Од панк-музичар до чоколадиер: Хрватскиот Вили Вонка направи чоколаден намаз со маст од црни свињи

Фото: Фејсбук
318

Првиот сплитски панкер и водач на групата „Народно благо“ во која гитара свирел Нено Белан („Џаволи“), денес произведува чоколади и зачини. Маринко Бишкиќ е и прв производител на крафт чоколади во Хрватска, а неговата компанија „Надалина“ извезува и во Шведска. По неговите намази со маслиново масло, сега го направил и најновиот деликатес – намаз од какао, лешници и маст од црни свињи.

На неодамнешниот фестивал на чоколадото во Опатија, Хрватска, имало триста слатки чуда, но чоколадниот деликатес на сплитскиот чоколадиер Маринко Бишкиќ, познат и како хрватскиот Вили Вонка, но и како Фон Бишкиќ, привлекол најголемо внимание. Станува збор за чоколаден намаз со маст од црни славонски свињи од фармата која ја основале славниот хрватски фудбалер Домагој Вида и неговите другари од детството.

Овој вистински Вили Вонка е сопственик на Надалина, компанија со седиште во Сплит (всушност фабриката е во Солин) која произведува крафт чоколади и различни зачини. Чоколадите на Надалина можете да ги најдете токму во срцето на Диоклецијановата палата.

За оние од вас кои досега не сте слушнале за Маринко Бишкиќ, тој беше еден од првите панкери на алтернативната музичка сцена од 80-тите во Сплит и сè уште свири со некои од најпопуларните музичари, како Нено Белан. Неговата приказна за тоа како од поранешен панк музичар станал чоколадиер е многу интересна.

Во едно свое интервју тој раскажува дека сето тоа се должи на неговата зависност од чоколадо.

„Го започнав бизнисот затоа што моите пријатели се шегуваа со мене поради мојата зависност од чоколадо. Порано, во времето на социјалистичка Југославија, кога сите одеа во Трст (Италија) за да купат фармерки, облека или цигари, одев и јас, но само за да купам чоколади што не се дистрибуираа во Хрватска. Не пијам алкохол, не пушам, но сериозно сум зависен од чоколадо!“, вели Бишкиќ.

Во исто време кога првпат почнал да експериментира со чоколадото, со својот бенд во студио го снимал и нивниот прв албум. Секојдневно одел во студио со ново чоколадо што ќе го направел претходно и им го давал на колегите од бендот да го дегустираат и да му ги дадат повратните информации. Шегувајќи се, на нив пишувал дека не се тестирани на животни, туку само на музичари. Така тој во исто време го направил својот прв албум со бендот, а во исто време ги создал и своите први чоколади (10 различни рецепти)!


Освен чоколади, тој е познат и по своите оригинални чоколадни намази со маслиново масло, со ракија, со рогач итн.

Маринко е човек кој вели дека е полн со идеи кои му се јавуваат веднаш штом ќе влезе во својата фабрика. Горд е на својот чоколаден намаз со маслиново масло, за кој многу експериментирал. Во многубројните интервјуа за хрватските медиуми вели дека е тешко да се произведе крем од маслиново масло во однос на конзистентноста, но дека е многу задоволен од тоа како излегол, во споредба со другите популарни намази како Нутела. Во него има околу 22% какао и 10% лешник што му дава многу интензивен вкус.

Велат дека секој што воопшто слушнал за Бишкиќ знае дека е тој и првиот што се осмелил да комбинира навидум неспоиви работи. Освен што е познат како Фон Бишкиќ и како хрватскиот Вили Вонка, тој важи и за најголемиот социјалист меѓу работодавците.

Неговиот најнов чоколаден деликатес, чоколадниот намаз со маст од црни славенски свињи, го нарекол „Намажи ме“ (Намачкај ме, Spread me).

Зборувајќи за овој новитет во хрватските медиуми раскажува дека многу од неговите производи се создадени од некоја шега, низ разговор со пријателите.

„Се наоѓаш со друштво, со твоите стари музичари, па за разлика од останатиот тим што раскажува настани од ЈНА, ние зборуваме за настани од концерти, за некоја наша младост. Вртиме носталгични филмови, но со весел тон“, изјавил Бишкиќ.

Вели дека носталгијата може да биде и убава и забавна, како и дека тој самиот е ретро тип. Исто како и неговата музика и неговиот имиџ, па и брендот.

Конкретно, за неговиот нов чоколаден намаз со маст од црни свињи ја нашол инспирацијата во своето детство, кога мајка му ќе му намачкала маст на парче леб, а ако сакал благо, му додавала и шеќер, па јадел на улица како и сите деца од неговото соседство.

Така, од тие спомени за детството поминато со леб и маст, почнал да размислува да се обиде да направи помодерна верзија на тој момент од своето детство. Секако, не помислил веднаш на маст од црни свињи туку почнал со обична маст, прво направил тест за да види дали ќе се чувствува мирисот на маста во намазот од лешник и какао.

Потоа експериментирал неколку месеци, за да види како ќе се однесува маста, дали на пример, може да ужегне, па како ќе се однесува во летните месеци, а потоа еден пријател му кажал да проба со поздрава маст, а тоа е таа од црните свињи и го поврзал со фармата на славниот Домагој Вида и откако се испоставило дека и без фрижидер сè е како што треба, почнал со дистрибуција и продажба.

Паралелно со својата успешна чоколадиерска кариера, Маринко никогаш не се откажал ниту од својата друга страст – музиката. Сè уште активно свири со својот бенд и со неговите пријатели. Пред три години, со Нено Белан ја снимил и песната „From bean to bar“, која е во основа рецепт или да речеме, приказна за тоа како зрното какао стасало до неговата фабрика, како го пече, како го меле и сета магија што се случува во фабриката за чоколади. Текстот го напишале и го снимиле и на англиски и на хрватски, а видеото е снимено во фабриката Надалина во Солин.