Има биено сирење? А домашно лепче, кцана сол или намаз од афион?

700

Да, да, има сѐ и ќе има сѐ повеќе и повеќе бидејќи локалните производители и нивните вкусни локални производи со автентичен вкус, стануваат сѐ поброј ни и побројни. Кој не пробал што е традиционален македонски производ, може да проба на 9.април во „Јавна соба“.

Биено сирење има? Мора да има, ако не, мора да се трча и да се купи. Зашто кога нам ни доаѓаат гости од странство, биеното сирење е еден од македонските автохтони производи, бренд со кој сакаме да се пофалиме. За среќа, ги има сѐ повеќе вакви домашни производи кои се со автентичен вкус својствен само за овие краишта. За повеќето сме пишувале, а среќни сме што се појавуваат  и нови и мрежата на Слоу фуд производители постојано се шири, се усовршува, се вмрежува, ама и станува сѐ попопуларна, па оние кои еднаш ќе пробаат нешто од нив, потоа, кога немаат можност да ги најдат или да ги набават овие производи, тешко им се навраќаат на индустриските. Не дека тие не чинат, ама го немаат вкусот на традицијата и мирисот на љубовта која малите локални производители во голема мерка им ја вдишуваат на своите производи.

Кога и да дојдат дома моите две сестри кои инаку не живеат во Македонија, во фрижидерот мора да има биено сирење. Кога си одат, исто така. Една од работите кои им ги носиме или им ги праќаме како поздрав е пак – биено сирење. Друго? Слатко од зелени смокви, и тоа не кое било, туку она на Гуна Маркова. Нејзиното слатко од диви смокви е и првиот Слоу Фуд президиум од Република Македонија, на светската листа на еколошки чисти производи на меѓународната фондација „SLOW FOOD“. Потоа, се разбира, ајвар, па онаа здрава и вкусна мешавина од матичен млеч, мед, поленов цвет и прополис што ја подготвува нашиот пријател Нацо Јовчевски од пчеларникот БН, во село Дихово, па кцаната сол на Стевче Доневски која често знаеме да ја јадеме онака, само поросена на домашно лепче и путер, а од неодамна имаме и нов фаворит – намазот кој двајцата партнери и кумашини кои се појавија на македонската гастрономска сцена со своето ладно цедено масло од сончоглед и ладно цедено масло од афион, Роберт Коцев и Александар Димитриевски го прават од остатоците од афионовото семе искористено за правење на маслото. Во него додаваат лути пиперчиња, нане и малку од нивното ладно цедено сончогледово масло кое се користи како природен конзерванс.

Намазот има навистина интересен вкус, здраво е и може да се јаде и само со парче леб, а сепак да се чувствувате како да имате најексклузивен оброк. Тука се и мармаладите од шипки и капини на најсимпатичниот пар во Слоу фуд, Мирјана и Бранко Ангелески, домашниот оцет, лутото слатко и човекот со еден од најубавите гласови, причината заради која е познат и како еден од најдобрите рецитатори на поезија во Македонија, но и голем гурман Страшко Милошевски. Неговите природни производи: оцет од диви јаболка и модри сливи, ракии со лековити тревки, но и неговото слатко од мали лути бамбурести пиперчиња, се незаобиколен дел од трпезата. Тука е и  Давид Неделковски и козјите сирења и други производи од козјо млеко од неговата семејна фарма во село Раштак кадешто се занимаваат со чување кози и со производство на млеко, млечни производи и јарешко месо, па производите со тартуфи на македонската кралица на тартуфите Валентина Митрова, месните деликатеси на македонскиот „Гавриловиќ“, гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски, нашиот стар пријател Пеце Клечкароски и неговите вкусни намази од јаткасто овошје, но и неговото успешно крафт чоколадо, одличните македонски вина на малите бутик-винарии и многу многу други производители за кои веќе сме пишувале, но и многу за кои допрва ќе пишуваме. Навистина има толку многу вкусни македонски производи со кои можеме да се гордееме, ама и да се дебелееме.  

А биеното сирење од почетокот на текстот, е тоа е еден од најстарите македонски производи, а се произведувало уште од турско време. Во еден период производството на ова сирење кај нас било запоставено и во тоа време, во Македонија не се произведувало биеното сирење толку масовно како денес.

Во минатото овој производ бил многу значаен за исхраната на сиромашното население, затоа што се консумирало во помали количини од едноставна причина што истото било прекумерно солено.

Денес, за среќа, иако повеќето видови биено сирење се произведуваат индустриски, имаме можност да вкусиме и дел од минатото преку малите производители кои постојано и сѐ уште нѐ изненадуваат со своите вкусни традиционални производи изработени од состојки кои се исто така, нивни, домашни. Меѓу оние малите производители на биено сирење по традиционален рецепт и со млеко од негови овци е младиот Игор Поповски од Дихово!

„Нашите производи во однос на индустриските производи, се разликуваат по неколку клучни работи. Млекото не го пастеризирам, освен што го ладам во лактофризер (стандардизирање на млекото). Тоа значи дека не се додава калциум, не се користи лимонтус во саламурата, не се користи регулатор на киселост, не се користи боја за обелување или пожолтување, не се користи парафин и восок за премачкување, не се користи млеко во прав, итн“, објаснува Игор за своите производи притоа, откривајќи ни и што сѐ содржат индустриските производи.

Ако сѐ уште не сте ги пробале овие сирења, како и сите наши вкусни македонски традиционални производи изработени со многу љубов и труд, ќе имате уште една можност, на 9.април, во „Јавна соба“ каде што здруженијата Слоу Фуд Водно и „Добредојде“ – Macedonia Welcome Centre ќе ви овозможат да ги дегустирате, a потоа и да си ги купите производите на сѐ побројните членови на големото семејство на Слоу Фуд Македонија.