Кога во градот ќе стане тесно, некој мора да отстапи место: Скопјаните Стефан и Ана го заменија градскиот асфалт со живот на село

11.532

Земјоделството не е само работа, туку начин на живот. Токму овој и таков живот е тој во кој нашите соговорници се чувствуваат како да се вратиле дома. Иако ниту тие, ниту пак нивните семејства некогаш живееле на село, сега вредно ја обработуваат земјата и си ја произведуваат својата храна и сето тоа во втора смена, после редовната работа во градот и целодневна, за време на викендите.


На почетокот на корона кризата, кога имаше краток прекин во синџирот на снабдување со храна, се постави прашањето за прехранбената сувереност и самодостатност во производството на храна.
Заспани поради достапноста на сите производи на полиците на продавниците, со текот на годините кај нас се создаде атмосфера дека ништо не вреди да се произведува бидејќи сè е достапно и евтино, без оглед дали е од увоз.

Затоа нашите ниви и нашите села се запустеа, а селаните почнаа да ги продаваат нивите и да купуваат станови, кој во Скопје, кој подалеку, отаде граница.
Уште пред почетокот на војната во Украина, имаше огромно глобално нарушување на пазарот на храна, што доведе до драстично зголемување на цените, па се постави прашањето, можеме ли да имаме доволно храна во случај на катастрофа од големи размери и како да ја преживееме оваа заканувачка ситуација кога и сега, со сегашната куповна моќ, поголемиот дел ни оди само за храна?

Како може да се заштитиме во случај на прекин на синџирот на снабдување или на драстично зголемување на цените што веќе се случува?

Дали оваа сегашна закана е добар мотив да започне бранот на враќање во селата?
Очигледно е дека тоа веќе се случува иако не би го нарекле враќање бидејќи повеќето од луѓето од селата веќе се вгнездени во градовите и на новите работни места, а во селата почнаа да одат луѓето од градовите, кои никогаш претходно не живееле на село, ниту пак имаат свои ниви и имоти.
Тие почнаа да си ги продаваат градските „кокошарници“ и да се селат по селата за да си го најдат изгубениот мир и да си ја произведуваат својата храна.


Едни од нив се и скопјаните Ана и Стефан. И не, не се пензионери и немаат време на претек. Имаат само желба, елан и работливост.
И двајцата се електро-инженери и цел живот работат во приватниот сектор, што би се рекло, не се од оние „лежи лебу да те јадам“. Напротив.
Имаат одговорна и тешка работа која трае 25 часа на ден и сепак наоѓаат време за своите релативно нови земјоделски активности.
Всушност, сѐ почнало во време на пандемијата. Нели, тогаш сите станавме домаќини, кој почна да меси леб, кој да сади разни градинарски култури, кој да готви,…
Така и тие двајца, ненавикнати на вишок слободно време, се фатиле за лопатите и во нивното дворче во Тафталиџе 1 направиле мали парцели со краставици, домати, тиквици, кромитче, лукче, по некој компир и салата.
Не дека имале којзнае каков род, ама некако им се бендисало црното под ноктите и погледот на ретките плодови од нивниот труд кои биле неочекувано вкусни.


Како и да е, по короната, некако тешко се навикнувале на стариот живот кој се состоел во милион обврски на ден, постојан стрес и пуста желба за вкусна храна, како онаа порано, на која ги потсетиле вкусовите на производите од нивната експериментална пандемиска агрокултурна активност.
Но откако еднаш им влегла чивијата, не ги напуштала желбата да направат некоја драстична промена.
Не во смисла да ја сменат работата, со оглед на тоа што станува збор за бизнис кој сами го изградиле од нула, без партии и наследства, бизнис од кој, иако стресен и напорен живее целото семејство и се надеваат дека кога ќе си заминат во пензија ќе можат полека да им ги препуштат обврските на своите двајца наследници, ќерката која веќе работи со нив и синот кој сѐ уште студира.
Дотогаш, велат, ќе продолжат да чекорат по двете стази.
Имале среќа да добијат добра понуда, вложиле тоа што имале, земале кредит и си купиле имот со веднаш вселива куќа во едно скопско село.
Годинава е нивна втора година таму и велат дека веќе стануваат сериозни производители на храна.
Не е дека е едноставно, со оглед на дневните обврски на работа, но веќе полека си го пренесуваат животот таму, па се навикнуваат и на секојдневното возење до нивната канцеларија во Тафталиџе и назад на село, таман навреме за да видат до каде се плодовите на нивниот годинешен труд.


