Денис Делогу: Ја победил мултипла склерозата со палео исхрана

Фото: Unsplash
823

Денис Делогу не дозволил застрашувачката дијагноза да го обесхрабри: менувајќи ја исхраната, но и начинот на живот, ја ставил под контрола автоимуната болест. Неговата книга „Во шумата – Како ја совладав автоимуната болест со помош на Палео исхрана и функционална медицина“, е емотивно, уверливо и инспиративно сведоштво за тоа како успеал да ја победи мултиплекс склерозата

Денес, 30.мај, е Светски ден на мултипла склерозата и вистински момент да потсетиме на некои позитивни примери кои успеале да ѝ застанат на пат на болеста. Денис Делогу е неуморен претприемач, археолог, истражувач и креативец. Кога пронашол начин да се излекува со помош на исхраната и став кон животот надвор од здравствениот систем, решил да им помогне на другите и своето искуство го сумирал во книга, но и на бројните предавања што ги одржува низ регионот. Кога Денис денес со ентузијазам зборува за сите претприемачки идеи што ги реализирал или планира да ги реализира, нема ни трага од личноста за која се предвидувало дека ќе има слаба подвижност по дијагнозата на мултипла склероза. Затоа за многумина е пример и поддршка во тешките моменти.

Неговата книга „Во шумата – Како ја совладав автоимуната болест со помош на Палео исхрана и функционална медицина“, е емотивно, уверливо и инспиративно сведоштво за тоа како успеал да ја победи мултипла склерозата и да се врати во нормален живот.

Станува збор за човек кој успеал сам да си го врати животот во нормала и покрај лошите прогнози врзани со неговата дијагноза. Во шумата од податоци и информации на неперсонализираниот систем, кадешто е секој човек сведен на бројка, го нашол сопствениот пат до телесно и духовно зацелување.

Шокантна дијагноза и недостапен лек

Денис Делогу, бил проект менаџер чиј специјалност е изградбата на мултиплекс кино сали, а работел во Швајцарија, Италија и во Хрватска. Роден е во Германија, со родителите се доселил како дете во Ријека, а студирал археологија на британскиот универзитет University of Leicester. Археологијата му останала љубов, а уште две деловни школи му овозможиле добра работа и убав живот со семејството – со сопругата Хана има две деца, ќерката Вита и синот Јан.

За Денис и за неговото семејство било шок кога во 2011 година му била поставена дијагнозата на мултипла склероза, но проучувајќи ги во текот на следните неколку години причините и корените на автоимуната болест која ја има, сфатил дека неговите здравствени проблеми се протегаат во времето кога како дваесетгодишник заболел од псоријаза, која со децении потоа не се повлекувала.

„Со псоријазата почнаа моите автоимуни состојби. Кога имав 30 години почна да ме мачи ужасен хроничен гастритис, потоа следуваа и првите невролошки испади, како трнење на рацете, отежнато одење, губење на рамнотежа, несоница … Кога моите проблеми добија и официјален назив – мултипла склероза, ги поминав сите оние фази на соочување со болеста: од негација преку лутина до прифаќање“, раскажува Денис.

Името на неговата книга „Во шумата“ доаѓа од чувството на изгубеност во тој период – немоќта да се снајде во протоколите на здравствениот систем и да добие лек за тешката болест која му е дијагностицирана, а притоа не му е понудена ниту сламка за спас.

„Кај мене е посебно интересно тоа што никогаш не сум зел никаков лек за мултипла склероза. Во борбата со таа болест тргнав во 2011. кога на „Ребро“ ми е потврдена дијагнозата така што се утврдени антитела во ликвор (цереброспинална течност). Меѓутоа, не добив лекови затоа што не ти ги даваат ако немаш 2-3 појави на симптоми годишно, а јас ги немав. Сепак лекарката се потруди па успеа да ме уфрли во клиничка студија кадешто се испитуваше нов лек. Меѓутоа, услов да го добијам тој експериментален лек беше на магнетна резонанца со контраст да се утврдат активни лезии на мозокот. На среќа, и за жал, во тој момент ги немав и така не добив лек. Немав пари за да го купувам и се најдов во парадоксална ситуација – имав тешка дијагноза и големи здравствени проблеми, но не доволни за да ме лекуваат. Не ми преостануваше друго освен да си побарам алтернативни решенија“, вели Денис.

