Неговата Станушина му донела бронза и поттик да прави уште подобри вина

970

Длабокиот интерес да направам уште подобри вина и да се предизвикувам себеси од година на година, ми дава дополнителен адреналин, вели винарот Орданчо Иванов, кој прави одлични вина, но омилен пијалак му е вињакот. И тоа оној што самиот го прави

Орданчо Иванов, како и повеќето кавадарчани, тргнал по стапките на неговите татко и дедо кои правеле вино за свои потреби, па и самиот веќе 20 години се занимава со винарство кое го унапредил и го поставил на едно повисоко ниво или како што вели тој, самиот интерес и желбата да го унапреди стилот на дедо му Методија и татко му Петар го втурнале во една убава авантура.

Орданчо располага со сопствени лозја кои се наоѓаат во атарот на селото Сопот, во околината на Кавадарци.

„Во Сопот лозјата се засадени со белите сорти Темјаника, Смедеревка и Малвазија, а во Дабниште ги имаме Станушината и Вранецот.

Од нашето лозје се белите сорти на грозје, а Станушината и Вранецот ги купуваме од лозари кои го одгледуваат по наш вкус и само за нас“, ни објаснува Орданчо.

Следејќи ги светските трендови, како и зголемените трошоци на вештачките ѓубрива, но најмногу заради грижата и заштитата на околината, тој има во план да започне со органско производство, а истото во иднина да го унапреди и во биодинамично производство.

sdr

„Биодинамичните вина се слични со органските, со таа разлика што тука се оди неколку чекори подалеку за да се креира цел еден екосистем околу лозјето. Биодинамичните вина почнуваат од почвата каде што расте грозјето. Како кај органските вина, исто и тука не се користат синтетички интервенции. Кај биодинамичното производство сѐ е одредено според строг календар, кој ги зема предвид лунарните циклуси и позицијата на сонцето и планетите, така што се минува низ педантна и прецизна грижа и детално внимание. Доста интересен пристап, навидум заштрашувачки, но токму затоа ми е и поголем предизвик“, објаснува нашиот соговорник.

А кога станува збор за винаријата, Орданчо е моментално човек за сѐ – од берба, анализи, правење на виното, па до промовирање, продажба и сѐ друго што е потребно за винаријата да се пробие на пазарот.

„Се разбира, за време на бербата вработувам луѓе по потреба, за да имам време да се насочам кон правењето вино. Инаку, не сум образуван во оваа бранша, ниту пак имам официјално образование во агрономијата, но сепак не можам да кажам дека сум неук, напротив, со помош на иксуството и годините поминати низ лозјето и во винаријата, како и благодарение на многуте енолози што ми помогнале со своето знаење, јас сум стигнал каде што сум сега. А стигнат сум дотаму што се гордеам со мојата Темјаника со која сум доста познат низ Кавадарци, а особено сум горд на нашето Розе Станушина кое беше наградено на BIWC натпреварот (Balkans International Wine Competition) со бронзен медал и е првото наше наградено вино. Се надевам дека нема да застанеме на тоа и ќе редиме уште успеси во иднина.

Инаку, Станушината како наше автохтоно вино ја работам речиси од самиот почеток со намера луѓето да се запознаат со истата и да уживаат во квалитетно розе вино, а истовремено и за да го зголемам изборот на вина, покрај белото и црвеното. Нашата Станушина се одликува со нежна розе боја, ароми на зрели праски, црвено шумско овошје, со освежителен и балансиран вкус. Одлично оди со некоја лесна салата, со риба или со пилешко и, се разбира, со друштво.

Во понудата во моментот имаме 4 вина и тоа Темјаника, Куве Бело кое е купажа од сортите Темјаника, Смедеревка и Малвазија, розе од Станушина и Куве Црвено кое е исто така купажа која е стилски уникатна – моќниот Вранец е омекнат и разигран од белата Малвазија“, раскажува со страст нашиот соговорник.

Во меѓувреме тој не се плаши да експериментира со сорти и стилови на вино за кои се надева дека ќе остават добар впечаток кај консументите.

Она што е интересно е и тоа што тој, инспириран од својот колега и сограѓанин Сашко Андов од винаријата „Ерос“ кој ја применува техниката на „ноќна берба“ која кај нас не е пошироко позната, но со децени се применува на други места низ светот, последната берба на темјаниката ја направил ноќе. 

„Пристапот на Саше од винаријата Ерос за ноќна берба беше нешто доста интересно за мене и го прифатив предизвикот и јас годинава да ја наберам Темјаниката ноќе. Резултатот е феномонелен бидејќи самата природа ни помага да се зачува интегритетот на грозјето. Доста напорен процес, но задоволството е големо!“, вели тој.

Винаријата „Иванов“ е дел од здружението на Тиквешки семејни винарии со кои соработува и споделува идеи и искуства, но и предизвици и потешкотии.

„Искуството да се биде во друштво со истомисленици е неспоредливо и ми помогна да се надоградувам како винар, но и како бизнисмен. Се дружевме на винскиот салон во Битола, како и на Винодонија во Скопје и се разбира на Тиквешкиот вински салон. Целта е да бидеме што е можно поблиску до нашите муштерии, да се дружиме и да споделуваме заеднички убави моменти“, вели Иванов.

Винаријата Иванов има годишно производство од 10 тони вино, но господин Иванов размислува за намалување на количината и фокусирање на квалитет и избор на повеќе стилови на вино.

Изненадувачки, но овој посветен винар, кога станува збор за омилени пијалаци, наместо вино бира добар коњак и вињак, а вино пие само во одделни пригоди, со добро друштво и големо уживање.

Како и со сѐ друго, смета дека и со виното треба да се биде умерен.

„Се разбира дека сѐ што е претерано не чини, така е и со виното. До некаде квалитетот на виното придонесува за главоболката, ама тоа ќе го сфатите кога ќе се разбудите наутро“, се смее тој.

Освен вино, Иванов произведува и вињак и мастика кои вели дека на сите настани на кои ги понудил за дегустација, ги освоиле консументите.

„Тоа ми претставува задоволство, но и ми дава поттик да продолжам понатаму.

Сметам дека спојот на долгогодишното искуство и непрекинатото инвестирање во знаење ми даваат предност пред моите конкуренти. Исто така, длабокиот интерес да направам уште подобри вина и да се предизвикувам себеси од година на година, ми дава дополнителен адреналин“, признава нашиот соговорник.