Дијабетичарите можат да јадат сѐ, само со броење: Едно јаболко – една кришка леб, четврт тава мусака – две

4.373

Нашата соговорничка Татјана Ѓорговски е едукаторка за дијабетес и знае како на пациентите да им ги објасни и да им ги поедностави работите, да ги расположи и да ги утеши за да сфатат дека дијабетесот не е баук и дека поради својата дијагноза нема да мораат да се лишат од сите вкусни нешта на светов. Ќе треба само да научат да бројат и да читаат етикети.

Татјана Ѓорговски е дипломирана медицинска сестра, веќе 40 години вработена на Клиниката за Ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања во Скопје и одделенска сестра на Центарот за дијабетес.

Бидејќи од прва рака ја знае и ја потврдува информацијата за тоа дека бројот на лица со дијабетес драстично се зголемува, зборувавме со неа за тоа како да се едуцираат сите кои се соочуваат со оваа дијагноза, но и како да се разоткријат сите митови во врска со дијабетесот и со исхраната на заболените од дијабетес. Иако е ова нејзина професија во која е од почетокот на својот работен ангажман, Татјана наоѓа време и за некои сосема други ангажмани кои немаат допирна точка со медицината. На пример, има преведено неколку книги од хрватски на македонски јазик, а со оглед на тоа што е Хрватка, иако е порасната и цел живот го поминала во Скопје, нема проблем да се снајде во тоа, а исто така, пишува и поезија.

Но она што се чини дека сепак најмногу ја исполнува е нејзиниот ангажман во Центарот за дијабетес каде што ги едуцира пациентите како треба да се грижат за себе и да ги предвидат евентуалните проблеми, но и ангажманот како едукатор за дијабетес на високата школа за медицински сестри каде што ги едуцира сестриte за тоа како да се грижат за пациентите со дијабетес. За едукатор за дијабетес се обучувала во Холандија, во 1995 година и вели дека уште тогаш, кога сѐ уште немало многу од современите технолиогии за справување со дијабетес туку сѐ уште се користел говедски и свински инсулин, запознала 85-годишен пациент, кој последните 40 години живеел со дијабет. Ова е само уште еден доказ во прилог на тоа дека дијабетесот е далеку од смртна пресуда или болничка постела. Напротив, младите и воопшто, лицата со дијабетес можат да се занимаваат со што сакаат, да бидат дури и врвни спортисти, а од неодамна и пилоти на патнички авиони.

Годинава, во април, Тања го формирала и здружението на медицински ендокринолошки дијабетолошки сестри „ЕНДО-ДИЈА чија задача е едукација на сестрите, подигање на свеста за дијабетесот, размена на искуства, организирање на секции, едукација на едукатори и соработка со други здруженија.

И верувајте, по првичниот шок на пациентите од дијагнозата, по средбата со сестра Тања, сите излегуваат посмирени, пооптимистични и со поголем елан. Таа знае како да им ги објасни и да им ги поедностави работите, да ги расположи и да ги утеши за да сфатат дека дијабетесот не е баук и дека поради својата дијагноза нема да мораат да се лишат од сите вкусни нешта на светов. Ќе треба само да научат да бројат и да читаат етикети.

„Практично, луѓето со дијабетес можат да јадат сѐ, нема забрана за ништо,  има само одредени ограничувања и броење, а ние ги едуцираме како да се хранат нормално и да не се под стрес. Им кажуваме што можат да јадат колку сакаат, а што треба да бројат. Јас секогаш прво почнувам со листата на оние намирници што можат да ги јадат без да бројат. Имено, кога станува збор за новооткриен пациент кој е прво во шок, а потоа и во фаза на неприфаќање и револт, треба да се почне со некои елементарни совети и пократки информации, а не да се бомбардира со многу информации. Кога ќе им кажеме што сѐ можат да јадат без броење и како лесно да пресметаат и да избројат кога јадат од оние намирници за кои погрешно се мисли дека се „забранети“ за дијабетичари и како да се боцкаат, дури и младите кои се обично тие што заболуваат од дијабетес тип 1, па без исклучок, мора да се боцкаат со инсулин, секогаш кога си одат велат: О, па ова лесно било!“, се смее Тања.

А листата на овие намирници кои безгрижно можат да ги јадат дијабетичарите е навистина долга и широка бидејќи во неа спаѓа сѐ што расте над земја, како домати, пиперки, брокули, грашок, краставици, зелка, тиквички, боранија, спанаќ и многу други, но и месо, сувомеснати производи, јајца, риба. Потоа, сѐ она што е млечно, но тврдо и што можат да го фатат со рака и да го стават во уста, опис што го смислила како полесен за објаснување и памтење токму сестра Тања, а тоа се кашкавалот, сирењето и зденката.