Пресвртница: Предавањето на др.Тери Вахлс

Tака тој, сопругата и сите нивни пријатели се фрлиле на пребарување на интернет и прибирање на сите можни информации и искуства за мултипла склерозата – автоимуна хронична воспалителна болест за која не се знае точната причина. Симптомите и нивната зачестеност се разликуваат од личност до личност, а не постои проверен и сигурен лек. Нервните продолжетоци се обложени со обвивка која кај заболените од мултипла склероза неповратно пропаѓа. Болеста го напаѓа централниот нервен систем кој ги пренесува информациите помеѓу мозокот и другите органи. Затоа на заболените им слабее видот, им трнат и им слабеат рацете и нозете …

„Истражувајќи сфатив дека грешка на конвенционалната медицина е што не ја бара причината за да ја отстрани, туку само се прикриваат симптомите. Затоа се свртев кон функционалната медицина која, сосема спротивно, не се занимава со симптомите туку со причината. А причина за автоимуните болести се воспаленијата“.

Пресвртот на кој му е благодарен за своето опоравување е сосема случајна информација за предавањето на др.Тери Вахлс за нејзиното опоравување од мултипла склероза. Сопругата на Денис на интернет нашла снимка каде што лекарката сведочи како заболела од мултиплекс склероза, како се лекувала во најсовремените болнички центри во САД, но нејзиното тело и натаму пропаѓало. Одела на штеки, не можела да седи во обична столица туку исклучиво во т.н. антигравитациска како би можела да дише. Проучувајќи ги сите достапни извори дошла до сознание дека мора да го смени начинот на исхрана – односно, да ги исфрли сите намирници кои се штетни, а исхраната да ја збогати со витамини, минерали и хранливи материи кои ги нема доволно во современата исхрана, а му се неопходни на нервниот систем. Почнала со Палео режим на исхрана и се опоравила за неколку месеци. После само два месеци можела да оди придржувајќи се само со една штека, а после девет месеци на Палео исхрана, за првпат после 10 години седнала да вози велосипед. Денес живее активно, здраво и се посветила на ширење на сознанието за тоа како со помош на исхраната да се подобри здравјето.

Тестирање на интолеранција на храна

За Денис Палео диетата била откритие, но бидејќи студирал археологија сите постулати му биле логични.

„Палео диетата настанала како резултат на научно проучување на прехранбените навики во палеолитот, кога луѓето биле собирачи и ловци на храна. Во текот на 2,5 милиони години сме еволуирале како собирачи-ловци кои се хранеле исклучиво со лиснат и коренест зеленчук, само повремено со сезонско овошје и тоа најмногу со бобинки, со месо, риба, школки и полжави, значи, со високомасни протеински намирници. Како можеле луѓето тогаш да ги поднесат сите енергетски напори – собирачите минувале и по 15 километри дневно во потрага по храна, а неретко биле со денови без храна по студ. Ловците бркале елени во шумите и по три-четири дена. За сето тоа на луѓето во овој период од човечката историја им требала огромна количина на енергија. Тоа го овозможувала состојбата на т.н.кетоза, кога телото ја произведува енергијата од маснотии, а не од јагленохидрати. Нутритивниот невролог др.Дејвид Перлмутер сликовито го објаснува тоа вака: денешниот човек живее такашто ја користи енергијата од високозапаливи материи (јагленохидрати) кои ќе пламнат па ќе изгорат брзо како чкорче. Исхраната богата со маснотии, каква што имале луѓето во палеолитот, била како да запалите свеќа која гори долго и бавно. Затоа луѓето во минатото можеле да поднесат големи напори. Во праисторијата луѓето не се хранеле претежно со јаглехидрати како денес, затоа што тогаш и ги немало – немало пченица, брашно, шеќер … После три милиони години, дури во последните 5-6 илјади години јаглехидратите преовладуваат во нашата исхрана, а ние сме преминале во седечки начин на живот. Најмодерниот начин на индустриска исхрана каква што имаме денес е стар само 100 години што е апсолутно недоволно за генетско прилагодување за да може нашето тело квалитетно да се ослободува од токсините кои се создаваат при варењето на таа модерна храна. Тери Вахлс го сфатила тоа и после 4 години на палео исхрана била во состојба да вози велосипед повеќе од 40 км дневно.

Нејзината приказна го инспирирала Денис Делогу да направи тест за интолеранција на храна, и тоа оној најпрецизниот кој се прави на имуноглобулини од типот G (IgG). Анализата потврдила дека има највисок степен на интолеранција на глутен. Потоа направил и тест Imunopro на 300 намирници кој му потврдил дека е најмногу интолерантен на јајца, квасец и на сите адитиви кои се користат во прехранбените производи.

