Порано се храневме без да мислиме многу дали е здраво или не, а потоа…

Потоа почнавме да му ја мислиме ... не било добро да се пржи, не чинело да се јаде месо, не чинело да се јаде ова, не чинело она... од 'бечки шницли', мекици и крофни пржени на зејтин, стасавме до полусварен или, не дај боже - до сиров зеленчук....

0
665

Кога бевме помали за време на викендите често не будеше мирисот на ‘тие си кисело млеко’… Така ги викавме пржените надуени тестенца кои внатре беа шупливи па си ги полневме – првите со сиренце, а другите со пекмез. Одлично одеа и со солено и со благо.

Во неделите често за ручек имавме таканаречени ‘бечки шницли’ или убави дебели ќофтиња кои ако останеа, следниот ден мајка ми ни ги ставаше во сос од домати и ни ги ‘шиткаше’ како тазе ручек.

А потоа, … е потоа сите почнавме да зборуваме за здрава храна.

Пржено? Никако!

Па така и јас…кутрото мое дете немаше да проба ништо пржено ако не беше баба му понекогаш да му направи нешто. Јас го хранев здраво…затоа кога одевме по гости пуздер ги правеше ордеверите што ќе ни ги послужеа…земаше само сувомеснато. Тоа што не видел по дома…

Па дури и крофните што обично мајка ми ги пржеше во длабок зејтин, јас ги правев во рерна. Не се лоши ни така.

Ама пред некое време сестра ми се сетила на тие со кисело млеко…ги направи, ги сликаше и ги стави на Фејсбук.

Епа и јас ги направив денеска. А за ручек – за ручек бечки шницли. Што сака нека биде…сум се зажелела за нездрава храна!