Од Италија, преку Јужна Африка и Лондон, до фото-сесија од правење лутеница во скопско Тафталиџе

684

Нашата нова пријателка Кејт Каприо е фотографка за храна која првпат доаѓа во Македонија, а поводот е правењето фотографии за книгата за македонска храна што ја пишува нашата Спасиа Динковски. Првата фото-сесија беше, погодувате, онаа за приказната за семејните традиции за правење ајвар и лутеница.

Кејтлин Каприо е фотографка на храна која живее и работи во Лондон. Инаку, таа е Италијанка родум од Милано, порасната во Јужна Африка, а веќе 10 години живее во Лондон.

Нејзината работа како фотографка за храна,опфаќа различни ангажмани, па некогаш е тоа фотографирање на храна за ресторани и хотели, некогаш за книги за готвење, но секогаш е храна и пијалаци.

Вели дека со оглед на професијата, во принцип, секогаш јаде изладена храна. Тоа не ѝ пречи да ужива во вкусовите бидејќи е голема гурманка и, како што вели, нејзиниот одговор кога ќе ја прашаат дали сака да проба нешто е секогаш ДА.

Минатата година Кејт правела фотографии за книгата за јамајканска храна, која излегла под називот West winds. Автор на книгата е Риаз Филипс од Јамајка со кого се запознала за време на нејзиниот шестмесечен престој на Јамајка во 2018.година.

Кејт ни раскажа дека за време на пандемијата со ковид таа, како фотографка на храна најчесто ангажирана од рестораните, хотелите или лично од готвачите, се нашла во истата криза како и целата оваа индустрија, па морала да смисли начин како да си обезбеди начин и да заработи барем за храна. Им нудела на готвачите опција за размена, тие неа храна, а таа ним фотографии од истата.

„Тоа функционираше на овој начин, но обично добивав минималистички порции храна, се додека еден ден на мојата врата не се појави Спасиа со пет буреци. Ми кажа ако сакам да ги фотографирам, во ред, ако не, сеедно, да уживам во храната. Направив навистина одлични фотографии кои многу ѝ се допаднаа, а истовремено станавме и многу добри пријателки. Затоа сум среќна што токму јас ќе ги правам фотографиите за книгата, а патем и ќе уживам во сите овие вкусови од кои деновиве, речиси полудев“, се смее Кејт.

Инаку, иако викендов таа за првпат беше во Македонија, за само два дена веќе можеше да комуницира и да разменува неколку зборови на македонски. Вели дека за ова е заслужно тоа што пораснала како билингвалист, зборувајќи италијански и англиски, па сега многу лесно ги „лови“ и другите јазици.

Првиот бурек кој го пробала деновиве во Македонија бил бурек со маслинки и зденка, што пак, вели низ смеа нејзината и наша пријателка Спасиа, која на ова патување е и нејзина домаќинка и водич, е како да му понудите на Италијанец – пица со ананас.

Поводот за првото доаѓање на Кејт во Македонија, поточно во Скопје, е фотографирањето за приказната за нашите семејни традиции за правење ајвар и лутеница. Локацијата за оваа фото-сесија од која Кејт направи барем 1000 фотографии, беше дворот на госпоѓа Вера Бунтеска, во Тафталиџе 1. Истовремено, таа беше задолжена за голем дел од работите, но најважно, за контрола на квалитетот на сработеното, додека главниот мајстор за лутеницата беше нејзиниот внук Јане кој секоја година ја отвора сезоната за правење зимници во овој дел од градот.