Посеано семето за инклузија и соработка: Mакедонските и српските региони ќе ја развиваат социјалната економија

177

Во рамки на првата конференција за промоција на прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија” во Лесковац, меѓудругото, беа раскажани успешните приказни на неколку социјални претпријатија. На пример, приказната за тоа како ајварот од Лебане стигнал до европскиот пазар и пошироко, како садењето пиперки и домати може да ги зајакне жените од регионот, колку е важна интеграцијата на поранешните затвореници преку работен ангажман (производство на биохумус), итн.

Во Стопанската комора во Лесковац-Србија, вчера (29 септември) се одржа првата конференција по повод промоција на прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”. На настанот се презентираа заклучоци од мапирањето на социјалните претпријатија во регионот, се изврши преглед на новодонесената законска рамка за солидарна економија во Србија и очекуваниот закон кај нас и се презентираа успешни примери на социјални претпријатија. Учествуваа претставници на релевантни локални и национални чинители, социјални претприемачи од нашата држава и од Србија, граѓански организации кои делуваат во полето на социјалната инклузија и социјалната економија.

Во воведното обраќање Наталија Симовиќ (директорка на програма за донации од Траг фондација) ги поздрави присутните и ги објасни целите на проектот со апел сите граѓани кои имаат идеја или веќе започнат мал, социјален или зелен бизнис да аплицираат на тековниот повик кој е отворен за граѓаните од прекуграничните региони и ќе трае до 10-ти октомври. Во рамки на воведниот дел експертот Милош Антиќ  од  Србија ја презентираше и „Мапата на екосистемот на социјалната економија“.

„Многу е интересно ова што го посочи г. Антиќ од истражувањето, што беше всушност и првата активност во проектот. Од самото истражување се гледа културолошкиот образец во (не)прифаќањето на ставовите кон претприемништвото и правењето пари, особено за средните и постарите генерации од двете земји и ставот кон (не)планирање на секоја следна активност. Граѓаните од двете држави мора да размислуваат за менаџмент, финансиска писменост, за заеднички поширок пазар, за солидарност и како да се бодрат едни со други“, изјави Јасмина Саид, координатор на проектот од АРНО.

На панелот насловен како „Развој и поддршка на социјалното претприемништво во Србија и С. Македонија“ учествуваа македонски и српски експерти: Барбара Садовска (претседател на фондацијата „Барка“ од Полска и тим лидер на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија во Северна Македонија“), Драган Среќковиќ (Коалиција за развој на солидарната економија-Србија), Ирина Јаневска (АРНО, Македонија) и Мирољуб Николиќ (Каритас Шабац и Секцијата за социјално претприемништво- Србија). Во рамки на овој панел се дискутираа законските рамки, локалните и европски искуства и можните предизвици со кои би се соочиле двете држави.

Во вториот панел „Успешни приказни на социјалните претпријатија – креатори на промени во Србија и Македонија“ свои инспиративни обраќања имаа Предраг Стошиќ од социјалното претпријатие  „Раданска Ружа “ од Лебане-Србија, Дејан Стојановиќ од „Ин Виво“ од Скопје, Ханс-Јерг Хамер од „БиоБалкан“- Австрија и Гордана Родиќ-Китановска од „SIEC“ од Скопје.  Присутните имаа прилика да слушнат како ајварот од Лебане стигнал до европскиот пазар и пошироко, како садењето пиперки и домати може да ги зајакне жените од регионот, колку е важна интеграцијата на поранешните лица лишени од слобода преку работен ангажман (производство на биохумус), како соработките ги инспирираат луѓето и колку е потребно и локалната самоуправа и општините да се вклучат во приказните кои зрачат солидарност, по примерот на вишеградскиот проект кој обединил здруженија и градоначалници од Вевчани, Велес, до Ниш (општина Палилула), па сѐ до Кробиа (Полска) и Ревфулоп (Унгарија). 

Во завршниот дел од конференцијата присутните имаа можност преку работа во групи да мапираат идеи и потенцијали за развој, да се запознаат и да остварат соработка. Македонската делегација се состоеше од претставници од постоечки зелени и социјални претпријатија и здруженија (Вајс груп, „Кози, млеко, планина“ од Раштак, Challenger, Слоу Фуд, Центар за климатски промени, SIEC, Ин Виво), медиумски работници, институции (Земјоделски институт- Скопје), професори од средното општинско училиште „Перо Наков“ од Куманово и млади од програмата RISE.

Проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ се спроведува во партнерство на здруженијата “АРНО” од Македонија, Оптимист од Република Србија и Tраг фондација (координатор) финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Македонија 2016-2020).