Прво се вљубил во Охрид, а потоа во Лејла: Турчинот Акин Сезер е омилениот охридски зет и производител на органска храна и зимници

4.635

Акин Сезер, родум од турскиот град Ајдин, првпат дошол во Охрид службено и кога во 2012 решил да остане, немал тука ниту роднини, ниту пријатели. Сега има сѐ, сопруга, осумгодишен син и земја на која одгледува органски зеленчуци од турски семиња и македонски специјалитети со необични додатоци.

Акин Сезер е роден во турскиот град Ајдин и кога во 2012 решил да се пресели во Охрид каде што дошол службено, немал тука ниту роднини, ниту пријатели. Сега има сѐ. Се запознал со охриѓанката Лејла, Турчинка со македонско државјанство, оформил семејство, има осумгодишен син и произведува органски зеленчуци од турски семиња и македонски специјалитети со необични додатоци. Патем, тој е омилениот охридски зет и во оваа деценија откако живее во Охрид, стекнал многу пријатели и соработници, а донел и многу туристи од родната Турција.

Се смета себеси за добар прогнозер на состојбите и вели дека никогаш досега не згрешил во проценките.

„Ја сфатив економската и политичката криза во Турција пред 10 години и се населив во Македонија. Последните 5 години економската и политичката криза се насекаде низ светот и ќе траат најмалку уште 5 години. Затоа, минимизирајте ги потребите во вашиот живот, ако имате можност, направете си градина и произведувајте за сопствените потреби или пазарувајте од локалните производители и избирајте производи кои се произведени тука, во земјава. Не чекајте да се разболите или да добиете деца за да почнете да се храните здраво и со органска храна. Под итно зголемете ја потрошувачката на зеленчук и овошје барем за 3 пати, бидејќи месото е најлошата храна што го зголемува ширењето на ракот…Нахранете домашно милениче или оставете вода и храна на соодветни места за бездомните животни и бидете нивниот најдобар пријател. И секако, почитувајте ја природата затоа што таа почнува да ни се одмаздува заради нашето непочитување“.

Вака започна нашиот разговор со господин Сезер.

За претците, за Турција и за преселбата во Охрид

Овој натурализиран охриѓанец се школувал во родниот град Ајдин и дипломирал на факултетот за локална самоуправа и политика. Си заминал од дома по отслужувањето на воениот рок кога почнал и неговиот професионален живот. Живеел на различни места, во Анкара и Истанбул, а потоа во Ајвалик, но заради работата многу патувал и во други градови и земји.

„Моите семејни записи се многу стари. На пример, имаме 400-годишна историја од мајчината страна во градот каде што сум роден, но во Македонија немав никого. Дојдов тука службено во 2011 и 2012 година и многу ми се допадна Охрид. Затоа веќе во јуни 2012 година донесов храбра одлука да се преселам тука и тоа и го направив на 3 септември истата година. Кога првпат му кажав на моето семејство за одлуката да се преселам во Македонија, мајка ми мислеше дека се враќам заради бизнис. Таа е навикната на тоа затоа што често патував и се селев заради работата, но не претпоставуваше дека ова ќе биде на долги стази. Неколку месеци откако се доселив ја запознав мојата сопруга Лејла и се венчавме. Нејзиното семејство секако ми постави многу прашања за тоа зошто сум одлучил да се преселам тука и јас морав да им објаснам, но брзо ме прифатија. Мојата сопруга и нејзиното семејство се македонски државјани со турско потекло и се многу фини луѓе па за кратко време почнавме многу добро да се сложуваме. Сега тука имам многу пријатели“, раскажува нашиот соговорник кој е веќе препознатлив лик во охридската чаршија и омилен охридски зет.

Производство на органски зеленчук и традиционални производи со оригинален печат

Тој првично основал во Македонија туристичка агенција и носел туристички групи од Турција, а неговиот прв слоган бил: „Македонија е многу повеќе од она што го гледате низ прозорецот на автобусот“.

