Посно мени: Паштета од ореви, ќофтиња од грав, колач со тофу

Фото: Unsplash
337

Дури и ако не сте веган само за време на постите, односно се храните вегански од некои други причини, сигурно понекогаш ви треба некоја нова идеја или барем поинаква варијанта за вашите оброци. Еве неколку предлози

Ако ја изгубивте инспирацијата за готвење посни оброци, еве неколку рецепти за посно мени кои ќе ви ја разбудат фантазијата и ќе го зголемат бројот на јадења кои ќе ги вклучите во вашата исхрана. За оние привремени вегани, кои постат за време на божикниот пост, но и за оние кои се вегани врз основа на други причини, здравствени, етички или еколошки. А овие рецепти се само доказ дека може да се направат многу вкусни оброци и без месо, но и генерално, без никакви животински производи.

Нашите предлози содржат паштета од ореви, ќофтиња од грав и овошен колач со тофу. Се надеваме дека сите рецепти ќе ви послужат како инспирација и дека ќе уживате во нив.

Паштета од ореви
Состојки:

200 г мелени ореви
зачин од мешан сув зеленчук
сол

црн пипер

лук
сенф
вода

Приготвување:

Попарете ги со малку врела вода оревите, зачинот од зеленчук и солта, за да добиете густа паста, додадете црн пипер, пасиран лук, малку сенф и сè добро измешајте.
Паштетата најдобро одговара со домашно лепче или со двопек.

Ќофтиња од грав:
Состојки:
грав
масло
праз
сусам

сол
црн пипер

Приготвување:
Гравот исцедете го и добро изгмечете го со раце или со гмечалка за пире. Посолете и направете топчиња (ќофтиња).
Исечкајте го и пропржете го празот на масло, додадете црн пипер и лук и распоредете го во тепсијата за печење.
Одозгора наредете ги ќофтињата од грав, по желба пороете со сусам, поклопете и печете.
За време на печењето проверувајте да не изгорат ќофтињата.

Овошен колач со тофу сирење
Состојки:
400 г тофу сирење
75 г кафеав шеќер
половина лажичка екстракт од ванила
125 г маргарин
рендана кора од лимон
40 г пченкарен скроб (густин)
100 г замрзнати бобинки

Приготвување:
Омекнете го маргаринот на собна температура.
Во сад за матење ставете парчиња тофу сирење, додадете кафеав шеќер, рендана кора од лимон, пченкарен скроб, маргарин, екстракт од ванила и измешајте со миксер.
Кога смесата ќе стане подеднакво кремаста, истурете ја во калап (со дијаметар од 20 сантиметри) обложен со мрсна хартија и израмнете ја со шпатула.
Замрзнатите бобинки одмрзнете ги, добро исцедете ги, распоредете ги врз колачот и печете во рерна загреана на 180 степени околу 50 минути.
Изладете го колачот, исечете го на парчиња и послужете.