„По секојдневните стресови на работа, физичката работа околу нашите градинарски култури ни е како мелем на рана. Не е лесно, секако, ама убаво е за промена да се прави нешто друго, а има ли нешто поубаво од тоа сам да си ја произведуваш својата храна“, вели Стефан, а Ана се надоврзува и признава дека понекогаш уморот знае да ги совлада и веќе во 10 да ги кутне во кревет, но затоа утрата се рани.
„Вистинско задоволство е да се напиеме кафе пред одење на работа шетајќи меѓу леите и гледајќи што ново пораснало. Годинава ставивме и пластеник и веќе имаме посериозни резултати. Јас се научив да правам природни заштитни средства и сега производите се поздрави отколку првата година кога пробавме да одгледуваме нешто во Тафталиџе. Ги прскам со природни средства од коприва, сода бикарбона, лута пиперка, тутун…Стефан е задолжен за потешките работи, ама и двајцата сме до гуша во ова“, се смее Ана.


И си продолжуваат со истото темпо, преку ден на работата што им овозможува средства за живот, а потоа, во останатиот дел од денот, на село.
А дека мислат навистина на сѐ зборува и тоа што иако кај нас малкумина се трудат околу селектирањето на отпадот, а особено се ретки оние кои му бараат чаре и на органскиот отпад, Стефан и Ана не само што прават компост од отпадот што го прават во селото, туку носат органски отпад и од Тафталиџе, кадешто живеат нивните деца.
„Золва ми се договори со социјалното претпријатие Реди рисајклинг кои ни донесоа канти за пластика и, за жал, наместо за хартија, овојпат втората канта е за електронски отпад кој не верувам дека кое било домаќинство го прави толку за да се собира еднаш неделно. Како и да е, сега ние носиме пластичен отпад од тука и го фрламе во кантата во Тафталиџе, а од таму го носиме органскиот отпад од децата и од золва ми во нашиот компост на село. Навистина мислам дека ако не се опаметиме сите, ѓубрето ќе не проголта“, вели Ана.


Таа и Стефан сега најмногу уживаат во викендите и во попладнињата.
„Како цел живот да сме живееле на село. Искрено, зимата не одевме баш многу, ама откако се стопли и почнавме со земјоделските работи, мораше да бидеме постојано таму. Иако ние и немаме некои којзнае колкави насади, ама сепак, си бара секојдневен ангажман. Сега ги разбирам луѓето што живеат на село кога ќе речат, во село секогаш има работа, само кој сака. И навистина има, ама затоа нема ништо подобро од салата во која сѐ што сте здробиле, сами сте го набрале. Тогаш се заборава и на умор и на сѐ“, објаснува Стефан.


Велат дека роднините и пријателите се шегуваат со нив и им велат дека станале вистински селани, а тие се надеваат дека еден ден кога ќе имаат повеќе слободно време ќе станат и уште повеќе селани, од оние со полно работно време.

„Земјоделското производство е нешто што може да се нарече чисто задоволство, бидејќи го следиш растението од садење во земја, за време на никнувањето, неговото растење до созревањето и бербата на плодот, ги набљудуваш сите фази на производство и гледаш како од едно мало семе се добива плод кој понекогаш тежи и неколку килограми“, зборува Ана, покажувајќи ни ги со нескриено задоволство и гордост, доматот и модриот патлиџан кои тежат по околу половина килограм.


Плановите на овие двајца новопечени земјоделци не завршуваат само со растенијата па Стефан додава: „Знам дека приказната за земјоделството не завршува со растенијата и дека би било убаво кога би чувале и некои домашни животни, на пример, кокошки, ама сега засега, со сите други обврски околу работата, не сакаме да ризикуваме. Се надевам дека еден ден ќе можеме да го направиме и тоа“.
А кога гледаме со каква љубов и со колкава радост зборуваат за сето ова, не се сомневаме дека овие двајца добри и вредни луѓе еден ден ќе го реализираат и тоа.