Нутритивниот квасец е новата ѕвезда на здравата исхрана: Може ли овој прав навистина да помогне против исцрпеноста?

Фото: Принтскрин
28

Популарниот жолт прав со вкус на сирење е богат со витамин Б12 и протеини, но експертите предупредуваат дека не е погоден за секого

Жолт прав со вкус што потсетува на сирење во последниве години стана омилен додаток во кујните на љубителите на здравата исхрана и инфлуенсерите на социјалните мрежи.

Нутритивниот квасец (nutritional yeast) е деактивирана форма на квасецот што се користи за правење леб и привлече голем број фанови на интернет, а гурманите на Инстаграм го користат во речиси секое солено јадење, без разлика дали се додава во салати, маринади, сосови за тестенини и бројни други солени јадења.

Најчесто го користат вегетаријанци и вегани како замена за вкусот на сирење.

Популарниот готвач Џејми Оливер го користи во својот вегански рецепт за макарони со сирење, а бројни инфлуенсери на Инстаграм и Тик-Ток редовно ги истакнуваат неговите здравствени придобивки.

Што е всушност нутритивен квасец?

Нутритивниот квасец се продава во форма на прав, снегулки или капсули. Се добива со ферментација на пивски квасец (Saccharomyces cerevisiae) во стерилни услови, со кислород и меласа како извор на храна за микроорганизмите.

По ферментацијата, квасецот се суши и термички се обработува за да се деактивираат живите клетки. Во многу производи дополнително се додаваат витамини од Б-комплексот, особено витамин Б12.

Токму термичката обработка му го дава препознатливиот кремаст вкус што потсетува на сирење. За неговата популарна „умами“ арома придонесува и аминокиселината глутамат, која природно се наоѓа и во месото и некои видови печурки.

Дали е навистина здрав?

Според нутриционистите, нутритивниот квасец има неколку значајни предности.

Една лажица содржи само околу 35 калории и речиси воопшто нема масти, шеќери или сол. Истовремено е богат со витамин Б12, кој му помага на организмот да ја претвора храната во енергија.

Недостигот на Б12 може да предизвика изразен замор, слабост и проблеми со концентрацијата.

Една лажица нутритивен квасец содржи околу 7,1 микрограм витамин Б12, што е речиси петпати повеќе од препорачаната дневна количина за возрасен човек.

Ова е особено важно за веганите и вегетаријанците, бидејќи витамин Б12 природно најмногу се наоѓа во месото, рибата, јајцата и млечните производи.

Покрај тоа, една лажица обезбедува и количина протеини споредлива со онаа во една поголема белка од јајце, што може да помогне подолго да се чувствувате сити и да го поддржи развојот на мускулите.

Нутритивниот квасец содржи и растителни влакна, а многу производи се збогатени со железо, цинк, калиум, хром и фолна киселина.

Кој треба да биде внимателен?

Иако генерално се смета за безбедна намирница, не е идеален за сите.

Лицата кои страдаат од синдром на нервозно дебело црево може да почувствуваат надуеност и гасови поради несварливите влакна што ги содржи квасецот.

Експертите предупредуваат и дека некои производи содржат многу високи количества витамини од Б-комплексот, па луѓето кои веќе земаат додатоци во исхраната со Б-витамини треба да внимаваат да не претераат.

Преголем внес може да предизвика стомачни тегоби, осип на кожата и промени во крвниот притисок.

Дополнително, нутритивниот квасец содржи тирамин – соединение што кај некои луѓе може да предизвика мигренозни напади.

Како да го користите?

Нутриционистите препорачуваат нутритивниот квасец да се користи како поздрава замена за пармезан во домашни песто сосови и сосови за тестенини.

Одлично се комбинира и со печен коренест зеленчук, салати, супи и варива, додавајќи богат вкус без многу калории.

Иако не е чудотворна намирница, експертите се согласуваат дека нутритивниот квасец може да биде корисен додаток во разновидната и балансирана исхрана, особено кај луѓе кои внесуваат малку производи од животинско потекло.