„Спроведував инвестициско-консултантски и проекти поврзани со туризмот, но 4 години откако се роди син ми, сфатив дека не можам да поминувам доволно време со него и одеднаш ја тргнав целата работа настрана и отворив продавница за храна и мезиња кои можам сам да ги подготвувам и да ги послужувам. Ми требаше зеленчук бидејќи правев специјални турски мезиња и јадења, па решив да изнајмам земјиште и да почнам самиот да се занимавам со органско земјоделие. Ја зголемив површината на мојата земја и сега произведувам самиот зеленчук и со него правам традиционални македонски специјалитети на кои им додавам малку свој стил. Правам ајвар, лутеница, малиџано, пинџур и макало, но малку поразлични од традиционалните. Вкусовите кои ги произведувам засега привлекуваат големо внимание. Видов како се прави ајвар и други сосови од многу луѓе и почнав да ги правам, но како што реков, создадов поинаков стил користејќи различни зачини. На пример, само кај мене има макало со артичок и аспарагус“, вели Сезер.

Неговите во Турција биле изненадени од одлуката да се занимава со земјоделие, затоа што никој во неговото семејство не работел во оваа дејност.

„Потребен е голем труд и знаење за да се најде старо семе, да се донесе до фиданката, да се засади и да се заштити, а потоа да се добие органски производ. Имам пријатели кои ги познавам во Турција кои се посветени на оваа работа и се консултирав со нив за сè, а сите мои семиња се семиња од претците кои ги собрав од Турција едно по едно. Артичок, боранија, грашок, грав, бамја, разни домати, пиперки, модар патлиџан.
Но, ова не е најтешкиот дел од работата. Знаете што е најтешко? Наоѓање и управување со работници. Тоа беше мојот најголем проблем. Како решение повикав волонтери и во моментов ми помагаат тројца волонтери, сите од различни земји. Заедно собираме зеленчук, ја копаме градината и правиме пинџур и други специјалитети“, објаснува Сезер.

Осумгодишен асистент и преведувач

Неговиот син кој веќе има 8 години му помага во градината, а му се наоѓа и како преведувач. Имено, Сезер вели дека ги подзаборавил англискиот и германскиот јазик, а неговиот син кој учи македонски од градинка, а дома со родителите зборува турски, одлично зборува дури три јазици.

„Во моментов, тој може да зборува 3 јазици како да му се мајчин јазик, за турски сум му јас најдобриот учител, а за англискиот правиме вежби и кога имаме време гледаме заедно филмови без превод“, гордо ни раскажа Сезер.

Најголемиот дел од неговиот зеленчук го продава директно од нива, а ни откри и дека некои скопски ресторани купуваат зеленчук од него, па како што вели: „ве хранат со органски зеленчук без да ви кажат“. 
Другите производи што ги прави можат да се нарачаат само директно од него бидејќи се во мали количини за да ги пласира во продавници.

Вели дека откако станал член на движењето Слоу фуд во Македонија, кое го следел и од Турција, многу луѓе во Македонија почнале да ја препознаваат неговата фарма.

Најмногу ужива во заедничкото готвење со неговиот син, иако е тоа обично обврска на Лејла.

„На почетокот ѝ дадов добар курс“, се смее Аким и додава дека тој и син му готват само повремено и кога треба да се подготви нешто посебно. Најчесто на менито имаат јадења направени од нивниот зеленчук, а редовно имаат супа и салата.

Признава дека пред неколку години помислил со семејството да се врати во Турција бидејќи бил исплашен од здравствениот и образовниот систем, но во договор со сопругата се откажале од тоа и, вели, научиле да се грижат самите за повеќето свои потреби.
„Често одиме во Турција, а со оглед на тоа што имам големо семејство, никогаш не ни недостасуваат гости. Донесов многу туристи во Македонија. Моите браќа, пријатели и роднини често доаѓаат тука, но доаѓаат и луѓе кои не ме познаваат бидејќи приказните за луѓето како мене секогаш привлекуваат внимание и будат интерес“, завршува со муабетот Сезер, еден од најведрите и најомилените ликови во сега веќе и неговиот Охрид.