„Почнав да ги исфрлам намирниците од својата исхрана. Се едуцирав, купував книги за Палео исхрана преку интернет, ги читав сите можни написи. Она што ми е неверојатно е што мултиплекс склерозата се утврдува со вадење на ликвор и потврдување на наодот на имуноглобулин тип G, а на истиот имуноглобулин G се прави и тест за интолеранција на храна. Јасно е како ден дека мултиплекс склерозата и исхраната се поврзани. Кога со тие наоди отидов кај својата лекарка, не беше уверена во таа корелација. Но времињата се менуваат и денес таа бара од мене  литература за ова. Главно, ја пречкртав конвенционалната медицина и почнав да се лекувам самиот. Во моментот кога направив тест за интолеранција не можев да одам повеќе од 100 метри. Имав такви вртоглавици што одев придржувајќи се за ѕидови за да не паднам. Имав проблем со инконтиненција на меурот, хемороиди, опстипации, псоријазата ми се засили. Се распаѓав и страдав“.

Прво го исфрлил глутенот. После седум дена му се намалиле пречките во варењето и хемороидите, како и вртоглавиците. После 20 дена се повлекла псоријазата, а ја добил за првпат како дваесетгодишник. Исчезнале анксионоста и депресијата. Почнал да се чувствува подобро.

„После два месеци си дојдов на своето. Планинарев и се искачив на врв висок 1100 метри и тоа по снег длабок околу 40 цм. Тој ден пешачев 6 часа. Но потоа напредувањето застана. Чувствував дека повеќе нема напредок, а се уште одвреме навреме имав утрински проблеми, грчеви и вртоглавици, особено после појадокот. Почнав да истражувам и сфатив дека освен глутенската интолеранција, голем проблем на здравјето му прави прекумерната количина на јаглехидрати. Тогаш почнав со LCHF исхрана (low carb, high fat, помалку јаглехидрати, повеќе маснотии). Набрзо исчезнаа и преостанатите пречки што ги имав, ми се крена енергијата и концентрацијата, исчезнаа несониците. Во еден период претерав и тргнав со најрадикалниот дел од овој начин на исхрана, кетогена диета, со минимално внесување од 50 г јаглехидрати дневно, само со исхрана од зеленчук и маснотии. Изгубив 11 килограми за 2 месеци. Најубавиот дел од овој период е што потполно го изгубив чувството на глад. Дури тогаш во целост сфатив колку сме зависни од храната. Бидејќи изгубив премногу килограми и почнав да ја губам енергијата, почнав да земам повеќе јаглехидрати и сега сум на 80 до 100 грама дневно“.

Дали болеста сосема се повлече?

„Не го повторив прегледот на ликворот затоа што е тоа многу инванзивен метод. Но направив магнетна резонанца на мозокот: лезиите не исчезнале, но се изгаснати и целосно неактивни. На ова испитување отидов со ставот: Сеедно е што ќе ми каже апаратот, мене ми е важно тоа што претходно не можев да одам, а сега одам. И амин!“ На ова испитување ме поттикнаа бројни луѓе кои ми се јавува и ми бараа совет. Имено, се прочу дека сум ја победил мултипла склерозата. Полека сфаќав дека не е без поента тоа што успеав да го постигнам. Се заколнав додека лежев во апаратот дека ако е резултатот добар, остатокот од животот ќе им го посветам на луѓето со истите проблеми. Тоа е мојата мисија и тоа е една од причините што ја напишав книгата.

Што е палео исхрана?

Палео исхраната, која понекогаш се нарекува „исхрана на пештерскиот човек“, се заснова на принципот дека јадењето храна што им била достапна на раните луѓе ќе промовира оптимално здравје.

Една од основните теории зад палео диетата е дека современите системи на храна, техниките за производство и преработка се штетни за здравјето на луѓето.

Така, ако го прилагодите вашиот стил на исхрана за да го имитирате оној на палеолитските ловци-собирачи, подобро ќе ја поддржите природната биолошка функција на вашето тело, подобрувајќи го варењето и здравјето.

Палео исхраната ги елиминира житарките, мешунките, преработениот шеќер и повеќето млечни производи.

Главната храна дозволена во палео диетата вклучува:

Месо и риба
Јајца
Јаткасти плодови и семиња
Овошје
Зеленчук – освен пченка, која е жито
Избрани масти и масла, како што се кокосово масло, маслиново масло, масло од авокадо, свинска маст, лој, Ги путер
Минимално преработени засладувачи, вклучувајќи суров мед, јаворов сируп, кокосов шеќер, сурова стевиа
За повеќето, палео е повеќе од само диета.

Исто така, постои силен фокус на практиките на животниот стил, влијанието на изборот на храна врз животната средина и целокупната благосостојба на телото во рамките на филозофијата на палео.