Е како да не, сармички ќе виткам!

Ако и вие ги сакате оние вкусни пролетни варијанти на сарми, оние со штавел, блитва или лозов лист, а некако ве мрзи да ги виткате, направете растурена сарма, која повеќе личи на мусака, и тоа во веге верзија во која наместо месо има модри патлиџани

0
578

Еве една одлична веге варијанта на растурена сарма од штавел која по изгледот многу повеќе личи на мусака.

Состојки:

2 китки големи листови штавел

1-2 модри патлиџани

1 шолјичка ориз

2 млади кромитчиња

2 млади лукиња

2 јајца

1 павлака

масло

сол, црн пипер и зачини по желба

Приготвување:

Измијте ги листовите штавел.

Пропржете ги кромитчето и лукот, па додадете го оризот, зачинете и пропржете уште малку.

Во огноотпорен сад ставете малку масло, и направете подлога од крупно исечкани листови штавел, а одозгора наредете тенко исечени парчиња модри патлиџани. Ние овојпат ги искористивме последните печени замрзнати модри патлиџани од замрзнувачот.

Ставете ги пропржените кромитчиња, лукче и оризот, а одозгора ставете ги преостанатите исечкани листови штавел. Додадете малку вода и ставете да се пече во загреана рерна околу половина час или додека не се сварат зрната ориз. Потоа прелијте со изматени јајца и павлака, допечете уште 10 минути и ‘сармата’ од штавел е готова.