Кој си е мераклија и во Америка прави зимница: Од ајвар до печи-гмечи и кисела туршија

1.147

Аница Клокановски или како што се нарекува самата, баба Анче, која повеќе од пола век живее во Детроит, Америка, преку својот јутјуб канал ги запознава Американците со голем број традиционални македонски јадења, а секоја година во ова време приготвува и зимница, од ајвар, печи-гмечи до кисела туршија

Иако има 68 години, а изгледа како да има најмногу 58, Македонката Аница Клокановски која пола век живее во Америка, својата Фејсбук страница и јутјуб канал на кој приготвува македонски рецепти, ја нарекла токму Baba Ance’s Kitchen. И додека многу жени избегнуваат да се нарекуваат себеси баби, госпоѓа Аница нема таков проблем бидејќи, како што вели, навистина е баба и оваа „титула ја оправдува дури 4 пати, а „титулата“ прабаба, засега само еднаш. Таа не се откажува од традицијата и готви по рецептите на својата мајка, а не се откажува ниту од правењето зимници, исто како да е во родното село Наколец, во Преспа од каде што заминала на свои 16 години.

Прво родителите ја испратиле кај вујко ѝ, кој живеел во Виндзор, Канада, а веќе на 17 години се омажила и се преселила во Детроит, во Америка. Минатата година прославила и златна свадба, осносно, 50 години во брак со својот Илија.

Фејсбук-групата каде што ги споделува своите рецепти ја отворила минатата година и таму доминираат старинските македонски рецепти, научени од нејзината мајка. Признава дека до денес со „старата мајка“ се консултира за гастрономијата и дека сè уште учи од неа.

Баба Анче ги запознава Американците со голем број традиционални македонски јадења, а прави и зимници па секоја година во ова време од нивниот дом во Детроит се шири и мирисот на печени пиперки и ајвар. Но тоа не е единствената зимница што ја прави.

„Потребно е долго време за да се направи, но вреди зашто е навистина многу вкусен.
Може да се купи и готов во македонските продавници, но не е ништо подобро од домашниот што ќе го направите сами. Годинава јас направив ајвар од 40 кг пиперки. Пола направив со модар патлиџан, а половина само со пиперки“, вели баба Анче во видеото.

Баба Анче го споделува и рецептот за „печи-гмечи“, како и оној за кисела туршија.

Со оглед на количината и на видовите на зимница што ги прави, претпоставуваме дека ќе има доволно за сите нејзини деца, внуци и правнуци.