Од бездомник до претприемач: нова шанса за нормален живот преку производство на биохумус

468

Нашиот сограѓанин Саше Спасовски е еден од оние кои во животот добиваат втора шанса – после 5 години како бездомник, ја прифатил подадената рака од здружението „Ин Виво“ и се реинтегрирал во општеството.

Една од основните цели на здружението „Ин Виво“, благодарение на кое нашиот сограѓанин Саше Спасовски добил втора шанса и после 5 години како бездомник ја прифатил подадената рака и се реинтегрирал во општеството, е да им се помогне на маргинализираните категории на лица, во случајов, на бездомниците, да се тргнат од улица, да се вклучат во производство на биохумус, да заработуваат и да се чувствуваат како корисни членови на општеството. Здружението чиј извршен директор е Дејан Стојановиќ е формирано во август 2018. година, а го формирале седум ентузијасти со различни професии, остварени професионалци со различни експертизи во повеќе сфери и индустрии од ‘реалниот’ сектор. Тие одлучиле да создадат здружение кое ќе придонесе за достоинствени социо-економски услови и инклузија на ранливите групи во сферите на општествено живеење на тој начин што ќе развијат повеќе модели на социјално претприемништво во кои би биле ангажирани овие лица, меѓу кои и бездомниците.

Нашиот соговорник Дејан Стојановиќ е економист, со долгодишна кариера во повеќе интернационални компании. Од 2015. година има своја компанија специјализирана за обуки на професионалци од FMCG секторот (Fast-moving consumer goods) низ државите во регионот. 

 „Формирањето на здружението претставува формализирање на индивидуалните напори на основачите да го дадат својот придонес во подобрување на нашето општество, помагајќи им на нашите сограѓани со помалку можности“, вели Стојановиќ.

Во периодот на пандемијата и ограничувањето на можностите за спроведување на професионални активности со физичко присуство, во здружението малку повеќе се посветиле на зголемување на неговите капацитети. Тоа резултирало со добивање и на првите мали грантови, со кои се имплементирале првите посериозни иницијативи.

„Добиените средства ги искористивме за отпочнување на нашите социјално-претприемнички иницијативи, кои имаат потенцијал да обезбедат идна финансиска автономија на организацијата. Целите на здружението се непроменети од самото формирање на организацијата, а тоа се:

развивање на повеќе модели на социјално претприемништво, кои би придонеле за одржлива социјална и професионална реинтеграција на лицата со помалку можности, спроведување на активности од доменот на неформалната едукација за лицата во потреба, стремејќи се да придонесеме за нивна поголема конкурентност на локалниот пазар на трудот, соработка и вмрежување со организации од сите сфери на општественото живеење, како и социјално одговорни традиционални бизниси, со цел соодветно да ја промовираме нашата земја како атрактивна туристичка и бизнис дестинација

Остварувањето на целите на здружението вклучува бездомни лица и поранешни затвореници.

Вообичаено, припадниците на овие категории на наши сограѓани ги сметаат како едни од ‘најтешките’ категории за соработка, но нашите досегашни искуства кажуваат дека тоа не е правило“, вели нашиот соговорник.

 Здружението „Ин Виво“, во сите свои активности има сериозна ‘доза’ на социјално претприемништво, затоа што тоа претставува одлична можност за:

самофинансирање на активностите и независност на организацијата од потенцијалните финансиери, можност за самостојно одлучување и планирање на идните проектни активности, шанса за континуиран раст на здружението, преку реинвестирање на остварениот профит. Тие веруваат дека во нашата земја е одличен моментот за практикување на социјално-претприемништво, затоа што: во тек е спроведување на  голем проект кој што сериозно ја подобрува социјално-претприемачката инфраструктура во земјава, во текот на оваа година ќе се донесе законска рамка со која ќе се регулира оваа област, кај најголемите донатори има интерес за финансирање на социјално-претприемачки активности и се зголемува свесноста во општеството за важноста, улогата и придобивките од ваквите активности.

„Сите наши досегашни проектни активности биле важни во одреден момент, и сите придонеле за растот и промоцијата на активностите на здружението, но мислам дека проектов кој го спроведуваме во моментов (проектот HOPE / Help tO People Empowerment). Ни овозможи соработка со големи партнерски организации од земјава, Грција и Италија, од кои можеме многу да научиме за социјалното претприемништво. Спроведувањето на проект од Ерасмус + програмата е сериозна референца во креирањето и претставувањето на образовни програми кои се насочени кон потенцијална реинтеграција на возрасни лица во потреба“, објаснува Стојановиќ.

