Како се сушат смокви? Наједноставен метод, со помош на рерна

Фото: Unsplash
647

Наместо да трчате по продавници и по пазари и да купувате суви смокви, сега е сезона, купете свежи, сушете ги и уживајте во нив цела година

Смоквите се плодови кои имаат уникатен, сладок вкус и текстура и се полни со крцкави семиња. Свежите смокви често се сушат и се прават џемови и слатки. Во сувите смокви можете да уживате во текот на целата година, а еве како можете сами да ги исушите дома.

Состојки:

• 2 кг свежи смокви (помали)

• плех за рерна

Приготвување:

Кога купувате смокви најважно е да изберете здрави плодови кои не се презрели. Изберете помали смокви за сушење. Измијте ги и исушете ги. Обложете го плехот од рерната со хартија за печење и ставете ги смоквите на хартијата со петелката надолу и секоја притиснете ја со прстот за да се сплеска.

Вклучете ја рерната на 60 степени со вентилација и ставете го плехот во рерна. Оставете ги смоквите да се исушат најмалку 10 часа, па најдобро е тоа да го правите навечер. Доколку не се доволно суви, слободно продолжете го времето на сушење. После тоа извадете ги и оставете ги да се изладат, па наредете ги во кутии и ставете ги во замрзнувач, бидејќи така подолго ќе траат.