И на крајот следува едукацијата за тоа кои намирници треба да ги бројат и, се разбира, како да го прават тоа. Тука спаѓа сѐ што е корен, односно, што расте под земја, како компир, цвекло, морков, праз, но и течните млечни производи, односно, млеко и јогурт, како и секое овошје и брашно.

Кришка леб како мерна единица

Сѐ што треба да се брои, се брои во кришка леб, но не буквално, туку како мерна (лебна) единица.

„Ако некој изеде едно јаболко тоа се брои како една кришка леб (една лебна единица), ако испие чаша млеко, тоа е уште една кришка леб и се разбира, едно парче леб си е уште една кришка леб. На пример, кога станува збор за пациент со нормална килажа која не треба ниту да се намалува ниту да се зголемува, потребни се 1600 калории на ден, а кога ќе ги скратите двете нули, тоа, преведено во лебни единици, значи 16 кришки. Ако сакаме некој да ослабне, тогаш му се потребни од 1100 до 1300 калории, односно, од 11 до 13 лебни единици. Ако пак има малку помала телесна тежина или станува збор за деца, за млади, спортисти и трудници, ним им требаат од 1800 до 2400 калории, односно 18 до 24 лебни единици. Оброците се распоредуваат во 6 оброци, ако пациентот се боцка со инсулин, ако е пак со дијабетес тип 2 и зема таблети или не зема ништо, тогаш треба да има 5 оброци, почнува во 8 наутро, завршува во 20 часот. И, патем, сето ова, не го викаме диета, туку правилно распоредена исхрана“, објаснува нашата соговорничка.

Таа ни објаснува и дека оние што се боцкаат мораат да имаат еден оброк плус, шестиот, кој треба да го земат пред спиење, зашто во спротивnо, инсулинот го симнува шеќерот под нормала.

За кексите „без“ шеќер

Што се однесува до броењето, сестра Тања објаснува дека ги учат пациентите да ги визуелизираат намирниците. На пример, кога ќе им објаснат дека 1 компир значи една кришка леб (лебна единица), им објаснуваат и дека компирот треба да биде голем колку една женска тупаница без зглоб, истото важи за сите намирници. На пример, грејпфрутот кој е обично поголем плод, се смета како две тупаници, односно, две кришки леб. Тоа важи за пациентите со тип 2, додека децата со тип 1, иако го учат како основно истото ова, потоа треба да научат напредно броење на јагленохидрати и да сметаат во грамови шеќер, а не во кришки леб.

„Таа потенцира дека е важно луѓето да ги читаат етикетите. На етикетата пишува колку јаглени хидрати има внатре и колку од тоа се шеќери. Е сега, кога станува збор за оние кекси што се рекламираат како кекси без шеќер (sugar free) или пак крекери и слично, тие ги доведуваат луѓето во најголема заблуда, па мислат дека тоа значи дека нема воопшто шеќер. Не постои такво нешто бидејќи ова „sugar free“ значи само дека нема додаден шеќер, а не дека нема воопшто шеќер. Во тие кекси има брашно и млеко, значи има јагленихидрати, а тоа е всушност шеќер. Затоа треба да се брои. Ако некој јаде кришка леб, тоа се 12 грама јаглени хидрати, односно исто како да изел една супена лажица шеќер. Толку има и еден компир, едно јаболко, една чаша млеко. Потоа велиме, ако јаде една лебна единица, изел 12 грама јаглени хидрати, ако изеде две, изел 24 грама јаглени хидрати. Во 100 грама производ, ако има 10 јаглени хидрати тоа е една кришка леб. Ако производот, на пример, еден кроасан има 60 грама, тогаш веќе следува понапредно пресметување, за да знае колку инсулин треба да си стави“, објаснува соговорничката.

Интересна беше и нејзината илустрација околу исхраната на еден дијабетичар објаснета со мусака.

„Ако мусаката е со 6 компири, тоа се 6 кришки леб, месото во филот има нула шеќер, 1 кромид е 1 кришка леб, 4 јајца се нула шеќер, чаша млеко е уште една кришка леб, значи во една тава има вкупно 8 кришки леб (лебни единици). Ако тоа се подели на 4 души, на секој се паѓаат по само 2 кришки леб во четврт тава мусака. Значи, лице со дијабет може да изеде и пола тава мусака без леб, а ако е мусаката уште и од тиквици и модар патлиџан, тогаш може и плус една-две вистински кришки леб бидејќи во ваквата мусака ќе има нула шеќер.