Инаку, Дејан се запознал со херојот на нашата приказна, Саше Спасовски во 2019. година преку пунктот на Црвен Крст во Момин Поток, кој им пружа  помош и поддршка на бездомни лица, а ги запознала координаторката на пунктот, Драгана Лазаревска.

Инаку, иако Саше има средно стручно образование, со оглед на тоа што во текот на животот работел на повеќе различни позиции,има познавање на повеќе занаети и вештини (градежништво, моделарство, готвење). Кон средината на 90-тите заминал  во Америка во потрага по подобра работа и подобар живот и таму работел во повеќе компании, на повеќе позиции и бил доста успешен.

Во 2008. година, по појавата на светската економска криза, кога регионот каде што работел, државата Мичиген, била зафатена од голема рецесија, па Саше сметал дека, со стекнатите искуства подобро би се снашол во Македонија.

За жал, не бил во право. Преселбата придонесла за  разделба со неговата сопруга, а набрзо починала и неговата мајка со која живеел тука.

Поради административни причини, останува без семејниот имотот и станал бездомник. Преживувал брагодарение на организации кои нудат поддршка на маргинализираните лица од типот на бесплатни оброци, користена облека, привремени засолништа и слично.

„За жал, исклучително е мал бројот на иницијативи кои нудат структуриран и сеопфатен пристап кој води кон целосна реинтеграција на маргинализираните лица во сферите на општественото живеење. Со користење на повремена поддршка од Црвениот Крст и други организации, Саше почнува свој мал бизнис продавајќи половни предмети низ скопските пазари. Сепак, остварената финансиска заработка е недоволна за плаќање на кирии каде што би имал достоинствено сместување. Поради тоа, Саше во неколку наврати ги менувал

локациите каде што бил сместен. Непосредно пред да се запознаеме и да отпочнеме со соработката, Саше беше сместен во пунктот за бездомни лица „Чичино село“ во Сарај. Пред да отпочнеме со континуирана соработка, Саше го поканивме во неколку наврати да ни помогне во спроведување на некои

од активностите на здружението. Поради покажаната сериозност, посветеност, одлична комуникација со колегите, но и желбата за професионална надградба, на Саше му понудивме да стане член на здружението и да се приклучи на нашите социјално-претприемнички иницијативи. Неговата реакција беше смирена и исклучително коректна. Само кажа: ‘Ќе ја оправдам довербата!’. 

Еден од најголемите предизвици со кои Саше се соочувал во минатото е социјалната стигма. Со подобрување на неговиот професионален и материјален статус, здравствената состојба, но и личниот изглед, Саше е еден од (малкумината) припадници на магинализираните категориите кој успешно ја надмина неправедната дискриминација од околината“, ни раскажа Стојановиќ. Инаку, Саше нема проблем со споделувањето на својата животна приказна со сите што сакаат да ја слушнат и претставува вистински локален пример за лице кое одлично ја промовира желбата за промена кон подобро.       

Во текот на двегодишната соработка со „Ин Виво“ , членовите на здружението  се трудат да му помогнат на Саше целосно да се вклучи во заедницата.

„За ова користиме пристап што го нарекуваме „360º реинтеграција“, кој опфаќа:

набавка на неопходните медицински помагала (очила, протези), работен ангажман поврзан со нашето производство на биохумус, континуирана неформална едукација, активно учество на настани што ги организираме или на кои учествуваме и други активности кои ја забрзуваат неговата целосна и одржлива реинтеграција. До минатата година, активностите на Саше беа фокусирани на производството на биохумус, а од оваа година, на парцелите каде што се нашите производствени капацитети формиравме и мало продажно место, каде што тој самостојно ги организира повеќето од активностите.

Воедно, Саше е вклучен и во пренесувањето на знаењата за производство на биохумус на лицата кои се заинтересирани да отпочнат сопствен производствен процес“, вели Дејан.

Саше сега живее и работи во атарот на село Јаболци – скопско. Иако сѐ уште не е формално вработен, со средствата кои ги остваруваат од продажбата на биохумусот, подмирува најголем дел од своите потреби. Ако активностите се одвиваат според планот, од ноември годинава Саше треба да биде и официјално вработен во социјалното претпријатие кое што планираат да го отворат, а кое ќе понуди и нови производи и услуги.