме семе за грав, па коренчиња домати и пиперки….И така тие четириесетина квадрати ги наполнивме со сѐ и сешто. Па потоа…секој ден трчав зад куќа да видам дали расцветал грашокот, дали зацрвенеле доматите, дали пораснал штавејот, дали замирисало нането…“, раскажува Филип потсетувајќи се на корените на она што денес го има како свое мало царство, а тоа е Градината на Филип.

Вели дека маѓепсан од природата ја спознава нејзината суштина, се насладува на нејзините дарови, таа му е и муза и хранителка…И токму затоа неговата професија земјоделски инженер и дарбата за пишување поезија, за него се една нераздвојна целина…

Од пазар на факултет, од факултет во градина

Додека растел, помагал во овоштарникот и во лозјето, па со тек на време научил доста работи. Потоа негова главна задача станале бербата и продажбата. Во основно и во средно ги продавал продуктите од овоштарникот на градскиот пазар во Прилеп.

„Почнував со цреши и вишни, па следеа кајсиите, па сливите, па јаболка, дуњи и мушмули…Така, цела година, речиси секоја сабота продавав на прилепскиот пазар…Иако имам универзитетска диплома и сертификат за педагошка доквалификација, како и безброј награди и признанија, сепак, одговорно тврдам дека работата на пазарот е како човек да завршил уште еден факултет. Одамна не продавам на пазар затоа што по заминувањето на студии во Скопје, животот си доби некои други текови, но секогаш би му се вратил на тој колорит од луѓе, бои, мириси и вкусови, намуси и табиети, ишарети и курназлаци, ситни лаги и надмудрувања…Затоа пак, не пропуштам прилика да отидам во сабота на прилепскиот пазар или да посетам пазар каде и да сум во светов“, вели Филип.

Откако дипломирал на факултетот во Скопје, тој се вратил во родниот град и со парите од наследството од мајка му и неговата заштеда од студентската работа во Германија, купил куќа со обработлива површина надвор од градот. Од тука почнува приказната наречена Градината на Филип.

„Градината ја обработувам сосема самостојно, од годинава со „мојот помошник“ мотокултиваторот и моите драги мотики, дикли, дурии и гребла, а во ретки случаи имам помош од соседите, пријателите, другарите или од татко ми, секој онолку колку што може да помогне. Меѓутоа, главната работа е моја. Имам бавча од околу илјада квадрати и во неа има повеќе сорти пиперки и домати, модри патлиџани, грашок, кромид, лубеници, праз, тиквици, петнаесетина овошни дрвца, малини, чичока или шалган по прилепски, рузмарин, пелин, жалфија, гавез, нане, неколку сорти босилок, невен, џунџулиња и секако сончогледите кои се одморалиште за пеперутките, паша за пчелите, храна за птиците, сонца за целата градина и во најтмурните денови. Да не заборавам, дека членови на Градината на Филип се и дваесетината кокошки и кучката Хана.  Уживам во сите етапи на градинарењето од садењето, односно сеидбата, до берењето, готвењето и конзервирањето. Кога сме кај финалната обработка на зеленчукот и овошјето, ќе спомнам дека последниве години со татко ми ја продолжуваме семејната традиција на правење разновидна зимница, варење ракија и сѐ она што некогаш било карактеристика на една домаќинска куќа. Како стасуваат производите од градината, така се полни нашиот подрум со слатко од цреши, џем од кајсии, ѓувеч, ајвар, ликери, чаеви, сокови, компоти…Она што не успевам да го произведам во една градинарска сезона, го набавувам од мои пријатели, секогаш локални производители кои нудат квалитет“, раскажува тој.

За домаќинското слатко од дуњи

Неговата филозофија е дека само кога земјата се одгледува на традиционален и еколошки начин, тој е соработник и пријател со природата, а не нејзин експлоататор. Покрај тоа што ја обработува својата градина, Филип одлучил да го одржи во живот и дедовиот расадник и лозјето…, а откако минатата година дуњите биле преполни со род, на иницијатива на неговата и наша пријателка Наташа од домаќинската куќа „Пирустија“, освен за свои потреби, почнал да прави слатко од дуњи и за продажба…

„Слаткото по рецептот од прабаба ми Цана, направено со помош од стрина ми Славица и пријателките Наташа и Билјана, лани отпатува до Велика Британија, Канада и Словенија…. И годинава беше добра за дуњите и токму сега е сезоната на берба, а наскоро ќе ги имаме и новите колични на слатко. Станува збор за слатко направено по стар прилепски рецепт, кој си е специфичен и си има свои марифети околу точната густина на шербетот и околу килибарната боја на слаткото. Ако добие потемна боја, во Прилеп тоа слатко се смета за направено од недомаќини. Добив прекрасни коментари од луѓето кои го пробаа слаткото минатата година и само што најавив годинава, веќе имам неколку порачки. Ме радува што многумина ова слатко ги потсетува на слаткото што им го правеле  нивните баби“, се смее задоволно Филип.

