Како да се продаде приказната за јадењето? Врвни кулинари на семинар во Охрид ќе ги откријат тајните на занаетот

161

Како да се намалат трошоците во кујна, но и колкави треба да бидат порциите, Како да се создаде сезонско мени со локални состојки, но и како да се создаде бренд во угостителството и многу други тајни од светот на гастрономијата ќе откријат на дводневниот семинар кој почна денес во Охрид великаните на светската и балканската кујна

На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак и Општина Охрид, денес и утре (9-ти и 10-ти октомври) се одржува дводневен гастрономско-едукативен настан.

На настанот ќе гостуваат, но и ќе споделат нешто од своето знаење врвни готвачи и мајстори на занаетот од Балканот и светот.

Денот започна со словенечкиот шеф Изток Легат кој објаснува како да се намалат трошоците во кујната, за позицијата на директорот за храна и пијалаци, но и нешто повеќе за тоа што е бранч и кога се служи?

Денот продолжува со легендарниот Стево Карапанџа од Хрватска кој зборува на тема: Организација на работата во кујната, комуникација помеѓу келнерите и готвачите, примери, искуства и што е потребно за да се дојде до врвна услуга.

Тајните за создавањето на сезонско мени со локални состојки ќе ги сподели германскиот шеф Уве Мишел, кој ќе раскаже и како готвачот и келнерот треба да ја продадат приказната за јадењето.

За најновите трендови во угостителството, високата гастрономија и бистрономијата ќе зборува Жељко Невен Бремец од Хрватска, а тајни на успехот во готварството и во создавањето свој бренд-ресторан или хотел ќе ги открие Русинот Дон Давид.

Хрватската кулинарска ѕвезда Драгица Лукин ќе зборува за карактеристиките на балканската кујна, идентитетот на дестинацијата, гастрономијата, традицијата и културата како инструменти во создавањето на гастрономски идентитет и воопшто, за тоа како да се создаде бренд во угостителството.

Нашиот Асан Даутовиќ ќе одржи предавање за келнери, правила, предлози, што треба да се знаат, вештини, искуства, хотелско работење и сѐ што спаѓа во него.

Следниот ден, 10 октомври (четврток) е можеби и уште поинтересен бидејќи ќе биде исполнет со мастер класовите на шеф Драгица Лукин од областа на пекарството и слаткарството и на шефовите Жељко Невен Бремец и Хамид Хаџиќ за тоа како да се добие специјалитет на куќата, со локални производи.

Денес на прес-конференцијата за новинарите ќе се обрати и портпаролката на Гастромак Вања Тодоровска, доц. д-р Климент Наумов, раководител на катедрата по гастрономија при ФТУ-Охрид и д-р. Кирил Пецаков, градоначалникот на Општина Охрид.

Теоретските и мотивационите предавања на познатите кулинари од светската и балканската гастрономија се наменети пред сѐ, за студентите, но и за пошироката јавност и сите оние кои имаат среќа овие два дена да бидат во убавиот Охрид.