Лесно е да си газда, ама тешко е да си чорбаџија

- Се сеќавам на зборовите на мојот покоен татко додека беше сопственик на нашиот ресторан 'Мис Стон', кога им ги плаќаше осигурувањето и стажот на вработените, мене ми велеше: ‘ако има за тебе, ќе платам, но прво да ги подмириме другите луѓе. За тебе е лесно, ти си наше дете, за тебе не е срамота’ - раскажува нашиот соговорник Столе Кракутовски кој минатиот месец објави дека планира да издржи до крај во оваа тешка ситуација заедно со сите свои вработени.

0
5566

„Јас Столе Кракутовски, угостител од Берово, сопственик на ресторанот „МИС СТОН“ со семејна традиција од 1984. година, решив да се приклучам на колегата од „Мал Алтан“ од Скопје и да издржам до крај во оваа тешка ситуација за сите. Без разлика што оваа влада не сака да го чуе крикот на угостителите низ цела Македонија апелирам до сите колеги да смогнат сила и да не ги оставиме луѓето на улица. Тие луѓе имаат деца за гледање, сметки за плаќање и кредити за враќање. Тие луѓе се дел од нашето секојдневие, тие луѓе ни се семејство, и на крај, тие луѓе придонесуваат за нас и во нормалното секојдневие не викаат газди. Со Господ напред, ќе успееме“.

Ова на 8.април го напиша на својот фејсбук профил нашиот соговорник Столе Кракутовски, сопственик на ресторанот „Мис Стон“ во беровското село Смојмирово во кој освен тој и неговата сопруга се вработени уште седум луѓе.

Го прашавме каква е ситуацијата сега, речиси два месеци подоцна.

„Нашиот живот во моментот изгледа како животот на 2 милиони Македонци. Затворени по дома, со почитување на сите препораки затоа што, како прво и основно, ние треба да ги почитуваме правилата. Не може да одиш кај некој, да му носиш храна, а самиот да не си заштитен. А периодов работиме со испорака на храна, но многу слабо и недоволно дури ни за да се подмират трошоците за струја и за вода, но сепак, се трудиме. Нашите планови се исти. Имавме закажано околу дваесетина матурски вечери и неколку други семејни веселби, а со оглед на ситуацијата, најверојатно сите ќе бидат откажани, но со дополнителна енергија и дополнителни ангажмани мислам дека сите заедно ќе ја пребродиме кризата.

Морам да споменам и дека не ми се допаѓа тоа што некои колеги со години работат со големи маржи во угостителството, а им даваат минимални плати на работниците и ги искористуваат студентите од внатрешноста кои за смешни дневници им работат само за да покријат дел од трошоците што ги имаат во големиот град. И сега, една криза и токму тие од големото место се први што веднаш плачат и кукаат.

Што да кажеме ние кои се соочуваме со белата чума која ни ги испразни и селата и помалите градови?“, вели Кракутовски.

Инаку, ресторанот „Мис Стон“ кој го носи името на американската мисионерка Елена Стоун која била во заробеништво на Јане Сандански се наоѓа токму на местото кадешто според некои легенди поминала неговата чета. Негови први сопственици се родителите на г.Кракутовски.

Неговиот покоен татко Никола и мајка му Павлина од 1971.до 1978.година биле во Берлин, Германија, кадешто е роден нашиот соговорник. По враќањето, Никола се вработува во тогаш отворениот хотел „Македонија“ во Берово и работи таму сѐ до 1983., а во 1984., на Велигден со сопругата го отвораат ресторанот ‘Мис Стон’.

„Јас како дете, уште од 12. годишна возраст, а тоа е негде 1987. година почнав да им помагам во работата и се вљубив во професијата. Овој ресторан е познат по местоположбата, по долгата традиција, по разните специјалитети што ги нуди, по тоа што од самото отварање до ден денес ниту ден не бил затворен освен сега, поради Корона вирусот. Јас го поминав целиот живот во нашата фирма, прво му помагав на мојот покоен татко, а од 1999. година јас сум сопственик. Но се сеќавам на неговите зборови во тогашните тешки времиња кога имавме други вработени на кои татко ми им ги плаќаше осигурувањето и стажот, а мене ми велеше: ‘ако има за тебе ќе платам, но прво треба да ги подмириме другите луѓе. За тебе е лесно, ти си наше дете, за тебе не е срамота’“, раскажува Кракутовски.

Иако во кујната е главна неговата сопруга Лидија, менито го смислува господин Столе. Најпознати специјалитети кои ги нудат се зелник, клиси со праз, клиси со качамак, смојмирска пита, беровско сирење, биено сирење на скара, сирење под капаче, и уште многу други малешевски специјалитети. Инаку, клиси се домашно свинско месо испржено во бакарна тава, а пак смојмирската пита е слична на пастрмајлијата, но во кружна форма. За да биде приказната комплетна, сирењето што го служат се прави во млекарата „Малеш“ во истото село (Смојмирово), чиј сопственик е неговиот чичко.

Брачната двојка Кракутовски имаат две деца, 17-годишниот Никола и 15-годишната Теодора.

„Да ни се живи и здрави и како и сите други дечиња да имаат среќа во животот. Ми помагаат во работата и ги учам како што ме учеле и мене, да работат чесно, да ги почитуваат гостите, да направат тие да се чувствуваат како дома, бидејќи гостинот е секогаш во право. Јас уште како дете ги научив и ги применувам тие стари принципи и манири, тоа е таа ‘Виенска школа’. Некои работи можат да се научат, но мораш да имаш нешто и во себе. Сум гледал колеги, сегашни и поранешни, ќе работат месец, три, шест, година-две и на крајот – ќе затворат. Ја користам можноста да ги поздравам сите колеги, да се живи и здрави и доследни кон професијата. И за крајот, за да ме разберете што подобро што мислам со сето ова, ќе ви кажам една стара беровска дума од еден сега покоен угостител која гласи вака: ‘Лесно е да си газда, ама тешко е да си чорбаџија’, порачува Кракутовски.