Мајстор за сѐ и внук за пофалба

Инаку, ова необично момче со детска насмевка и радост во очите, не се занимава само со правење слатко од дуњи и цреши, туку знае да направи и домаќинска араванија, обланди, млечник, ориз со пилешко, лазањи, полнети пиперки, три-четири вида ликери, полни и похува тиквички, прави домашни сирупи и сокови од нане, ајдучка трева и багрем кои исто така ги продаваи смета дека, ако секој од нас на овој свет дошол со некаква мисија, нему му припаднала мисијата да се занимава со сѐ што е убаво, со природа, цвеќиња, паркови, градини, животни, храна, поезија…

„Сѐ што правам мислам дека се само различни облици на љубењето на животот. Замислете дека од чевли и од костум од некој книжевен фестивал, јас влегувам во син мантил и чизми и одам да го чистам кокошарникот, потоа да копам во бавчата, па да правам ручек, да направам интервју, да спружам алишта, да ја пресоблечам мојата баба која боледува од Алцхајмер, да го измешам комињето во бочвата, да искршам ореви за араванија, да испазарам, да напишам научен труд, да патувам, да се смеам до бескрај со моето друштво, да уредувам списанија, да пишувам новинарски прилози, да одгледам некоја претстава, да прочитам многу книги, да рецитирам, да чистам со правосмукалка, да растоварам вреќи со ѓубриво, да метам, да правам зимница, да пејам додека се враќам од напорниот работен ден, да одржам работилници и средби со деца, да се качам на сцената да прочитам своја песна или да добијам некоја награда….Сѐ што правам ја гради мојата целина, ме прави исполнет и богат.

И кога веќе зборувам за убавините и за мојата мисија да го восприемам и да го ширам убавото, ги изнајдов совршените начини да го правам тоа. Преку производството на храна квалитетно се храниме јас и членовите  на моето семејство, но и оние кои ќе купат или ќе добијат од моите производи, преку стручноста им помагам и на други земјоделци да произведат квалитетно и ги насочувам кон правилно и безбедно производство на храна, новинарското перо секогаш го користам да афирмирам нешто убаво, ученички успеси, млади таленти, успешни наставници, личности кои оставиле траги, преку литературата за деца „ги претворам“ малите срценца и главчиња во еколошки свесни битија и мали градинари кои ќе си ја сакаат својата татковина и ќе научат беспрекорно да го користат македонскиот јазик, преку готвењето изнудувам насмевки од лицата на оние чии усти ќе го вкусат мојот оброк..И кога ќе ме заплиснат сите бранови на убавината, она што ќе се прелее станува поезија“, објаснува нашиот соговорник.

Книжевни успеси

Филип е автор на пет поетски книги и неколку научни трудови од областа на земјоделието, автор и водител  на емисијата Градината на Филип која во 18 изданија се емитуваше на локалното Радио Пела во Прилеп. Единаесет години е соработник со Нова Македонија и додатокот за деца Колибри, поезијата му е препеана на петнаесет јазици, а тој препејува од српски, од хрватски, од руски и од бугарски на македонски јазик. Досега препеал околу 300 песни за возрасни, педесетина песни за деца и три одделни книги. Добитник е на плакета „3 Ноември“ од Град Прилеп за афирмација на македонскиот јазик и образованието. Актуелен уредник е на списанието „Полжавче“ што се занимава со претставување на училишните активности на Слоу Фуд Македонија. Член на Здружението на новинарите на Македонија, Друштвото за наука и уметност-Прилеп и на Слоу Фуд Прилеп. Пишувал во македонските списанија за деца Супер Смешка и Росица, а две негови книги се објавени на српски и на бугарски јазик. Неговата книга за деца „Заедно да растеме“ ја доби наградата „Книжевно перо“ од Хрватското книжевно друштво за најдобра книга за деца во регионот, како и престижната плакета „Сима Цуциќ“ која ја доделува Банатскиот културен центар од Ново Милошево, Србија.

Да, предолго за редење, ама штета да не се спомене.

Тој пак, се дружи со луѓето од 4 години (често гостува во градинките) до 104 (правел интервју со најстарата жива актерка во Европа, Бранка Веселиновиќ) и  има безброј пријатели и пријателки, многу помали или повозрасни од него, но сите за него многу вредни, а особено најблиските другари и другарки.

„Анастасија, Марија, Тамара, Владимир, Мартин, Филип Цакоски и Филип Јосифоски. Тоа се мои другари од основно и од средно кои ги чувствувам како семејство со кои сум споделил илјадници мигови на среќа и тага, кои секогаш се моја поддршка. Благодарен сум што ги имам сите нив. Меѓу убавите нешта го вбројувам и моето членство во органзиацијата Слоу Фуд, каде најдов еден куп родољупци, гурмани, вредни земјоделци, интелектуалци, освестени битија, новопечени селани кои го прават мигот, денот и животот поубав и кои на многу начини придонесуваат за нашата татковина. Огранокот, односно конвивумот Слоу Фуд Прилеп се создаде благодарение на нас, неколкумина кои сме ја следеле работата на Слоу Фуд и речиси едновремено сме се обраќале до претседателот Николче Николовски со цел да иницираме основање на Слоу Фуд Прилеп. Желбата беше силна и на крај иако не се познававме претходно, се здруживме и со поддршка на Слоу Фуд Македонија, се формираше Слоу Фуд Прилеп. Пандемијата закочи некои планови од една страна, но отвори нови можности и перспективи и дозволи некои идеи да созреат и ферментираат. Настанот Млеко кој го организиравме во септември беше нашето „огнено крштевање“, а потоа следеше и успешното претставување на прилепскиот ширден и програмата „Училишни градини“ на најголемиот собир на Слоу Фуд Организацијата, настанот Тера Мадре Салоне Дел Густо во Торино, Италија. Нашата лидерка Тодорка Наумоска Димески и нашите членови, верувам дека ќе изградат цврст конвивум кој ќе дава уште поголем придонес со цел афирмација на вистинските вредности“, завршува Филип чија приказна е многу подолга и поинтересна од просторот што го одделивме за него, но сигурно ќе има продолжение по некој повод во некоја следна пригода.