Месото нема шеќер, исто и плескавиците, но само кога се од чисто месо. На пример, во лесковачка плескавица од 150 грама, ставаат брашно и презли кои имаат шеќер, па ако се јаде таква плескавица треба да се има предвид и тоа. Исто и ако се јаде похувана храна, на пример, ако имате похувана шницла или пилешки прсти, се брои така што се става раката одозгора и ако е шницлата голема колку дланката, тогаш се смета како една кришка леб, а пилешките прсти пак се редат во чинија во еден ред и исто се мерат со дланката. Она што го покрива дланката е една кришка леб. Тоа не значи дека не смеете да изедете двојна количина, ама да не заборавите дека е тоа уште една кришка леб. Ако за ручек ви требаат 4 кришки леб, тогаш со двојна доза од пилешките прсти измерени со дланка, веќе имате 2 кришки леб“, сликовито ни објаснува Тања.

За алкохолот, шкембе чорбата и бурекот

Посебна приказна е и консумирањето на алкохол па сестра Тања вели дека смета дека ако не можете да спречите некого одвреме навреме да се напие, подобро е да му објасните убаво за евентуалните замки, отколку да пие без контрола. Ова особено кога станува збор за млади луѓе.

Таа вели дека жестоките пијалаци немаат шеќер, туку имаат калории и тие освен што ќе не здебелат, немаат значење за шеќерот, додека пак, виното и пивото имаат и калории и шеќер.

Сепак, вели таа, кога се консумира алкохол по него мора да следи оброк со сложени шеќери, а не само салата, зашто алкохолот може да го обори шеќерот под нормала.

„Во наредните 6 часа по консумирањето алкохол, треба да се прави самоконтрола зашто може да се добие касна хипогликемија. Најдобро е да се земе оброк пред спиење. Од една чашка нема да се случи тоа, но ако се испие повеќе, тогаш може. Една чаша пиво и една чаша вино пак, се сметаат како една кришка леб, па јас препорачувам бело вино затоа што може со него да се направи шприцер, па наместо една, да се испијат две чаши. И кога се пие вино или пиво кои моментално можат да го качат шеќерот, сепак треба да се измери шеќерот и после 6 часа зашто пак може да се појави хипогликемија од алкохолот во виното и од алкохолот во пивото. Оттука и онаа навика кога оние што пиеле претходната вечер, без оглед дали имаат или немаат дијабет, наутро одат на шкембе чорба или на мрсен бурек. Тие всушност имаат хипогликемија. Можеби не знаат зошто, ама имаат потреба да јадат јагленихидрати зашто им паднал шеќерот. Маснотиите се во затворен круг со шеќерот, односно, индиректно, мастите се претвораат во шеќер. Ако лицата со дијабетес јадат во еден акт 100 грама сланина или чварки, мора да ги бројат како една кришка леб, иако немаат шеќер, зашто чистата маст ќе се претвори во шеќер по неколку часа“, вели Тања.

Таа објаснува дека не е добра ниту онаа храна која се рекламира како храна за дијабетичари бидејќи истата е полна е со маснотии.

Вештачки засладувачи и стевиа

Нашата соговорничка вели дека на пациентите не им ги препорачува вештачките засладувачи, туку им ја препорачува стевиата која е природно и најдобро решение како алтернатива за шеќер.

„Некогаш можат да употребат и мед, но да го бројат. Една лажица мед се брои како една кришка леб. Кога им се јаде нешто благо, им препорачувам да земат три коцки црно чоколадо со голем процент на какао. Тоа е како една кришка леб. Луѓето често грешат и кога наутро си прават смути, па ќе стават внатре сѐ и сешто, цитрон, лимон, друго овошје, пет кришки леб во старт консумираат, па се чудат зошто им е висок шеќерот. Треба да се има на ум дека 1 лимон е 1 кришка леб, 1 цитрон е 2 кришки леб, нема овошје без шеќер. Фруктозата е добра, добро се метаболизира и нема висок гликемиски индекс, туку низок, но треба да се брои“, вели таа и на крајот ја оразјаснува и нашата дилема околу црниот и белиот леб па вели дека и едниот и другиот имаат исто шеќер, но црниот има низок гликемиски индекс.

„Црниот леб е сепак подобар избор поради нискиот гликемиски индекс, како и поради содржината на влакна, но има и еден трик со кој на белиот леб може да му се намали гликемискиот индекс. Тоа се случува кога белиот леб е малку постар или пак кога ќе се потпече на тостер или во рерна“, завршува сестра Тања која има уште еден куп информации кои им се од полза на дијабетичарите, а кои знае толку едноставно и сликовито да ги разјасни, што веројатно би ги разбрале и најмалите. Таа сепак не работи со најмалите пациенти, туку со оние над 14-годишна возраст.

Само ќе ви кажам едно, да бев дијабетичар, после овој разговор со Тања Ѓорговски, веќе ќе се чувствував како експерт.